Македонското културно наследство на изложба во Утрехт
9 февруари 2011На изложбата која претставува најголемо презентирање на богатото македонско културно наследство надвор од Македонија, како по вредностите, така и по обемот, се претставени експонати од најзначајните збирки на икони од Република Македонија, од НУ Музеј на Македонија и од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид (Галерија на икони).
Изложбата ја збогатуваат и извонредни археолошки артефакти од праисторијата и од античкиот период, како и други исклучително значајни предмети од збирките на нашите музеи. Станува збор за 62 археолошки предмета, 6 примероци од оригинални фрагменти од средновековен живопис, 52 икони и 39 литургиски предмети.
Посебно за издвојување се култните жртвеници од раниот неолит со претстава на Големата Мајка – Земја, извонредната фигурина Адам од Говрлево од четвриот милениум п.н.е., исклучителните наоди од локалитетот Плаошник пронајдени во текот на неодамнешните археолошки истражувања во Република Македонија, како и Златната маска пронајдена на Самуиловата тврдина во Охрид, можеби најзначајниот археолошки наод од поновата археолошка историја на нашата земја. Дел од овие наоди првпат се изнесуваат и изложуваат надвор од Република Македонија.