Македонските компании во потрага по работници
24 октомври 2019Проблемот е повеќеслоен, велат соговорниците на Дојче Веле. Главните столбови на проблемот почиваат на демографската неповолност, неатрактивноста на стручното образование и иселувањето на граѓаните, пред сè на младите, работоспособни кадри.
Повеќедецениската традиција на компанијата, стабилноста на работното место, можноста за напредување веќе не се атрактивни за младите. Поголем дел од нив попрво би работеле иста или потешка физичка работа во странство отколку дома. Има и такви кои си ја пробале среќата надвор од Северна Македонија, но повторно се вратиле и побарале од своите стари газди да бидат вратени на работа. Флексибилни сме, велат претставниците на компаниите, за добрите работници вратите се секогаш отворени. За жал, не сме доволно економски моќни за да им ги обезбедиме условите што ги бараат, но истовремено не можеме ниту да ги држиме со сила, признаваат тие.
„Доколку ние побрзо работиме на покачување на платите и на покачување на генералниот животен стандард во државата, мислам дека имаме добри шанси да ги задржиме работниците и да ги задржиме младите да не си одат од нашата држава“, смета Сами Морина од „Бас тути фрути", компанија за производство на ПЕТ-амбалажа.
Оваа тенденција е и една од главните причини зошто македонските компании не можат да ги зголемат своите капацитети на работа, а со тоа и да го зголемат извозот, соработката со странски компании, но и целокупниот економски раст во земјата, што го покажува и истражувањето „Надминување на јазовите меѓу домашните мали и средни претпријатија и мултинационалните компании во РМ“ на Центарот за управување со промени. Истражувањето е спроведено меѓу 70 мали и средни претпријатија поделени во 10 области, меѓу кои металопреработувачка, текстилна, прехранбена индустрија, градежништво и други.
Наводите во истражувањето покажуваат дека постои голема флуктуација на работната сила, не само од компанија до компанија во земјата, поради поголемата апсорптивна моќ и подобрите услови за работа во странските компании, туку и поради иселувањето на обучениот кадар.
„Веќе е добро познато дека Германија е една од најпосакуваните дестинации, посебно во делот на производството и металопреработувачката индустрија. Меѓутоа, голем дел од кадрите заминуваат и во соседните земји, како што се Бугарија, Грција, доста сезонски вработувања има и во Италија и во другите земји во Европа“, вели Јасна Пајковска, координатор на проект во Центарот за управување со промени.
Соработка со средните стручни училишта, пракса за студентите од техничките факултети, но и стипендии за дообразование на младите кои сакаат да работат во производството се само дел од начините на кои компаниите се обидуваат да привлечат нов кадар.
„Соработуваме со Машинскиот факултет и со средните технички училишта. Преку Македонската асоцијација на металната и електро индустријата (МАМЕИ) правиме многу иницијативи за привлекување млад кадар кој би се запишал во тие технички училишта и очекуваме дека ваквите активности ќе дадат резултат“, вели Кристина Росалиа, менаџер за квалитет во „Свемек“ , компанија за производство на машински делови, алат и услуги.