1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот парламент треба прво да спроведе своја истрага за несреќата на претседателот Трајковски

Тони Гламчевски23 ноември 2007

Интервју на Дојче Веле со Андреас Грос, швајцарски парламентарец кој подготви извештај за несреќата во која загина македонскиот претседател, Борис Трајковски и осум други лица

https://p.dw.com/p/CSNP
Остатоците од урнатиот авион во кој беше претседателот Борис ТрајковскиФотографија: AP

Господине Грос, во вашиот извештај, кој беше прифатен од Бирото на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Вие сметате дека најверојатно падот на авионот во кој животот го загуби претседателот Борис Трајковски е несреќен случај, но и дека постојат „загрижувачки“ пропусти кои го оправдуваат продолжувањето на истрагата.

Грос: “Тоа е прашање кое е многу тешко да се одговори во едно интервју за радио, потребно е да се прочита извештајот, кој сега е јавен и е достапен на интернет страниците на Советот на Европа, а јас ќе го ставам и на мојата интернет страница. Се надевам дека извештајот ќе биде пренесен во целост од весниците. Можам само да кажам дека има огромен број противречности и недостиг на сериозност во официјалната истрага. Остануваме гладни, бидејќи многу прашања остануваат отворени. Можеби тоа беше несреќа, но ако беше несреќа тоа треба да се докаже на поубедлив начин за тие кои се сомневаат во државните власти, да прекинат со сомневањата. Постои исто така можност дека НАТО направил грешка, дека во несреќата се вмешани и се одговорни трети лица, тоа треба да се испитува. Бидејќи една истрага треба да одговори на прашања, а не да отвора нови прашања, ова е во надлежност на државните власти. Сега се надевам дека македонскиот парламент ќе се погрижи за ова и Советот на Европа ќе направи сé за да го поддржи македонскиот парламент. Но, Советот на Европа не може да го направи она што треба да го направи самиот парламент и народот на Македонија.“

Вие советувате да биде создадена истражна комисија во македонскиот парламент, за да се разјаснат околностите на несреќата?

Грос: “Бирото во целост се согласува со идејата на извештајот, односно најпрво да се повика парламентот на Македонија да создаде сопствена истражна комисија и самиот да направи своја сопствена истрага. Тоа не само што е коректно, туку тоа е и апсолутно нормално во една парламентарна демократија. Можеме само да се запрашаме, зошто сеуште тоа не го имаат направено. Многу е важно тие самите да направат истрага, за да остават впечаток дека тие раководат со операцијата и дека тоа не им е наметнато однадвор. Тоа е елемент кој ќе ги зацврсти демократските парламентарни институции на земјата. Исто така, тоа е инструмент за зацврстувањето на довербата во земјата, бидејќи нема ништо полошо од тоа, кога никој не му верува на никого, кога сите се сомневаат во сите. Ова е недостојно за една демократија, треба да се направи сé за да се промени тоа.

Која ќе биде вашата улога?

Грос: “Мојата улога ќе биде да ја поддржувам македонската комисија, грижејќи се за сите аспекти кои се однесуваат на Босна и Херцеговина, аеродромот во Мостар и офицерите од тајните служби кои беа на местото на несреќата пред македонските претставници. Јас разговарав со босански граѓани кои видоа нешта, пред да пристигнат екипите од Македонија. Од друга страна, јас ќе се погрижам и за НАТО, што претставува проблем за Македонија, бидејќи Македонија не сака да направи ништо, со што би ги намалила нејзините шанси за членство во НАТО, нешто за што имам разбирање. Треба да се знае дека НАТО е сојуз на демократски земји. Демократијата живее од вистината и не треба да се има страв да се побара вистината, па дури и кога се нарушува личната перспектива да се влезе во НАТО. Јас ќе направам сé за да им ја олеснам токму оваа работа.

Пресреќен бев кога претседателот на македонската парламентарна делегација при ПС на СЕ, кој не и припаѓа на мојата партија, во целост го поддржа мојот пристап, кој беше поддржан и од сите други членови на Бирото на ПС на СЕ.“

Дали постои подготвеност за соработка кај НАТО?

Грос: “Да, ние имаме писма од американските власти, кои не се без значење, според нивната важност во НАТО. Тие сакаат да се дознае целата вистина дали се направени грешки. Стандардите на Европските стандради и тие на САД, не дозволуваат да се кријат грешките. Бидејќи, ако се кријат грешките, не само што се прават уште поголеми грешки, туку и се повторуваат истите. За да се спречат нови грешки, потребно е да се отворат извештаите и да се признаат грешките. Тоа се елеменети кои придонесуваат за изградба на довербата која недостига многу. Како што реков пред малку, големи се проблемите на една мала земја како Македонија, која има тешкотии да изнајде заеднички идентитет, што ќе и дозволи да се спушти на земја и да пронајди позитивна иднина.“

Дали е утврден рок за создавање на македонската истражна комисија?

Грос: “Не, тоа сега е нивна работа. Требаше да се сочека одлуката на Бирото на ПС на СЕ, потоа тие самите ќе треба да одлучат. Ние нема да ги натераме да брзаат, бидејќи тоа може да предизвика страв. Кај нив постои и едно друго стравување. Знаете, главниот приоритет на сите во Македонија е да стане членка на НАТО, и никој не сака да направи нешто со што би се намалила таа шанса.“

Дали вие г-дине Грос ќе бидете член на таа Комисија?

Грос: “Нема да бидам член на таа Комисија, јас не сум член на македонскиот парламент за да бидам нејзин член. Јас само ќе го пренесам тоа што беше одлучено на Бирото и што се дискутираше на Комисијата за политички прашања на ПС на СЕ. Бирото ми даде мандат да ја придружувам и поддржувам истражната комисија на Република Македонија и да ги следем двете писти кои се предложени во извештајот едната кон босанските власти и другата кон НАТО. Македонија така ќе може да му се посвети на делот за кој е директно одговорна. Односно се што се однесува на техничките и политичките прашања кои се во надлежност на властите од Скопје.“

Дали вие ќе изработите нов извештај за кој ќе се расправа во ПС на СЕ во Стразбур?

Грос: “Се ќе биде завршено со еден извештај, кој потоа ќе го претставам пред ПС на СЕ. Но тој извештај ќе биде финализиран само откако ќе биде познат извештајот на истражната комисија на македонскиот парламет. Значи македонскиот извештај ќе биде клучниот елемент на мојот иден извештај во кој ќе бидат опфатени сите други аспекти.“

Значи, сегашниот ваш извештај Г-дине Грос ќе послужи како основа за работа на идната македонска истражна комисија за расветлување на околностите во кои загина претседателот Трајковски и осумте други лица ?

Грос: “Да, но по еднонеделната посета на Скопје, по средбите со триесетина личности и по читањето на официјалниот извештај за несреќата, мислам дека има уште многу други прашања на кои моите колеги парламентраци од Македонија ќе се обидат самите да одговорат.“