1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска „шведска маса“ за вирусот

16 октомври 2020

Граѓаните се сомневаат дали е во прашање доцнење и неефикасност на мерките или тивко спроведување на „шведско сценарио“.

https://p.dw.com/p/3k0O1
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува за нови мерки, а министерот за здравство Венко Филипче најави дека тие би вклучувале рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени компании и секаде каде што се смета дека има ризик. Дел од мерките може да се однесуваат само за одредени општини, а дел да важат на територијата на целата држава. За воведување полициски час министерот смета дека во овој момент сè уште е рано.

Граѓаните не се сигурни дека се избираат вистинските мерки за превентива од Ковид-19.

„Зошто дури денеска ќе се се расправа за рестрикции во јавниот превоз? Зошто тоа не се направи порано, кога граѓаните секој ден алармираа дека автобусите се преполни, дека нема никаква можност за дистанца. Особено, ако беше јавно кажано дека дел од другите, претходно предложени мерки, не може да се спроведат без да се извршат законски измени. За тие измени треба време, а сега на дневен ред е ребалност на буџетот. Од друга страна, пратениците не можат да се договорат дали ќе заседаваат со физичко присуство, комбинирано или онлајн, во време кога никој не може да предвиди дали колку од нив може да бидат засегнати од вирусот -заразени или во изолација поради контакт со заразено лице. Се вртиме во круг, а бројките вртоглаво растат. Ако бројот на новодијагностицирани продолжи со ваков раст, не верувам дека и евентуално проширени капацитети за хоспитализација ќе бидат доволни по две-три недели. Дај боже да грешам“, вели пензиониран лекар од Скопје.

Заради бројките од последниве денови, и родители се двоумат дали да ги носат децата во градинка или на училиште.

„Азбука може да се научи и со задоцнување, но изгубено здравје не се надоместува“, вели мајка на првооделенец.

На пат кон „илјадарка“

Дали е во прашање доцнење и неефикасност на мерките, или тивко спроведување на „шведско сценарио? Ова се дилемите и стравувањата во јавноста по вчерашниот рекореден и загрижувачки биланс од  535 заразени, или 21,8 отсто од тестираните.

На оценката за реалната состојба влијае и чекањето за тестирање, но и на резултатите, проблем кој треба да биде надминат со брзите тестови од кои првите количини се очекуваат во наредните денови како донација. Поради зголемениот обем на работа на епидемиолозите во последниов период, доцнат и дневните извештаи за новодијагностицирани кои почнаа да се објавуваат навечер. Планирано е да се ангажираат студентите од завршната година на Медицинскиот факултет за да помагаат во центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети.

Повеќе:

Македонија во политички грч пред вториот бран на Ковид

Рекорден број новозаразени од коронавирус, Филипче најавува нови рестрикции

Корона-криза: Леб или живот?

Се ситнат болничките и кадровски капацитети за лекување на Ковид-19

Иако не е познат официјален податок колку во моментов изнесува репродуктивниот број (R), кој покажува колку луѓе во просек се заразуваат од еден инфициран, според неформални проценки тој се движи меѓу 1,2 до 1,5, што значи дека билансот веќе утре може да стане четвороцифрен.

Од земјите во регионот, Бугарија веќе се движи кон „илјадарка“ со 914 новодијагностицирани за последните 24 часа, или 14,4% од вкупно 6.324 тестирани, и со биланс од 15 починати. Зад неа е Хрватска со вчерашните 748 новоинфицирани, а министерот за здравство не ја исклучи можноста дневно да има и повеќе од илјада новозаразени. Следи Словенија, која по вчерашните 745 нови случаи, воведе построги мерки, кои вклучуваат настава на далечина, забрана за движење меѓу региони, ограничувања на собири, задолжително носење маски во зоните на „црвената листа“. Австрија, каде дневниот раст на заразени вчера достигна 1.552 случаи, донесе одлука за воведување прв карантин во место со 7.000 жители во близина на Салзбург, каде состојбата „излегла од контрола“. Според австрискиот министер за здравство, капацитетите во Салзбург се приближуваат кон крајните граници, а ако продолжи експлозивниот експоненцијален бран лимитот ќе биде исполнет 10 до 13 дена.

Во Франција дневната бројка на заразени го надмина прагот од 30.000 со последните 30.621 нови случаи, во споредба со 22.591 од претходното деноноќие. Воведен е полициски час во Париз и сите поголеми градови Марсеј, Лион, Монпеље, Лил и Тулуз.

Европската канцеларија на СЗО вчера препупреди дека рапидно растечкиот број на новозаразени во Европа е загрижувачки.

„Дневните бројки на новозаразени се во пораст, исто како и бројките на хоспитализирани. Ковид-19 стана петта причина за смртност во Eвропа, достигнавме бројка од 1.000 смртни случаи на ден“, изјави регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.

Подготовки за вакцината

Европската комисија ги повика земјите-членки да започнат со работа за да се осигурат дека откако вакцината ќе биде одобрена од Европската агенција за лекови, тие ќе можат правилно да ја чуваат и транспортираат, но и да имаат квалификувана работна сила и опрема потребни за постапката.

„Безбедната и ефикасна вакцина е наш најдобар обид да се победи коронавирусот и да се врати во нормален живот. Ако сакаме вакцинацијата да биде успешна, треба да се подготвиме сега“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Сите земји-членки ќе имаат истовремен пристап до одобрената вакцина, а дозите ќе бидат распределени врз основа на големината на населението. Со оглед дека првите дози ќе бидат ограничени пред да се зголеми производството, ЕК препорача да се даде приоритет на одредени групи - здравствени работници, лица постари од 60 години, лица со попреченост и ранливи социо-економски групи.