Македонската „несовршена“ демократија
12 февруари 2022Штотуку матуриравме од „хибриден режим“ во „несовршена“ демократија и сега сме на пат да се вратиме во старото друштво.
Изминативе денови, сведоци сме на (не)функционална парламентарна демократија на македонски начин со партиски зачин. Комисиски мнозинства блокираат собраниско мнозинство. Што ќе се случува кога улогите ќе се заменат? Дали ова ќе стане правило? Избравме пратеници за да имаме функционално Собрание, а не зелено пазарче, кое си го имаме во секое маало. Имало и ќе има собраниски мнозинства од различна провиниенција, а опозицијата има право да изрази несогласување во рамки на собраниските механизми кои се на располагање, но и обврска да не го нарушува нормалното функционирање на заедничкиот дом. Притоа имаме општествен договор да владее собраниско мнозинство, со сета одговорност.
Мотивите за ова оригинално разбирање на парламентарната демократија се повеќекратни. Од една страна актуелното докажување на љубовта кон Гоце, како континуитет на обидите да се дополаризира македонскиот избирачки камп во два спротивставени „политички народи“, вмешувајќи и меѓуетнички аспекти, а од друга страна, настојувањето на сите табори за „политички“ избор на уставните судии. За првото е многу напишано и анализирано, и е одраз на еден погубен тренд на делби во еден од најлошите моменти во нашата историја, кога се соочуваме со повеќекратна криза. Второто е уште едно сведоштво дека не сме матурирале бидејќи партиите не негуваат вистинска демократска дистанца од постапката за именување на уставните судии.
Индексирани како подобри но со очајно ниска политичка култура
Во Индексот на демократија на угледниот Економист за 2021 година, има 13 промени, девет негативни и четири позитивни. Две земји, Чиле и Шпанија, се деградирани од „целосни" во „несовршени“ демократии. Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија го подобрија својот статус од „хибридни режими“ во „несовршени демократии“. Овој Индекс се заснова на пет категории: изборен процес и плурализам, функционирање на владата, политичко учество, политичка култура и граѓански слободи. Врз основа на оценките за низа индикатори во овие категории, секоја земја потоа се класифицира како еден од четирите типови „режими": „целосна демократија“, „несовршена демократија или демократија со недостатоци“, „хибриден режим“ или „авторитарен режим“. 74 од 167 земји и територии опфатени со моделот, или 44,3%, се сметаат за демократии. Бројот на „целосни демократии“ е 21, на „несовршени демократии“ (нашето друштво) 53, а од преостанатите 93 земји, 34 се „хибридни", а 59 се „авторитарни режими".
„Економист“ ја оценува демократската политичка култура на државите врз основа на неколку индикатори кои се однесуваат на степенот на општествен консензус и кохезија во поткрепа на една стабилна и функционална демократија. На ова се надоврзуваат истражувања за нашите перцепции за лидерството вклучувајќи ги и крајностите. На пример, дали сакаме силен лидер кој ги заобиколува парламентот и изборите или друга крајност, на владеење од експерти или технократска влада.
Иако префрлени во поистакнато друштво на држави, ние и Црна Гора, за политичката култура имаме добиено идентична оценка “3.13“ на скала од 1 до 10. Ова е очајно ниска оценка, за држави кои се кандидати за зачленување во Унијата, од кои едната преговара, а другата не. Колку за утеха, близу до нас се и Романија, Србија и БиХ, со оценка „3.75“, како и Бугарија и Хрватска со оценка „4.38“. Дел од нив членки на ЕУ, што говори и за нивниот придонес во демократската политичка култура на Унијата.
- Геополитички омлет од снесени и подметнати јајца
Во политичките науки, има различни дефиниции на „политичката култура", но најчеста е таа која ја опишува како збир на ставови и практики што ги има народот, а кои го обликуваат политичкото однесување. Во западните демократии се води дебата за тоа дали популизмот сам по себе е позитивна сила за промени или закана за демократијата. Според Муде и Калтвасер (2017), популизмот може да предизвика или има директни негативни последици за либералната демократија, бидејќи може да го искористи изборниот мандат за да ги уништи независните институции кои се сметаат за камен-темелник на либералните демократии, како што се судовите или слободните медиуми. Популизмот создава политички трибализам, кој го попречува граѓанскиот дискурс и го обесхрабрува политичкиот компромис. На многумина од нас, со подотворени очи, и онака отстрана, ова ни е познато бидејќи го гледаме безмалку секојдневно.
Социјалните медиуми како генератор на политичка (не)култура
Со зголемената популарност на социјалните медиуми овие ризици се зголемуваат. Низ анализа на шест западни демократии, Ернст со соработниците (2017) открива дека популизмот на социјалните медиуми најчесто го користат оние партии кои се во екстремната лева или екстремна десница од политичкиот спектар, или оние кои имаат статус на опозиција или предизвикувач. Кога нашиве професори по уставно право се подзаспани или се активни политички дејци, за крај на оваа колумна може да прочитаме нешто и од нивниот колега проф. Хосе Морено (Правен факултет при Мадридскиот Централен Универзитет): „Во сè позабрзаната и непредвидлива уметност на политиката, меѓу очигледните вистини истакнуваме една - социјалните мрежи, кои станаа основна алатка за политичко дејствување. И, среде неизвесноста на овие проблематични времиња, на политичка поларизација, социјална нерамнотежа и незадоволство на граѓаните, се соочуваме со следното прашање: Дали уставната демократија ќе ја преживее дигиталната револуција и изградбата на нови политички хегемонии на социјалните мрежи? Од еуфоријата во однос на позитивните влијанија на социјалните мрежи врз демократизацијата и зајакнувањето на граѓаните, преминавме на разочарување. Поларизација на пораките и биполарна поделба на општеството, политичка манипулација и дезинформација. Накратко, почва за најрадикални, и популистички дискурси. Така, по Брегзит, европското мото „обединети во различноста“ им отстапи место на општествата „поделени со антагонистички половини“. И не само на стариот континент, туку и преку „барата“.