1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската криза станува меѓународна

Избор: Ж. Ацеска16 мај 2015

„Борба меѓу САД и Русија во Македонија“, „Кризата во Македонија има и поширок геополитички контекст“, „Предупредување од украинско сценарио“-коментари во весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1FQkK
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA/M. Sulooca

Германскиот весник „Ди велт“ во текстот посветен на Македонија констатира дека со утрешните најавени масовни протести за изнудување оставка на владата, политичката криза во земјата, се чини, се движи кон својата кулминација.

„Напнатата ситуација во земјата се‘ повеќе се развива во меѓународна криза: Русија и Србија го поддржуваат притеснетиот премиер Никола Груевски, ЕУ и САД интервенираат зад кулиси за спречување натамошно насилство за времена постојаните демонстрации. Само на нивен притисок во четвртокот се состанаа лидерите на четирите водечки политички партии на земјата за барање излез од кризата. Не само на соседите, туку и на големите сили не им е сеедно каков ќе биде натамошниот тек на настаните во малата земја со два милиона жители, зашто борбите со наводните терористи од Албанија кријат опасност од нов етнички конфликт. Од друга страна, бидејќи планираниот гасовод Турски тек по 2019 година треба да донесе руски гас до Европа, заобиколувајќи ја Украина, а веројатно ќе минува низ Македонија...“, ја остава весникот намерно недоречена мислата.

Од почетокот на протестите по серијата објавени прислушувани разговори кои сведочат наводно за криминал, изборни манипулации и дури политички кривични дела, владата се брани со аргументот оти снимките се дело на странска тајна служба, а премиерот покажа готовност за поднесување „жртвени јарци“ заради спасување на својата глава-оставки на двајца министри, кои за опозицијата не се доволни, па најавува голем протест, констатира весникот, продолжувајќи:

„Што и да се случи, ќе има влијание и врз соседите: Албанија го означува за проблематично ’постоењето македонска држава’, српските медиуми потсетуваат на ’опасноста од Голема Албанија’, Бугарија испрати трупи на границата заради запирање ’бегалски бранови’, како да веднаш ќе избие граѓанска војна.

А од неа засега нема никаде ни трага. Многу зависи од тоа какво значење имаат судирите од минатиот викенд во Куманово, во кои загинаа 8 македонски полицајци и првично 14 наводни албански терористи, за најново да се зборува за 10.

И покрај сите предупредувања од ’етничка напнатост’ најголемата политичка партија на Албанците ДУИ,со лидерот Али Ахмети, е во коалиција со Груевски. Ахмети првпат прозбори за борбите во Куманово...Тој изјави оти знае зошто вооружените биле таму, но не сака да се изјасни додека не биде сосем сигурен.

Според Груевски, наводните терористи планирале напади врз мостови и трговски центри и убиство на бројни луѓе, што е во целосна спротивност со поранешните тактики на албанските борци во 2001 година. Ако Ахмети се спротистави на ваквата претстава, ќе се случи расцеп во владината коалиција. Во земјата меѓутоа сите сакаат да знаат едно од него - има ли вистински сили меѓу Албанците или во соседното Косово, кои сакаат нова граѓанска војна во Македонија? Одговорот на ова прашање истовремено ќе биде и одговор на тоа дали Македонија се наоѓа пред подлабока криза, која може да го повлече со себе целиот регион“, заклучува весникот „Ди велт“.

Mazedonien nach den Kämpfen in Kumanovo Saso Mijalkov
Бившиот шеф на УБК , Сашо Мијалков наводно има одлични односи со МоскваФотографија: Reuters/M. Djurica

„Предупредувања од украинско сценарио во Македонија“

Австриски „Стандард“, пак, донесува опширна анализа во која пишува:

Македонецот Емил Кирјаз, генерален секретар на Интернационалата на либералите во Лондон, зборува за ’борба меѓу САД и Русија’ во Македонија. Тој не верува владата да отстапи по оставките на Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески. Зашто, Русија има интерес премиерот Никола Груевски и компанијата да останат на власт. На Мијалков му се припишуваат одлични контакти со Москва. Паѓа в очи што Русија од пред извесно време повторно се меша на Балканот. Киријас верува оти решавачката грешка веќе се случи, во 2008 година, кога Грција поради спорот за името го спречи приемот на Македонија во НАТО. Москва тогаш виде шанса. А сега Русија има конкретна цел, по неуспехот на гасоводот Јужен тек, против кој на крајот застана и Бугарија, да го релаизира алтернативниот проект Турски тек со Македонија, Србија и Унгарија. На Русија за тоа и‘ е потребна влада во Скопје наклонета кон неа, зашто гасоводот може да поминува само низ Македонија, ако Бугарија блокира, тврди Киријас“. „Стандард“ понатаму пишува дека Русија, која порано воопшто не се грижеше за Македонија, последниве недели покажива очигледна активност.

„Трет пат Москва се јави за збор на викендот, истакнувајќи оти антивладините демонстрации се причина за длабока загриженост. Опозициските групи и невладините организаци инспирирани од Запад следат познато сценарио на ’обоена револуција’. Тоа може да се влоши преку етничките тензии, прогнозира руското министерство за надворешни работи, споменувајќи го вооружениот конфликт во Куманово. Реториката фрапантно наликува на украинското сценарио. Москва е против промена на владата, САД се - за...“

Весникот, осврнувајќи се на оставките во владата на Груевски и можните сценарија за излез од кризата, продолжува:

„Ситуацијата натамошно се заострува. Владата со недели удира на тапани оти опозицијата планира насилство на утрешниот протест. И акцијата во Куманово е претстваена како превенција од вакво насилство. Јасно е: ако ако утре нема доволна заштита и надгледување на демонстацијата, лесно може да дојде до ескалација. Затоа опозицијата најави јавен пренос на протестот. Сепак, многумина се плашат од македонски Мајдан. Владата ја обвинува опозицијата за соработка со странска тајна служба - САД во врска со објавените телефонски разговори. И тоа потсетува на украинско сценарио.

САД во меѓувреме му предале на Груевски докази дека полициската акција во Куманово е режирана“.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Многу прашања по полициската акција во КумановоФотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

„Стандард“ понатаму пишува оти сепак обидот на Груевски за оцрнување на опозицијата и обвинувањата против Запад за теророт во Куманово покажуваат дека „пропагандата не може да функционира толку успешно како во 2001. година. Причина е што многумина имаат пристап кон интернет. Иако македонската влада практично ги контролира сите медиуми, луѓето на Јутгјуб ги слушаат снимките од телефонските разговори, кои медиумите не ги објавуваат. Владата се обидува да шири стравови од етнички конфликт, иако за него, со оглед на настаните во Куманово, нема никаква основа...Освен тоа, со помош на Србија се претставува опасност од ’регионален’ конфликт, иако за тоа не постојат никакви индиции. Србија не само што што испрати специјални единици, туку и ја затвори границата кон Македонија. Многу прашања се отворени по полициската акција во Куманово. Што сакаше наводната терористичка група? Како можела да внесе минофрлачи во густо населено место? Кои се имињата на убиените луѓе? Зошто шефот на државата Ѓорѓе Иванов замина во Москва, ако станувало збор за воен напад? Зошто беа целосно уништени куќи во кои се криеја семејства? Кој ги уби 8-те полицајци и рани 37 други? Зошто не било преземено нешто акцијата да биде изведена без вакво масивно загрозување на полицајците и цивилното население? Каква била улогата на македонската тајна служба во Куманово, не е јасно. Но, сигурно е едно: не постои доволна парламентарна контрола над работата на тајната служба, која исто како и таа во Србија, не е реформирана уште од југословенско време. Затоа се лесно можни и репресиите, кои спаѓаат во македонското секојдневие“, констатира „Стандард“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема