1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија реализира, ЕК ќе валоризира

16 април 2018

Македонската влада очекува позитивни оценки за реформите. Тие не завршуваат. Важни законски проекти допрва ќе бидат предмет на усогласување: нов начин на финансирање на партиите и измени во изборното законодавство.

https://p.dw.com/p/2w6XA
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Еден ден пред Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, во земјата се сумираат резултатите од сработеното. Фокусот е ставен на владиниот реформски план, кој според динамиката на месечна реализација беше наречен „3-6-9“, и преку него Владата очекува позитивни оценки за реформската посветеност.

„Околу 96 отсто од планот '3-6-9' е реализиран и доколку заедно со опозицијата се изгласаат законските решенија што се останати, тогаш би дошле до 99-процентна реализација“, оценува премиерот Зоран Заев.

Врз основа на тие резултати премиерот очекува „чиста препорака“ за почеток на преговорите со ЕУ.

„Кога ќе дојдат еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини (19 април, н.з), очекуваме тие да го соопштат тоа. Од она што ние го знаеме и имаме информации, и од тоа што го гледаме - заслужуваме кристално чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ“, вели Заев.

Брзај полека!

Работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе месеци заеднички ги усогласуваа законите од реформскиот пакет, не само оние за кои е потребно двотретинско, туку и оние за кои е потребно просто мнозинство. Од законите за кои е потребно двотретинско мнозинство ги изгласаа измените на Законот за заштита на сведоци, Законот за следење на комуникациите и Законот за оперативно техничка агенција (ОТА). До овој момент меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се целосно усогласени ставовите за измените на Законот за судовите, кои денеска ќе бидат на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Belgien mazedonischer Ministerpräsident Zoran Zaev und EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini
Заслужуваме кристално чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ, вели Заев (на фотографијата со шефицата на европската дипломатија Могерини, 6.12.2017)Фотографија: European Union/Mauro Bottaro

Од Владата потенцираат дека прашањето дали ќе бидат прифатени одредени предлози не зависи само од партиите, туку тие треба да бидат прифатени и од стручната јавност. Според тоа, ни доцнењето не е хендикеп ако е во интерес на поквалитетно законско решение. Тој аспект го илустрираше вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во однос на доцнењето на предлог-законот за бесплатна правна помош, со објаснување дека нема да се одрази негативно на оценката за напредокот на Македонија.

„Загрижено ги информиравме во Брисел дека со тој закон можеби ќе доцниме. Тоа што го добивме како одговор од Брисел е дека тие се задоволни што има таква атмосфера, во која јавната дебата и експертската јавност ги враќаат законите назад, односно дека нема наметнување на волјата на Владата и на мнозинството“, објаснува Османи.  

Реформите продолжуваат

Работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и изминатив викенд работеа на усогласување на ставовите за измените на Законот за судовите, а пред договор се за Законите за кривичната постапка и за Јавното обвинителство. И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ во изминатите три месеци ја бојкотираше работата на Собранието, преку учество во работни групи ја потврди својата конструктивност во процесите од кои зависи интеграцискиот напредок на Македонија. Но, таа поддршка не е безусловна. Како што објаснуваат од опозицијата, партијата побарала одредени гаранции: дека изборот на нов состав на ДИК ќе се спроведе по старото законско решение, според кое, претседателот на оваа Комисија е од опозицијата, а власта има мнозинство членови, и второ - дека нема се менуваат членовите на сите регулаторни тела сѐ додека не им истече мандатот.

Mazedonien Parlament in Skopje
Голем дел од важните законски предлози ќе бидат предмет на усогласување и јавна дебата од мај до септемвриФотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Власта и опозицијата во мај треба да подготват нов предлог за финансирање на партиите, а до септември и измени во изборното законодавство. Засега официјално не се знае какви ќе бидат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, но СДСМ веќе најави дека наместо шест изборни единици, ќе бара Македонија да биде една изборна единица. Партиите ги усогласуваат и ставовите за новиот закон за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, собранискиот деловник и етичкиот кодекс на пратениците.

Тоа значи дека реформите не завршуваат со она што е досега постигнато. Напротив, претстои динамичен процес со оглед дека голем дел од важните законски предлози ќе бидат предмет на усогласување и јавна дебата од мај до септември.  

Повеќе:

Дипломатски аларм: Приоритет се реформите, а не законот за јазици

ВМРО-ДПМНЕ: Да за реформи, стоп за антидржавни политики

Брисел: Итните реформски приоритети клучни за Македонија

Анализа на два периода

И додека во Македонија постепено се искоренува старата практика на екскомуницирање на политичкиот опонент и се форсира заедничко учество во креирање на законите, нештата се менуваат и во методологијата со која ЕК го мери напредокот. Ваквите нијанси ги нотира Андреја Стојковски, претседател на граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“.

„Објавувањето на Стратегијата за веродостојно проширување со Западниот Балкан, беше и некаков почеток за реформа на политиката за проширување и подобрување на нејзините инструменти. Оттаму, очекувам дека годинава таа реформа ќе значи и нова методологија, или нов приод во изработувањето на годишните извештаи на Европската Комисија. ЕК најпрвин ќе ја оценува севкупната подготвеност на државите во секое поглавје, а потоа ќе го оценува и остварениот напредок од објавувањето на последниот извештај. На тој начин ќе има две оценки: првата е за општата усогласеност, а втората за постигнувањата во последната година. Кога станува збор за Македонија, а имајќи предвид дека последниот извештај беше објавен во ноември 2016 година, т.е. пред предвремените парламентарни избори, тогаш за очекување е да се разгледува сѐ низ призмата на два периода. Првиот до 31 мај 2017 година, односно за време на транзицијата на власта. Вториот, од 1 јуни 2017 година и изборот на новата Влада“, објаснува Стојковски.

Во однос на целиот регион, тој очекува извештаите да бидат компарабилни, односно да може да се споредуваат различните држави и да следи нивниот напредок.