Македонија - рај за инвеститорите, кошмар за работниците!
23 јули 2016Трисет и пет годишниот Горан уште во рани мугри брза да го фати фабричкиот автобус со кој секојдневно патува до работното место. Живее во Велес, а работи околу 60 километри подалеку, во близина на Кавадарци, каде се лоцирани погоните на германски „Дрекслмајер“. Неговите вешти раце се грижат за беспрекорност на електрониката на „Мерцедес“. Ги склопува деловите за луксузната германска марка која, вели, може само да ја сонува. Во реалноста едвај врзува крај со крај.
„Напорно е, но мора да се преживее. Немам друг избор. Цел ден сум на нога за едвај 180 евра. Со викенди и празници се собира и нешто повеќе, но минимално. Физички издржувам, но да ви кажам, психички веќе попуштам. Ме убива што постојано сме под притисок да исполниме определена норма“, вели Горан.
Горан е еден од ретките што сведочат за условите во фабриките на странските инвеститори во Македонија и затоа неговиот вистински идентитет не го откриваме. Стравот дека ќе ја загуби работата е посилен од потребата јавно да се проговори за она што се случува во внатрешноста на производствените погони:
„Условите горе-долу се добри, не бараме Германија, но барем да е нешто приближно. Еве почна уште едно лето, а во погоните повторно немаме разладување. Клима уредите работат само до 14 часот, а потоа се исклучени. Не дај боже да биде како лани, кога работевме во пекол и ни колабираа луѓе. До толку да се штеди навистина е катастрофа“, вели Горан за ДВ, опишувајќи ги работните услови во германската фабрика во Македонија.
„Психички попуштам“
Судбината на нашиот соговорник ја делат уште неколку илјади негови колеги. Не само во оваа фабрика, туку и во останатите раководени од странски, но и домашни инвеститори:
„Јас сум самохрана мајка и морам да седам, немам избор, но психички веќе попуштам. Постојано над глава ми стои контролор и ме притиска и ми се заканува дека ќе ми го скине бонусот за квалитет ако не исполнам норма, а верувајте, ретко кој може да ја исполни“, сведочи за Дојче веле работничка од „Џонсон Контролс“, американска фирма која произведува резервни делови за автомобили.
Невработеноста во Македонија изминативе години се намали, но сѐ уште изнесува високи 25%, од кои половината се млади до 29-годишна возраст. Но затоа цената на трудот не само што не порасна, туку почна и да се намалува. Иако според државната статистика просечната плата во државата изнесува околу 350 евра, дури 70% од вработените се далеку под тој просек. Во градови како Штип или Кавадарци, работниците кои работат за странски фирми како „Дрекслмајер“ или „Џонсон Контролс“ во просек заработуваат помалку од 250 евра месечно, а притоа често работат и продолжено работно време, вклучително и саботи.
„Дрекслмајер“ тврди дека како интернационална компанија има еднакви работни стандарди низ цел свет, кои се дефинирани во „Глобалната социјална политика“ на претпријатието. „Дрекслмајер Македонија“ функционира според истите интернационални стандарди, се вели во писмената изјава на претпријатието за ДВ. Во нејзе се додава дека „за сите вработени е организиран бесплатен превоз, бесплатен топол оброк, а се исплаќаат и дополнителни парични бонуси. Во однос на стандардите за безбедност и здравје при работа, надлежниот оддел во компанијата се грижи за спроведување на меѓународните стандарди во оваа област, како и за примена на домашните регулативи. Амбулантата во склоп на фабриката е достапна за сите вработени 24/7, а за секој вработен е обезбеден посебен тренинг за безбедност и заштита при работа“. Според „Дрекслмајер“, „важен е и гласот на вработените“, кои „ се застапувани од Одборот на вработени“.
Кој е виновен?
Преживувањето во Македонија не е едноставно. Вработените едвај успеваат да го минат месецот со плата која е речиси еднаква со дневница што ја заработува нивен колега од посилните европски економии.
„Нема рецепт. Едноставно само колку да се прехраниш и да платиш сметки за комуналии. А не стигнува ниту за тоа“, коментира еден средовечен жител на Скопје.
Македонската влада со години ја промовира земјата како рај за странските инвеститори, а како предност директно се наведуваат и ниските плати. Експертите предупредуваат дека „успешноста“ на приказната за странските инвестиции има сурова цена, која за работниците станува кошмар:
„Сѐ додека имаме висока невработеност не може да очекуваме дека ќе имаме и високи плати. Тоа е клучниот проблем на македонската економија. Дополнително е и што синдикатите се пасивни“, вели професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Зоран Ивановски.
Синдикатите, од кои поголемиот дел се под директна контрола на владата, велат дека тие не се единствени виновници за лошата состојба.
„Самата стратегија на власта и промоторите низ светот е: повелете во Македонија, ќе користите евтина работна сила. Тоа речиси сите странски инвеститори го применуваат, а некои дури исплаќаат и помалку од домашните фирми“, вели Пеце Ристевски од Синдикатот за индустрија, енергетика, и рударство.
Синдикалниот притисок, според него, отапува поради лошите законски решенија кои ги штитат работодавачите, но и поради притисокот кој врз работниците го вршат странските фирми, за кои, се чини, не важат западноевропските стандарди кога работат во земји надвор од ЕУ:
„Во многу големи компании не можеме синдикално да влеземе, еве на пример во Дрекслмајер најдовме стотици работници, но соочувајќи се со овој факт тие се откажуваат,“ предупредува Ристевски, алудирајќи на притисокот кој се врши врз работниците да не се зачленуваат во Синдикатот.
Со просечен раст на БДП од безмалку 3%, македонската економија важи за една од најбрзо растечките во регионот. Но според европската статистика, македонските граѓани се во групата најсиромашни, со стандард кој изнесува само една третина во однос на европскиот просек. Според анализите на Светска Банка, на Македонија ќе ѝ бидат потребни најмалку три децении стапка на континуиран раст од 4,5% за да го достигне европскиот просек. Се разбира, под услов растот во ЕУ во истиот период безмалку да стагнира.