1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: Како да се преживее со плата од 200 евра?!

Костадин Делимитов2 јуни 2016

Платите во Македонија можеби растат најдинамично, но и натаму се најниски во регионот. Зошто? Работниците се загрижени, експертите пак песимисти околу изгледите за позитивни промени!

https://p.dw.com/p/1Ixs4
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Официјално, Македонија бележи континуиран раст, но и натаму е на дното. Платите на македонските работници во изминатава деценија се зголемиле за 60%, но и натаму се најниски во регионот. Во споредбените анализи, во делот на динамиката, пред Македонија е само Црна Гора со 70% зголемување на платите, но во крајниот резултат, висината на платите, Македонија е неприкосновено последна. Апсурдноста на овие податоци кои охрабруваат, но и разочаруваат, отвораат бројни дилеми. Околу клучната, зошто во конечниот биланс не се менува ништо, според експертите влијаат неколку фактори:

„Постојат две главни причини за ваквите состојби. Првата е невработеноста. Платите се последица на понудата и побарувачката на труд. Ако понудата е повисока од побарувачката, платите ќе растат. Кај нас, заради високата невработеност, понудата на труд е висока, што ги прави платите ниски“, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

(Не)моќ на работниците

Втората причина, според него, е моќта на работниците.

„Платите се последица и на преговарачката моќ на работниците и работодавачите. Ако работниците имаат поголема преговарачка моќ од работодавачите, платите ќе бидат повисоки. Кај нас, заради немањето синдикално организирање и заради ниските работнички права, преговарачката моќ на работниците е ниска, што води до тоа и нивната плата да биде ниска“, вели Јовановиќ.

Просечната нето плата во Македонија изнесува околу 22.000 денари и е најниска во регионот. Но од друга страна, дури 70% од вработените земаат плата која е пониска од овој просек. Анализите покажуваат дека месечниот просек веќе подолг период стагнира, односно во изминативе 5 години просечно платата растела за по околу 1% годишно. Дел од експертите немаат дилеми дека се можни позитивни промени, но во моментов не гледаат услови за такво нешто.

Proteste der Honorarmitarbeiter in Skopje
Протести на хонорарци во февруари 2015 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Невработеноста ги турка платите

„Сѐ додека имаме висока невработеност не може да очекуваме дека ќе имаме и високи плати. Тоа е клучниот проблем на македонската економија. Дополнително е и што синдикатите се пасивни“, коментира универзитетскиот професор Зоран Ивановски. Промени кон позитивно се можни, додава тој, а повисоки плати може да се очекуваат ако дојде до ефективно зголемување на домашните, приватни инвестиции.

„Но, сведоци сме што се случува, политичката криза од една страна не делува охрабрувачки, но и состојбата со странските инвеститори од друга страна за што сме сведоци каков кадар регрутираат и колку го плаќаат“, објаснува Ивановски.

Во синдикатот не се амнестираат од одговорност за актуелните состојби, но вината не ја лоцираат само кај себе:

„Самото промовирање на странските инвеститори во Македонија е една од причините за ниската цена на трудот. Па самата стратегија на власта и промоторите низ светот е: повелете во Македонија ќе користите евтина работна сила. Тоа речиси сите странски инвеститори го применуваат, а некои дури исплаќаат и помалку од домашните. Ако направиме анализа ќе видите дека реалните работнички плати, посебно во преработувачката индустрија, се далеку пониски, максимум 15.000 денари. Друга е состојбата со јавниот сектор кој отскокнува од останатите, но тука работите се апсурдни. Административците земаат поголеми плати, со јавни народни пари владата ги купува државните службеници, а во приватниот сектор е поинаку, се размислува пазарно“, коментира Пеце Ристевски од СИЕР(Синдикат за индустрија, енергетика и рударство).

Pelister in Skopje
Платите во Македонија се најниски во регионотФотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Синдикална поделеност

Тој признава дека и синдикалната поделеност е причина за состојбите, затоа што прави дел од работниците да се со работодавачите, а останатите не, со што се отапува притисокот.

„Има и доста сектори каде можеби можат да плаќаат повисоки плати, но поради огромната понуда на работна сила тоа не е случај. Често сме сведоци и на уцени од типот 'ако не ти се работи за тие пари ќе најдам друг'. Ние како синдикат алармираме за ова, но сме и немоќни, посебно ако се има предвид законското решение за држење на работниците до 5 години на определено работно време. Во страв дека нема да им го продолжат договорот, работниците синдикалци прифаќаат секакви услови и немаат храброст да ја водат битката. Во многу големи компании ние не можеме синдикално да влеземе, еве на пример во Дрекслмаер најдовме стотици работници, но соочувајќи се со овој факт тие се откажуваат. Затоа мораме под итно да најдеме компромис со власта околу законското решение, а потоа и со работодавачите“, предупредува Ристевски.

Просечната плата во Македонија е 354 евра, во Србија - 364, БиХ - 431, Црна Гора - 477, Хрватска - 753 и Словенија - 1.022 евра. Според податоците од 2015 година, во Албанија просечната плата е 357 евра, а во Косово, според податоците од 2013 година, просечната плата изнесува 364 евра. Дојче веле веќе пишуваше дека во Македонија само 9% од вработените земаат повисока плата од 20,000 денари, или 2,3% повеќе од 30,000. Останатите, се борат да го истераат месецот во просек со по 200 евра.