Македонија во политички грч пред вториот бран на Ковид
16 октомври 2020Насекаде низ Европа владите воведуваат нови мерки и прецизно насочени рестрикции со цел да го воздржат или исконтролираат вториот бран на Ковид- 19 кој полека го преплавува целиот континент. Во вторникот СЗО соопшти дека изминатата недела во Европа биле регистрирани нови 700 илјади случаи на коронавирус, скок од 34 % во споредба со претходната недела. Неделен пораст кој досега е најголем од појавувањето на вирусот.
Ангела Меркел, која покрај здравственото спасување на континентот, се нафати и со економскиот спас на Европа, на завчерашната тешка и маратонска средба со германските покраински премиери, нагласи дека пандемијата е „предизвик на векот“. Таа додаде дека бранот на нови заразени е „сериозен“, но проблемот неизбежно го поврза и со економијата: „Германија не може да си дозволи втор целосен карантин“.
Рецептурата на Меркел е јасна: „Мораме да ги замолиме луѓето од Европа да бидат претпазливи, да ги следат правилата, да се држат на дистанца, да ги покриваат устата и носот и да сторат се што можат за да го елиминираат вирусот, а притоа да ја одржуваат економската активност“, додаде Меркел за време на видео конференција.
Со други зборови тоа што се менува во сфаќањата низ Европа и светот, па и кај самите нас, повеќе не е прашање само на рестрикции и полиција, туку суштински филозофска дилема. Колку повеќе сега кочиме – толку помалку ќе мораме тоа да го правиме подоцна. Затоа што денес срцето на проблемот лежи во драматичниот однос помеѓу здравјето на луѓето и БДП на земјите.
Завчера претседателот Емануел Макрон објави дека ќе се воведе полициски час во Париз и во другите големи градови од девет навечер до шест наутро. Мерката стапува во сила в сабота и ќе трае четири недели.
Доколку не се преземе ништо и само се обидеме да се фокусираме на економијата и граѓанските слободи, подоцна ризикуваме да затвориме се, како што беше случајот од март до јули месец. Проблемот во многу земји, а тука секако не е исклучок ниту Македонија, е како оваа дилема, да се разреши.
Помирување на науката и политиката
Ние мора да признаеме, и покрај бројните недоследности, двојни стандарди, топло-ладни мерки, дури и пренагласениот полициски час и рестрикции, па дури и вонредната состојба која беше производ на една лоша политичка проценка, дека Владата успеа некако да ги помири науката и политиката во соочување со короната. Односно, да направи баланс и да нема игнорантски однос помеѓу неизбежното мислење на науката и докторите, и неодложната и нужна акција на политиката. На некои места Владата очигледно потфрли, како што беа слабостите и попуштањата кон верските заедници, економските мерки кои во многу случаи беа злоупотребени и поминаа неказнето, дури и во форсирањето на избори, кои како што гледаме, не ја произведоа политичката стабилност која што ни беше ветена.
Како и да е, во некои моменти победуваше и доминираше научниот пристап, во други доминираше политичкиот. Мене ми делува јасна идејата на власта – да направи се што е во нејзина моќ, за да не дојде до нови тотални затворања или драстични мерки кои би го запреле образовниот процес, економските динамики и граѓанските слободи. Претседателот Пендаровски вака ја сублимираше работата: „Карантин нема да го реши проблемот, треба да го смениме менталитетот".
И немам проблем да се согласам со оваа позиција, подоцна ќе образложам што мислам за нашиот менталитет и нашите граѓански одговорности, но прашањето кое е политичко, и кое верувам ги мачи одговорните за водење на државата е следното: До кога може да се одржува оваа линија на размислување и делување?!
Други колумни од авторот:
Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи
Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел
Бизнис-дипломатијата на Трамп отвара нови сценарија на Блискиот исток
Науката и националното се судираат во трката за вакцина
Неминовно е дека постои црвена линија на број на заразени, ограничен број на болнички кревети, ограничени интензивни терапии, кои еднаш откако ќе бидат надминати, станува невозможно повторно да не се воведат рестрикции и ограничувања. Ова се прашања кои немаат лесен одговор, и за кои властите ќе мора повторно да се ограничат на слушање на здравствените авторитети. Во оваа Ковид криза, тасот на вагата постојано осцилира помеѓу научното и политичкото. Кога короната напредува, тасот на вагата натежнува накај науката, и ја принудува политиката на избрзани и постојани одлуки, кои потоа, бидејќи заемно зависни, доколку една одлука испадне погрешна, каскадно ќе бидат погрешни и сите наредни.
Недонесувањето сега на строги мерки и тешки одлуки може да не стави во позиција на ненадоместливо заостанување зад брзината со која се шири вирусот - ако пак се донесат веднаш престроги мерки, тоа може да се покаже како претерано, и за слабата економија, и за психата, како и благосостојбата на многу граѓани.
Задоцнети мерки
И еве еден актуелен пример. Мерките кои власта сакаше да ги донесе изминатата недела, но што поради ригорозноста на самите мерки, што поради правни и политички пречки, не беше во состојба да ги донесе, според она што се случува низ Европа, па и низ Македонија, делуваат како веќе задоцнети. Уште недонесени, мерките делуваат задоцнети. Притоа знаме дека за секој сет на мерки, потребна е најмалку недела дена за да можеме научно да утврдиме дали тие даваат резултати. Во меѓувреме надмината е психолошката граница од преку 500 заразени дневно, и трендот на бројките говори единствено за влошување на состојбата.
Сега, немаме нови мерки, имаме Собрание кое едвај работи, додека опозицијата и понатаму не се откажува од деструктивното однесување, било дали станува збор за онлајн работа на Парламентот или за носење на кризниот ребаланс во време на пандемија. Но, тоа се некои од работите кои политички беа за очекувања, и ние сега гледаме дека предизборните ветувања за стабилна политичка власт и функционални институции, се целосно разочарани. Како што реков претходно, во услови на пандемија, една погрешна политичка проценка и одлука, потоа каскадно ќе направи сите идни одлуки да бидат погрешни. Или кога директорот на ДПИ, Пауновски бара вработување на 20 дополнителни инспектори, а Министерот за финансии тоа му го негира со објаснување дека морало да се штеди, ете, тоа е пример за лоша политичка одлука, и за изгубено време и шанса. Не сакам ниту да навлегувам во политичката одговорност што газди блиски до власта, заедно со отсуството на политичка волја да бидат запрени во своето срамно дејствување, сега придонесува за алармантните бројки на заразени.
Така да, времето кое сега ќе го изгубиме, политички неспособни да донесеме правилни здравствени одлуки, можеби подоцна ќе немаме шанса да го надоместиме. Затоа ова е апел и до опозицијата, и до самата власт, но особено до Владата, дека нивното потпирање на науката и здравствените авторитети е добредојдено и за поздравување, но дека тоа потоа треба политички да се испорача. Нека размисли и опозицијата за својата деструктивна функција и кочничарска позиција.
Во меѓувреме, дали Европа зборува за локдаун, дали нашиот претседател и премиер се противат на карантин, се тоа станува ирелевантно. Затоа што во самата дијалектика кога ќе се појави зборот карантин, го негирале или не, тоа значи дека во главите на политичарите таа идеја полека почнува да ползи.
Властите од самиот старт на кризата се фалат дека јавното здравје на граѓаните им е прв и најважен приоритет, став кој можеби не секогаш го испочитуваа, но со сигурност не го ни разочараа целосно. Правилно е власта да се обиде без рестриктивни мерки, и државата да остане отворена. Правилно е и да не се потцени фактот, дека ниеден економски бенефит, нема да ја намали болката или маката, која ќе произлезе доколку повторно дојдеме до пандемија која излегува од секаква контрола. Ова е часот, во кој политиката мора да се соземе, и преку насоките на здравствените и научните авторитети, да продолжи да ја врши својата политичка задача.
Што се однесува до нас граѓаните, бидејќи секој од нас дејствува врз основ на своите убедувања, но е свесен за состојбите и околината, повторно сме сведоци дека доживуваме промена на колективниот дух на земјата во однос на новиот подем на короната. На почетокот, ненадејната појава на вирусот не принуди да ги прифатиме ригорозните мерки како нужност од која нема бегање. Потоа, нормализирањето на состојбите и крајот на ригорозните мерки создадоа една латентна нетрпеливост кон секакви правила, мерки и наметнувања, и се опуштивме, како проблемот да исчезнал. Денес, соочени со алармантните бројки некои се обидуваат да релативизираат, додека кај повеќето се враќа стравот во форма на анксиозност или нетрпеливост. Овој пат стравот се враќа во двојна форма. Страв од самиот вирус, но и од тоа што не очекува како нови мерки и рестрикции, а можеби, и како страв од непреземање доволно.
Ново мешање на картите
Сега и во здравствена и во политичка смисла како животот да ни вади сосема нов шпил и одново ги размешува картите. Не знаеме што животот или политиката ќе ни подели. Се е одново во игра, па и сиот политички кредит на властите, нашите досегашни напори и жртви, се што мислевме дека сме го научиле и толку брзо одучиле. Сега влогот во играта е двојно поголем, затоа што сите би требало да сме поискусни во споредба со март и април месец.
Искуството од пролетта би требало да не научи дека битката не се добива само преку вонредни состојби, владини декрети, законски и подзаконски акти, со ригорозни мерки, со мерки за маски насекаде, со дистанца, со избегнување на забави. Голем дел зависи од властите, но барем половина, зависи од самите нас, од чувството на одговорност, од нашата способност да се саморегулираме и воздржиме, од чувството на заемна заштита и грижа во рамките на една заедница.
Како што вирусот има свој експоненцијален раст, исто така, експоненцијален раст може да има и политичката, но и нашата граѓанска одговорност. Многу мерки не ми се допаѓаат и ги критикувам како нерационални, како контрапродуктивни, но во мојата дневна доза на дејствување и одговорност, еднаш донесени, планирам да ги почитувам, не толку заради самиот себе, колку за доброто на останатите. Но, морам да тргнам од самиот себе, инаку нема како поинаку да покажам грижа кон следниот.
Пак ќе кажам, тоа не го менува фактот дека политиката мора да ја врши својата политичка работа, дека здравствените авторитети мора да бидат објективни и рационални, и дека граѓаните имаат право да се спротивставуваат критички, но и да претендираат повеќе онаму каде што мислат дека се потфрлува. Има работи и прерогативи кои се ексклузивни за властите, но има и одговорности кои ни припаѓаат на сите подеднакво. И затоа е правилно од властите да бараме повеќе инвестиции во здравството, во економијата, во јавниот превоз, поголем фокус на сите проблеми и прашања каде има неоправдани задоцнувања, неисполнувања или двојни стандарди. Го имаме целосно тоа право, но потоа треба да сме свесни, дека речиси се останато, зависи пред се од нас самите.
Ќе си преземеме дел од одговорноста, дел од правата на критика и негодување, но ќе си преземеме и дел од суверенитетот и обврските кои доаѓаат со борбата против вирусот и ќе се раководиме совесно. Совесни граѓани имаат право на совесна власт. Ако се однесуваме само како набљудувачи и чекачи, така и ќе бидеме третирани.