Заев: Не за ЕУ по цена на идентитетот и јазикот
5 мај 2021Македонскиот премиер Зоран Заев не е подготвен да ги жртвува идентитетот и јазикот доколку тоа е цената за влез во Европската унија. Заев денеска изјави дека се надева оти може да се постигне решение за историскиот спор со Софија и во следните неколку месеци, и покрај тоа што Бугарија ја очекуваат уште едни парламентарни избори и, во моментов, нема избрана влада со која може да се преговара.
„По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ?“, изјави денеска Заев во Ресен.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера од Скопје порача дека С. Македонија би можела да биде одделена од пакетот со Албанија, доколку не успее да постигне договор со Бугарија за спорните прашања.
„Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција“, рече Вархеји.
Претходно, Германија и Австрија преку свои министри ја отфрлија можноста за разделување на двете земји на патот кон ЕУ.
Според Заев, договор со Бугарија е можен и покрај политичката неизвесност која владее во соседната земја.
„Проблемот е нерационален, и мора да најдеме решение. Интерес и на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската унија и да се интегрира во меѓународните организации како што е ЕУ“, рече Заев.
Според премиерот, решението треба да се бара во основата која е веќе поставена, а тоа е прифаќањето на двете страни дека споделуваат заедничка историја и во европскиот начин на размислување.
„Но велат: ’Ајде да ги утврдиме корените’. Ќе ги најдеме и корените ако бидеме паметни на европски начин“, изјави Заев.