Каква врска има Путин со носењето мигранти на ЕУ-границата?
17 ноември 2021Политичарите од Полска и од балтичките земји беа првите кои изјавија дека рускиот претседател Владимир Путин го поддржува белорускиот владетел Александер Лукашенко во постапките на источната граница на ЕУ и НАТО. Во последно време и западноевропски политичари имаат ваков став. Вршителот на должноста германски министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го обвини не само Лукашенко, туку и Путин. „Сите земји на ЕУ мора да застанат заедно по ова прашање, бидејќи Лукашенко, со поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, ја користи судбината на луѓето за да го дестабилизира Западот. Затоа сега мора да бидеме заедно. Полска или Германија не можат сами да се справат со тоа“, рече Зехофер минатата недела во интервју за весникот „Билд“.
Дали Лукашенко имал помош од Путин?
Павел Хавличек од Асоцијацијата за меѓународни односи со седиште во Прага верува дека Лукашенко можел и самиот да помисли да ги инструментализира луѓето за политички цели. „Пред да бидат воведени европските санкции, Минск преговараше за олеснување на визниот режим со ЕУ“, вели експертот. Оттука, властодржецот е добро упатен кога станува збор за прашања како миграција и визи.
Аркадиј Мошес, директор на истражувачката програма ЕУ-Источно партнерство и Русија при Финскиот институт за меѓународни односи (ФИИА), е уверен дека белоруските тајни служби и без помош од руските колеги се во состојба да префрлат бегалци и мигранти од Блискиот Исток на границите со Литванија, Полска и Летонија. „Мрежата на тајните служби во Белорусија е цврсто разгранета и комплексна. До пред десет години десетици од нив имаа дозвола да вршат претреси и да водат истраги. На колкумина им е дозволено да го прават тоа и денес, не знам. Но, тие се способни за таква операција“, објаснува Мошес.
И Андреј Солдатов, новинар и експерт за руските тајни служби, смета дека на Минск во оваа операција не му е потребна помош од Москва. „Тајните служби на Лукашенко имаат добри контакти во Турција и на Блискиот Исток, но Москва беше претходно информирана“, вели Солдатов.
Сите експерти меѓутоа се согласуваат дека Минск никогаш немаше да покрене хибридна војна против ЕУ и НАТО без согласност на Москва. Според Павел Хавличек, белоруските тајни служби уште од почетокот на операцијата немаат друг избор, освен да соработуваат со Русија: „Русија и Белорусија имаат заеднички воздушен простор, заеднички систем за противвоздушна одбрана и, фактички, заедничка заштита на границата. Москва нема да дозволи Белорусите да постапуваат без нејзина согласност“. Според Андреј Солдатов, луѓето на Лукашенко не мора посебно ни да бараат информации, бидејќи постојано се разменуваат податоци како дел од заедничките акции за заштита на границата.
Повеќе:
Страдањето на луѓето на границата помеѓу Полска и Белорусија
Бегалците преку Белорусија пристигнуваат до Летонија и Литванија
Белоруско-руски воени маневри близу границата со Полска
Кои се целите на Путин и задачите на Лукашенко?
Аркадиј Мошес смета дека Путин со кризата се обидува не само да го потсети Западот дека Русија е потребна кога станува збор за земји од таканаречениот постсоветски простор, туку сака и на домашната публика и на оние што ја „разбираат Русија“ во Европа да им прикаже слаба ЕУ, која не е способна да го реши проблемот со миграцијата: „Ако мигрантите не бидат пуштени да влезат, вие (ЕУ, н.з.) сте сурови и лицемерни и не ги почитувате сопствените хуманитарни принципи. А, ако бидат пуштени да влезат, тогаш сте слабаци“.
Павел Хавличек смета дека Лукашенко има неколку цели. Прво, сака да издејствува преговори со Западот за да се стави крај на сегашната криза. Затоа што и да се неформални, преговори би му дале легитимитет, што сега му е негиран од страна на ЕУ и САД. Второ, тој сака да ја зајакне внатрешната изолација на Белорусија, да ја запре емиграцијата на Белорусите и да го стави општеството под целосна контрола, уверен е Хавличек.
Кир Џајлс, советник во Кралскиот институт за меѓународни односи во Лондон, пак, смета дека е нејасно кои се вистинските цели кои Минск и особено Москва се обидуваат да ги остварат со ескалацијата што трае со месеци. „Она што е јасно е дека ова е форма на уцена. Но, ако уценувачот не каже што точно сака, не можете да преговарате со него“, вели Џајлс. За разлика од многу политичари и активисти кои би ја осудиле Ангела Меркел затоа што би му се јавила на Путин, Џајлс смета дека е правилно да се открие што навистина сака Путин во ситуација во која ЕУ подготвува санкции против Белорусија. „Такво нешто е мудро, дури и ако цената притоа е да се препуштиме на вечната желба на Кремљ за перчење.“
Санкциите мора да бидат остри
Во сегашната ситуација, според Аркадиј Мошес, ЕУ мора да дејствува строго: „Најдоброто решение би било категорично да се отфрлат мигрантите кои Лукашенко ги турка преку граница. Тие доаѓаат во Белорусија легално, со визи, поединечно или групно. Официјално, Белорусија е мирна земја, каде што нема ниту војна ниту катастрофи и каде што има доволно економски потенцијал. Тогаш можат да побараат азил таму. Ако луѓето сакаат да одат само во Германија или Шведска, тогаш тие веќе не се бегалци.“
Павел Хавличек има поинакво мислење: „ЕУ не смее да изгледа сурова и едноставно да ги истера бегалците преку граница назад во прегратките на Лукашенко. Тоа би било во спротивност со европските принципи на хуманоста. Освен тоа, Белорусите нема да ги остават таму. Но, се разбира, ние не можеме едноставно да ги отвориме нашите порти.“
И Мошес, и Хавличек и Кир Џајлс се уверени дека санкциите треба да бидат остри. Според Хавличек, притоа треба да се има предвид не само режимот во Минск, туку и руските интереси: „Се разбира, тековните испораки на белоруски минерални ѓубрива во ЕУ треба веднаш да се прекинат. Но, не смеат да се заборават и руските компании кои инвестираат во белоруски компании. Мора да размислиме и за санкции против нив.“