1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забраната за носење никаб во Пазарџик и нејзините последици

Татјана Ваксберг/сн28 јули 2016

Пазарџик е прв град во Бугарија кој воведе забрана за носење целосна прекривка на лицето на јавните места. Некои жени муслиманки поради тоа речиси и да не го напуштаат сопствениот дом.

https://p.dw.com/p/1JWSx
Фотографија: DW/T. Vaksberg

16-годишната Мелиса Карталова презема голем ризик: пред неколку дена таа ја напуштила куќата во никаб (муслиманскиот вел кој го покрива лицето со тесен отвор за очите) и влегла во автомобилот на свој роднина. Кратко потоа возилото било застанато од полицаец,кој Мелиса ја однесол во полициска станица

Пред еден месец Пазарџик воведе забрана за носење бурка и никаб. Додуша облеката за целосно покривање на телото и лицето веќе беше забранета во Бугарија во 80-те години од минатиот век, но во 90-те години повторно беше дозволена на национално ниво. Тоа е сега поинаку во Пазарџик: жените кои на улица носат облека која го покрива целото тело со отвор само за очите- каков што е впрочем никабот- мораат да сметаат на казна од 150 евра. При „повторување на делото“, казната изнесува веќе 500 евра- што е повеќе од просечната плата во Бугарија.

„Во полициската станица, службеникот побара да го соблечам никабот“, раскажува Мелиса, која веќе ја платила казната. Таа не може со зборови да го опише срамот, кој го чувствувала, кога на полицаецот морала да му го покаже своето лице. Намерно понижување, смета 40-годишната Светла, која седи покрај Мелиса на подот во женската соба на џамијата „Абу Бекир“ во Пазарџик. Вкупно 30 жени кои доаѓаат во џамијата исто како Светла и Мелиса носат никаб. Седум или осум од нив веќе платиле казна за тоа, велат двете жени кои во никој случај не допуштаат да бидат фотографирани.

„Мажите преоптоварени“

Шефот на полицијата во Пазарџик, Иван Генчев, не сакаше ни да ги потврди ниту да ги демантира овие наводи. „Ги познавам традициите, обичаите, религијата и животот на овие луѓе, но за тоа не сакам да дадам никакв коментар“.

Deutschland Leipzig Verschleierte Frau Niqab (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Endig

Во ромската населба во Пазарџик живеат околу 30 илјади луѓе. Две третини од нив според сопствени наводи се муслимани кои говорат турски. Нивната џамија „Абу Бекир“ е позната поради поврзаноста со судскиот процес против 14 муслимански свештеници за „ширење на радикален исламизам“. Еден од обвинетите е Ахмед Муса, сопругот на Светла, кој веќе половина година се наоѓа во истражен затвор. На почетокот Светла редовно го посетувала- но подоцна повеќе не: „Најнапред во затворот задолжителните претреси на телото на женските посетителите ги правеа жени. Сега, меѓутоа се само мажи“, вели Светла. „Не можам да си замислам, никабот да го соблечам во нивно присуство, и да им дозволам да ме претресуваат. Значи мора да останам дома.“

Откако е забрането носење на никаб, жените во Пзарџик кои го носат, главно остануваат дома. Сопрузите во меѓувреме веќе вршат притисок врз нив да се откажат од носењето на никаб: „Тие едноставно се преоптоварени, кога жените не можат да одат во продавница, или да ги однесат децата на училиште“, вели Светла. „Може ли воопшто вака да се живее, кога надвор пред вратата постојано демне полиција?“

„Кој вака шета, може сѐ да сокрие“

Но сите муслимани во Пазарџик не гледаат така на тоа. „Никогаш во животт, нема да разберам зошто на жените им треба никаб“, вели еден муслиман сопственик на кафуле во близина на џамијата „Аби Бекир“. Тој оди во друга џамија во центарот, каде, како што вели, „вакви работи“ нема. Дали смета дека забраната за носење никаб е исправна? Ги крева рамениците. „Оставете ги да се шетаат како што сакаат“. На тоа поинаку гледаат двајца браќа во една авто-механичарска работилница во центарот: забраната на никабот е безбедносна мерка. „Кога некој така се шета наоколу, може под облеката да сокрие сѐ. Бомби и други работи.“

Bulgarien Burkaverbot in der Stadt Pazardschik
Фотографија: DW/T. Vaksberg

Во Пазарџик, можат да се видат многу муслимански жени, кои се облечени во западен стил. Покривањето на жените во Куранот е споменато двапати, вели 32-годишниот имам, Али Селим од Пазарџик. Двјаца од четворицата најважни толкувачи на Куранот, меѓутоа сметаат дека лицето на жените смее да остане непокриено, вели Селим. Во муслиманската заедница во Пазарџик, на која ѝ припаѓаат 20 илјади луѓе, очигледно има застапници на различните толкувања за поктивањето на жените. Сите меѓутоа се единствени околу тоа , што се случило во Пазарџик во последните 50-години кога е во прашање носењето на облека за целосно покривање на телото и лицето. Имено во 70-те години никабот полека усчезна од улиците. Во 80-те години следуваше забраната воведена од страна на комунистите на „муслиманската облека во сите различни варијанти“, која се однесуваше и на определени капи и покривки за главата кои ги носат мажите. Тоа беше дел од репресиите на властодржците против муслиманското малцинство. Никабот повторно се појави на улиците во Пазарџик во средината на 90-те години, кога Јашар Мустафа и Ахмед Муса заеднички со некои соседи, ја отворааа новата џамија во градот. Оттогаш, меѓутоа, носењето никаб не се прошири толку многу, сметаат соговорниците од бугарскиот град.