На избори со истечени лични карти?
19 август 2021Околу 40 илјади граѓани кои не можат да ги обноват истечените лични карти, најверојатно ќе може да гласаат со нив на престојните локални избори. Ваквата можност ја најави денеска премиерот Зоран Заев. Станува збор за проблем кој се провлекува со месеци наназад и им го отежна секојдневното функционирање на граѓаните. Тие не можат да добијат нова лична карта, поради собраниските лавиринти во коишто заглави предлогот за етничката графа во документите. Бројот на неиздадени документи секојдневно расте, бидејќи граѓаните коишто имаат термин, аплицираат, се фотографираат, плаќаат за нови документи, а нови лични карти едноставно нема.
-повеќе на темата: Над 30 илјади граѓани не можат да добијат лични карти поради воведувањето етничка графа
Многумина поради настанатиот проблем не можат да подигнат пензија, бидејќи банките не ги признаваат потврдите издадени од МВР, а дел од граѓаните беа спречени и да заминат на одмор поради немање валидни документи. Во пресрет на есенскиот попис и изборите во октомври, се наметнува нова загриженост - како ќе се гласа на изборите со документи на коишто им е истечена важноста?
Мака со пензии, социјална помош...
„Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки со истечена лична карта, па граѓаните не може да земат пензија, социјална помош и сл. Ние на седница на Влада специјално разговаравме за ова. Првото решение е со работа на парламентот од први септември да се донесат законот и да се издадат личните карти“, вели премиерот.
Во меѓувреме од Македонската банкарска асоцијација информираа дека согласно со мислењето добиено од Управата за финансиско разузнавање, е надминат проблемот за непреченото користење на услугите и производите на банките и штедилниците од страна на граѓаните на коишто им е истечена важноста на личната карта. Тие ќе можат да ги користат услуги со приложување на пасош, или пак врз основа на увид во матичниот број на граѓанинот наведен во потврдата издадена од МВР дека е поднесено барање за издавање на нова лична карта. Сите банки и штедилници веднаш започнуваат да го применуваат ваквиот начин на идентификување на клиентите.
Премиерот информираше дека министерот за правда Бојан Маричиќ и другите надлежни ресори работат да изнајдат начин и како да се гласа со истечена лична карта, зошто граѓаните може да гласаат и со пасош, но не сите имаат пасоши. Вакви примери, според него, на гласање со истечени лични карти, имало и во минатото.
Тој ја обвини политичката партија Левица за блокирање на предлог законот за лични карти. Предлог-законот за лични карти е блокиран, со повеќе од 1.500 амандмани поднесени од опозицијата, а 1.200 се од партијата Левица. Според Заев, Левица со овие амандмани се однесува радикално и нанесува непоправливи штети.
„Политичката партија Беса овој предлог го поднесе со одложено дејствие од 2023 и со можност Европа да се изјасни по ова прашање. Со таквата блокада патат и трпат граѓаните“, вели Заев.
Апел да се изгласа законот
Апел за решавање на проблемот упати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „Апелирам секој еден одговорно да пристапи, член на парламент, Влада или локална самоуправа, да им служи на граѓаните за да може да работиме. Не фалат обрасци за лични карти, системот е добар, само треба да се изгласа Законот за лични карти“, вели тој.
Спасовски додава дека не обвинува никого, туку ги повикува тие што се платени од граѓаните да ја вршат работата, да го изгласаат Законот за лични карти, бидејќи овој проблем покренува многу проблеми во секојдневното функционирање и мора да се бара излезно решение за граѓаните да ги остварат своите права.
-повеќе на темата: Линиите на МВР се „вжештија“, до термини за нови документи се доаѓа се потешко
Проблемот со издавањето на новите документи трае веќе подолг период. Прво поради пандемијата службите беа затрупани со барања за нови лични карти и пасоши. На почетокот на летото, МВР го надградуваше системот, по што настана нов застој. Последната блокада започна со имплементацијата на законската обврска за менување на името на државата во документите - во Република Северна Македонија.
„Ова законско решение, МВР преку Владата уште во март го достави во Собранието, се со цел да може да ги помине собраниски процедури и да можеме да отпочнеме со примена на ова законско решение од 1 јули 2021 година. Притоа, ова законско решение не прецизира ништо друго освен тоа дека и кај личните карти од 1 јули треба(ше) да се применува уставното име на државата и да се применуваат одредбите од законот за јазиците, односно сите заедници што живеат во државата имаат право на личен документ на сопствен јазик“, објаснуваат од МВР. Тие апелираат до пратениците час поскоро да го донесат ова законско решение, во интерес на граѓаните.
Личните карти со старото уставно име, од влегувањето во сила на новиот Закон за лични карти, ќе можат да се користат до 12 февруари 2024 година.