Лицемерието на италијанската влада
28 август 2018Популистичката влада во Италија го прави она во што популистите се најумесни: извртување факти, потпалување емоции, преку лажни обвинувања и поедноставени пароли извојување лицемерни победи и правење политички капитал од нив. Така, министерот за економија Луиџи ди Мајо дрско тврди дека Италија годишно во буџетот на ЕУ уплаќа 20 милијарди евра, што не е точно, во 2017. година нето- сумата изнесувала 3,3 милијарди евра. Еврокомесарот за буџет на ЕУ, Гинтер Етингер, изјавата на Ди Мајо ја детектира како „фејк њус“. Лидерот на популистичкото движење Пет ѕвезди се закани со прекин на плаќањето на италијанскиот удел во тековниот ЕУ-буџет. Прво, тоа е противправно, а второ - чиста уцена, која Брисел итно треба да ја отфрли. Ди Мајо и деснорадикалниот министер за внатрешни работи Матео Салвини понатаму тврдат дека ЕУ ѝ ветила на Италија преземање на мигрантите кои стигнуваат на италијанскиот брег. И тоа е погрешно, ваков договор никогаш не е постигнат. Одделни држави сигнализираа доброволна подготвеност за евентуално прифаќање на мигранти, не постои ништо повеќе од солидарност.
Уцени, лаги, национализам од Италија
Целосно апсурдно е тврдењето дека Европската комисија во Брисел е надлежна околу темата прием на бегалци. Ди Мајо и Салвини многу добро знаат дека за тоа се надлежни исклучиво националните држави. Патем, недостига солидарност дури и меѓу популистичките влади: унгарскиот автократски премиер Виктор Орбан ги игнорира италијанските барања и не сака да прими ни еден единствен мигрант.
Деснорадикалниот италијански министер за внатрешни работи Салвини, кој со темата миграција води непрекината изборна кампања, иако моментните бројки на пристигнати мигранти во Италија се милји далеку од кризни состојби, има едноставен и човечки презирен рецепт: одбивајќи го секој брод со мигранти, неговата цел е изолирање и одвратување по секоја цена. „Италија на прво место“, па нека чини колку и да чини.
Тоа што Салвини и неговите истомисленици го држеа бродот „Дикиоти“ во италијансакото пристаниште како заложник, ја прели чашата дури и за италијанското правосудство. Против Салвини е покрената истрага за противзаконско лишување од слобода, која секако нема да оди далеку, но сепак претставува мал видлив сигнал на отпор против курсот на популистите во Рим. Реакцијата на Салвини беше очекувана и се движи на ниво на приземност: истрагата тој ја нарече „срамота“, дополнувајќи дека истовремено му прави „чест“ зашто ја облагородува неговата борба против системот. Вакви несериозни напади против судството ни се познати во меѓувреме од Белата куќа, но не смеат да станат секојдневие во Италија!
Повеќе:
Унгарија користи тактика на прегладнување против бегалците
Европа нема решение на повидок за азилантите
Италија можеби ќе оди на максимален ризик
Точно е дека на членките на ЕУ ни по три години сѐуште не им успеа усогласување за реформа на системот на азил и разумно распределување на мигрантите. Тоа е слабо место, кое популистите, не само во Италија, беспоштедно го користат: за сѐ е виновна ЕУ. Оваа рефлексна реакција секако е погрешна. Проблемите се комплексни, а и Италија спаѓа во оние кои минатите години ја спречуваа реформата на европската процедура.
Повеќе:
Но, сега да се преземаат еднострани постапки и да се контрира на сите европски правила и вредности, меѓу кои и хуманоста, како што прават Матео Салвини и Луиџи Ди Мајо, едноставно е неприфатливо. Така забиваат колец во темелите на ЕУ. Со уцени тие нема да стигнат далеку, не смеат да стигнат далеку. Во претстојните преговори за буџетот на ЕУ од 2021. до 2027. година Италијанците можат да предизвикаат уште поголеми проблеми. Не е исклучено десните радикали и популисти да ризикуваат дури и излез од еврозоната или ЕУ, само за да ја протукраат својата волја. По Брегзит, Полска и Унгарија, Италија со брзо темпо се развива како следно кризно жариште на ЕУ.