Лица и настани: 25 години независност
На 8 септември 1991 година Македонија ја прогласи својата независност. Резултатите од референдумското изјаснување јасно и недвосмислено ја покажаа волјата на мнозинството граѓани да живеат во сопствена држава.
„Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“
Со овие зборови тогашниот претседател Киро Глигоров им го честиташе референдумскиот резултат на граѓаните собрани на плоштадот во Скопје.
Песна и оро
Независноста беше прославена со песни и ора на плоштадот. Остварен беше идеалот на генерации Македонци кои се бореа за независна држава.
Киро Глигоров
Глигоров беше првиот претседател на независна и суверена Македонија. Ќе остане запаметен по успешните преговори за мирно напуштање на југословенската федерација и по мудрото раководење со државата во клучните, критични моменти на 1990-те години.
Стојан Андов
Андов беше прв претседател на плуралистичкото Собрание. Во долгата политичка кариера учествуваше во носењето на речиси сите клучни одлуки за државата. „Независноста беше највисокиот дострел во нашата историја“, изјави Андов за ДВ лани, на 24 годишнина.
„Врсник“ со независноста
Во 2011 година, по повод годишнината од независноста, објавивме интервју со Христијан Проданов. Тој е роден пред полноќ ноќта на 8 септември 1991 година. „Мајка ми и ден денес кога на телевизија ја даваат прославата од независноста ќе ме викне и ќе ми рече во овие мигови ти се раѓаш“, ни рече тогаш Христијан.
Конфликтот од 2001
Конфликтот во 2001 година меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници предводени од паравоената ОНА, се закануваше да ја разори кревката демократија. Конфликтот заврши со потпишување на Охридскиот рамковен договор кој во меѓувреме беше вметнат и во Уставот.
Смртта на Борис Трајковски
На 26 февруари 2004 година авионот со кој претседателот Борис Трајковски патуваше од Скопје кон Мостар, БиХ се урна во близина на крајната дестинација. Смртта длабоко ја потресе Македонија. Покрај Трајковски, загинаа и уште осум патници- членови на неговиот кабинет, како и членови на екипажот.
Никола Груевски
Груевски ги одбележа последните десет години во македонската политика. Тој е политичар со најдолг стаж на премиерската функција, но резултатите од неговото владеење се, најблаго речено, спорни. 25 години од независноста Македонија е сеуште меѓу најсиромашните земји во Европа, со висока стапка на невработеност и уште подалеку од евро-атлантските интеграции.
Шарената револуција
Иницијална каписла за најдолготрајните и најмасовни граѓански протести во македонската историја беше амнестијата која претседателот Ѓорге Иванов им ја додели на осомничените политичари и нивни соработници. Шарената револуција, како што подоцна беше наречена, успеа да се избори за повлекување на амнестијата. Наредниот период ќе покаже дали и останатите нејзини барања ќе бидат остварени.
Почетокот го красеше голем ентузијазам, но и страв поради крвопролевањата кои се одвиваа во другите поранешни југословенски републики. Следуваа години на неизвесност, проследени и со грчкото економско ембарго како резултат на спорот околу името. Спорот останува актуелен и денес, но Македонија, како и на почетоците, и натаму ја мачат истите проблеми засилени со длабоката политичка криза, уривањето на демократските институции и бесперспективноста на младите.