1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Листата на Хаг е долга, дали на неа ќе се најде и Ахмети?

ДТЗ /ДВ
6 ноември 2020

Лидерот на ДУИ Ахмети беше повикан од Специјалното обвинителство за Косово во својство на сведок како еден од основачите на ОВК. Сега се шпекулира дека тој би можел да се најде на листата на обвинети.

https://p.dw.com/p/3kygG
Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дали Али Ахмети ќе му прави друштво на Хашим Тачи во Хаг? Ваквите шпекулации се подгреаја деновиве, веднаш откака беше објавена веста дека Хашкиот трибунал издал налози за апсење на повеќе лица поврзани со поранешната ОВК. Ахмети се најде во фокусот и поради неговата реакција веднаш по информацијата дека досегашниот косовски претседател заминува во Хаг, во која порача:

„Ако имаме можност, пак ќе се бориме за слободата“.

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) им честиташе на косовските лидери што достоинствено одговориле на „повикот на правдата“ на Хаг и им посака брзо враќање на функциите откако ќе посведочат за „вистинските слободарски цели“ на војната што ја водеа како ОВК.

Ахмети во септември беше повикан од Специјалното обвинителство за Косово во својство на сведок како еден од основачите на ОВК за перидот 1998 – 2000 година. Неговиот сопартиец Артан Груби тогаш изјави дека испрашувањето на Ахмети од хашките истражители е поврзано со активности на Косово, но не и во Македонија.

По најновите шпекулации кои ги објавија некои од албанските медиуми, а во кои се наведува дека Ахмети заедно со поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца други косовски политичари се товари за воени злосторства против човештвото, повторно се огласи вицепремиерот Артан Груби кој, преку социјалните медиуми, порача дека станува збор за лажна вест.

„Злобната и поттикнувачка пропаганда против претседателот Али Ахмети и напорите на албанскиот народ за слобода и независност не престануваат. Лажната вест на еден албански проопозициски портал за наводното обвинение против Ахмети е најдобриот доказ за нивниот постојан став кон последните случувања и ослободителната војна на албанскиот народ. Ахмети е коосновач на ОНА и ОВК, поддржувач на владеењето на правото, неселективна правда и тоа секогаш го докажувал, дури и во случајот на последното сведочење во Приштина. Оние што сакаат да им наштетат на Албанците и на ОВК и нарачителите на лажните вести, добро би било да се воздржат од вакви клевети затоа што ниту минатото, ниту денешнината, ниту утрешнината нема да им простат, и ќе останат со заслужената дамка“, вели Груби.

Портпаролот на Специјалното обвинителство од Хаг, Кристофер Бенет за ТВ 24 ниту ја потврди ниту ја демантираше ваквата вест.

„Никогаш не сме ја коментирале истрагата и никогаш не сме рекле дека Ахмети бил на распит во обвинителството. Верувам дека тој самиот го кажал тоа. Во минативе два дена имаше акција но тоа е се' што може да кажеме надвор од официјалното соопштение“, изјави Бенет.

Претреси и апсења на Косово

Припадници на ЕУЛЕКС денеска извршија претрес во куќите на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, лидерот на пратеничката група на Самоопределување, Реџеп Селими како и во домот на лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели. Тројцата поранешните офицери на ОВК како и Јакуп Красниќи се обвинети за најмалку 98 убиства, но и за други воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија од март 1998 година до септември 1999 година.

Красниќи беше уапсен вчера, по извршениот претрес во неговите куќи во Приштина и во родното село Негровце. Тој беше уапсен врз основа на потврдено обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Тачи ќе се појави пред судиите во Хаг во понеделник на 9 ноември. На крајот на септември годинава, специјалните единици на ЕУЛЕКС влегоа и во канцелариите на Здружението на воени ветерани на ОВК во Косово и го уапсија претседателот на тоа здружение, Хисни Ѓукати.

Поранешниот премиер и лидер на партијата на Селими, Албин Курти, кој во моментов е во самоизолација поради коронавирус, синоќа на Фејсбук напиша дека „неправдата продолжува“. Тој алудираше на обвинението против Селими и на апсењето на поранешниот секретар на ОВК и поранешен претседател на Собранието, Јакуп Красниќи.

Налози за апсење од Хашкиот трибунал може да бидат издадени и за албански државјани кои живеат во Албанија, јави „Топ Ченел“ телевизија. Дипломатски извор, кој е добро упатен со развојот на настаните во овој случај, за „Топ Ченел“, изјавил дека последните апсења на поранешни високи лидери на ОВК на Косово се само почеток на долгиот бран апсења на луѓе кои ќе мора да се соочат со обвинувања за воени злосторства. Според телевизијата во целосниот документ за обвинение познат како „Анекс 3", објавен вчера од Специјалниот суд во Хаг, покрај затворите на ОВК во Косово, се наведуваат и три затвори на територијата на Албанија, во Кукс, во Хас и кај Тропоја, каде обвинителите велат дека се извршени воени злосторства.