Лидерски дуел: Твоето лице ми звучи познато
1 јули 2020На различни реакции во пошироката јавност наиде првиот тв-дуел на ТВ „24“ меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, одржан по истекот на првата седмица од изборната кампања. Според реакциите на социјалните медиуми, некои сметаат дека токму така треба да изгледа дуел - „жестоко и без пардон“, други анализираат кој бил нервозен, а кој смирен, трети повикуваат на потребата од многу повисоки стандарди во политичката комуникација и култура.
Дуелот не ги даде одговорите за клучните прашања и реалните проблеми, оценуваат соговорниците на ДВ. Пратеничката од првиот собраниски состав, Ѓулистана Марковска, вели дека ако по утрото се познава денот, по првото лидерско соочување сосема е јасно дека и на овие избори ќе имаме „многу лоша и валкана кампања".
„Очигледно дека и двајцата лидери не проценија дека во ова ужасно време невреме на корона-дивеење, на сите нас ни се свртија животите наопаку, дека сакаме аргументирана, и со факти поткрепена дебата за вистинските животни проблеми од типот: каква вода ќе пиеме, како ќе се прочисти воздухот, како ќе се справуваме со отпадот, а не уште да увезуваме и туѓ со сомнителна содржина, каква изменета содржина ќе има здравството, образованието... Наместо реални решенија за вистински проблеми, ние слушнавме дебата со многу ниска политичка култура и многу, многу навреди со лични дискредитации. За волја на вистината, кога ќе ве нападнат уште и неосновано, човечки порив е да се одбраните. Уште полошо звучи, кога свесно ќе приговарате за нивото на дебатата, за веднаш, во истиот момент, сам и сосема прецизно, да си ‘скокнете во уста'. Некогаш и тишината е знак на достоинство и на култура на говорот. И за љубов и за кавга се потребни двајца. Жално е што добар дел оваа дебата беше повеќе лична, со многу мало споменување на партиите кои се на изборен мегдан и за нивните програмски решенија“, констатира Марковска.
Сличен став дели и поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, кој очекувал повеќе време посветено во одговори за економските и политичките проблеми.
„ТВ дуелот, неочекувано за мене, ниту по форма ниту по содржина, не беше на потребното ниво, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа државата и предизвиците што ѝ претстојат во блиска иднина во евроинтеграцискиот процес. Несразмерно повеќе време потрошија расправајќи за личните карактерни особини, наместо за економските и политичките проблеми со кои земјата се соочува и во иднина ќе се соочи како последица и од пандемијата“, вели Хајредини.
Повеќе:
Тргнуваат караваните под маски
Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно
Вечните „донатори“
Во дуелот, доминираа неколку зборови и имиња: пари, рекет, поткуп, Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Зоран Милески - Кичевскиот (кој во еден наврат од Заев беше именуван пермутирано како Зоран Милевскиот - Кичевски). Ниту еден од споменатите лица не е кандидат за пратеник, а сепак, го апсорбираа најголемиот дел од времето во дуелот во контекст на незаконски снимени разговори и објавени на Јутјуб во изминатиов период, а заради индиции за криминал што произлегуваат од нив.
„Она што мене ме запрепасти, е тоа што веќе никој јавно, дури и новинарите, не поставуваат прашања - од каде се новите ‘бомби', а се дискутира очигледно за автентична содржина“, вели Марковска.
„Дали ние веќе се имунизираме од вирусот на прислушувањето, па кој кога сака и во кои било размери и потреби може да го применува тоа, а притоа да помине неказнето, како тоа да е нормална, озаконета дејност? Уште пострашно е што јавно дознавме, дека одредени самонаречени ‘донатори' на партиите се всушност едни исти луѓе, кои после секој изборен циклус само си ги менуваат газдите, односно си ‘владеат' со државата, без да ги допре судската рака, дури и кога ‘дебело' ќе се огрешат од законот. Не слушнавме дека ваквата незаконска практика ќе престане, дека ќе се сосече во корен, зашто само кога ова диво месо ќе се расчисти, тогаш може да зборуваме за право, правда и правна држава. Се’ друго е фрлање на прав во очи. Не слушнавме многу нешта, кои ќе не’ охрабрат и ќе бидат стимул на оние 35 до 40 % апстиненти, за да излезат на изборите. Нивното апстинирање ќе го поткопа вистинското значење на изборите, кои од празник на демократијата би можеле да се претворат во гола борба на партиските членства за власт и моќ. Со тоа изборите би биле легални, ама не и легитимни и вистински одраз на волјата на граѓаните“, посочува Марковска.
Согласни да се укине „пржинската влада“
Лидерите на двете најголеми политички партии, во вечерашниот дуел имаа различни ставови за многу прашања, но се согласија само за едно: дека повеќе не треба да постои пржинска влада 100 дена пред избори.
„Не треба да постои. Неколку пати го имам кажано тоа, кажете го и вие. Мојот став е дека не треба да има повеќе пржинска влада“, рече Заев.
Мицкоски одговори дека бил против пржинска влада уште кога се потпишувал Пржинскиот договор, но дека за овие парламентарни избори инсистирале тој модел да постои бидејќи народот немал доверба кога СДСМ треба да организира избори. Сепак, и тој се согласи дека во иднина не треба да функционира тој модел.
„Апсолутно немам никаков проблем да нема пржинска влада“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.