1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерите на консултации: Одлучувачки викенд за годината?

26 декември 2019

Од она што в сабота ќе се договорат лидерите на најголемите политички партии, може да зависи извесноста на изборите во април, но и на законите кои сега се блокирани во парламентот.

https://p.dw.com/p/3VL65
Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Средбата Заев-Мицкоски, според неофицијални информации, е закажана за сабота, 28 декемвриФотографија: Regierung der Republik Mazedonien

„Во 2020 година ќе има избори, но дали тие ќе се одржат на 12-ти април зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието“, порача премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју на ТВ „Алсат-М“. Ова не е прво предупредување на премиерот дека можеби нема да се повлече на 3-ти јануари, како што предвидува Пржинскиот договор за формирање на техничка влада. Тој и во изминативе два дена предупредуваше дека изборите може да бидат одложени сè додека опозицијата во парламентот ги блокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите.

Дали се ќе оди според договорот постигнат на 20-ти октомври кај шефот на државата, Стево Пендаровски, кога лидерите на парламентарните партии се договорија за предвремени парламентарни избори на 12-ти април 2012 година, веројатно најмногу ќе зависи од средбите Заев-Мицкоски и Ахмети-Мицкоски, кои според неофицијални информации се закажани за в сабота. Тема на средбите ќе биде техничката влада. Но, за да се расчисти патот за неа, најверојатно ќе биде отворена и темата за процесите во парламентот, кои сега се блокирани со илјадници амандмани од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Еден ден претходно, во петок, на седница на Централниот одбор на СДСМ треба да биде предложен кандидат за технички премиер, но и кандидат за вицепремиер за економски прашања, со оглед дека Кочо Анѓушев најави заминување од функцијата. Не е исклучено на седницата да се анализираат и односите со коалицискиот партнер ДУИ.   

Повеќе: Блокадата на законите ги доведува во прашање изборите

Речиси изедначени во рејтингот

Темата - ќе има или нема избори, се случува и во време на меѓупартиски препукувања со резултати од истражувања на јавното мислење за рејтингот на партиите, довербата во нив, и нивниот потенцијал за изборна победа.

Во неодамнешна на анкета на Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС), опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше предност од околу 4 отсто пред СДСМ, а во последната анкета на МЦМС и Институтот за демократија СДСМ со 22,1% е во благо водство пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ со 20,4%. Според оваа анкета, речиси и нема разлика помеѓу рејтингот на двете најголеми политички партии во државата, односно таа е во маргините на статистичката грешка.

Mazedonien Zentrum von Skopje
53,9 проценти од граѓаните сметаат дека владејачката партија не заслужува уште еден мандат, а 58,7 отсто сметаат дека ниту опозициската партија не заслужува да биде избрана на следните парламентарни избориФотографија: DW/P. Stojanovski

Но, и во двата случаја не недостигаа забелешки за „веродостојноста на анкетите. За последната анкета на Фејсбук се осврна и Мицкоски.

„Читам некои анкети кои се во функција да го мотивираат членството на СДСМ и Заев. Тогаш, доколку е таква работата, еве и јас кој непоколебливо верувам во народот, ги охрабрувам да излезат на избори и народот да одлучи“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој обвини дека за 11 месеци капиталните инвестиции се реализирани половина од предвиденото, и дека јавниот долг достигнал фрапантни 5,7 милијарди евра, а се планираат нови задолжувања од 270 милиони евра.

„Ете затоа Заев бега од избори, зошто неспособноста не може да се сокрие, граѓаните ја чувствуваат“, оцени Мицкоски.

Повеќе: Паднаа најповолните понуди на акшам пазар

Простор за трета опција

Во последната анкета, во однос на довербата Зоран Заев (16,5%) е во предност пред Христијан Мицкоски (14,2%). Но, еден податок треба да го вклучи алармот и кај двете најголеми партии: 53,9 проценти од анкетираните сметаат дека владејачката партија не заслужува уште еден мандат, а 58,7 отсто сметаат дека ниту опозициската партија не заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори. 

Според аналитичарот Џелал Незири, последните анкети јасно покажуваат дека граѓаните се разочарани од владеењето на СДСМ, но сѐ уште не се убедени дека ВМРО-ДПМНЕ има волја и капацитет за подобри перформанси во извршната власт.

„Разочарувањето од власта и отсуството на надежта дека опозицијата може да смени нешто кон подобро, придонесуваат граѓаните да немаат доверба воопшто во политичката елита. Тоа што на последната анкета речиси половина од граѓаните искажале целосна недоверба кон политичка елита, говори дека има широк политички простор, непокриен од ниту една политичка опција, кој може да биде зафатен од некоја трета опција. Ова не мора автоматски да значи дека политичката конкуренција ќе добие на квалитет, туку напротив - може да биде искористен за пробивање на партија или движење од екстремната десница или левица. Ако ги гледаме земјите каде јавноста е заситена од политичките махинации на политичките елити, таа ситуација е искористена од популистички движења кои уште повеќе ја комплицирале внатрешната политика на тие земји“, предупредува Незири.