1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лех Валенса и сенката на тајните служби

Бартош Дудек/БГ19 февруари 2016

Новооткриените документи го ставаат под притисок Лех Валенса. Поранешниот претседател и добитник на Нобеловата награда, во 1970-те години наводно соработувал со тајната служба. Валенса негира

https://p.dw.com/p/1HyR4
Фотографија: M. Biedrzycki /Lech-Walesa-Institut

Обвинувањето е тешко, но не и ново. Уште во раните 1980те години западните амбасади во Варшава како и колегите на Валенса покажуваа документи со кои требаше да се компромитира харизматичниот синдикален лидер и борец за човекови права како соработник на комунистичката тајна служба. Во 2011 Институтот за националнo паметње, институција која го анализираше комунистичкото минато на Полска, официјално соопшти дека инкриминирачките документи во голем стил биле фалсификувани од полската Државна безбедност. Според поранешни припадници на ДБ во тоа време повеќе тимови биле задолжени, меѓудругото, да собираат и да копираат своерачни потписи на Валенса од различни периоди на неговиот живот. Целта делумно беше постигната. Шпекулациите дека Валенса соработувал со службата под кодно име „Болек“ доведе и до раскин со многу негови соработници. Документите кои и беа проследени на норвешката амбасада, сепак не го спречија Валенса да ја добие Нобеловата награда за мир во 1983 година.

Политичко оружје

Гласините за наводната поврзаност на Валенса со тајните служби по падот на комунизмот и неговиот избор за претседател во 1990 добија дополнителна политичка експлозивност. На 4 јуни 1992, тогашниот министер за внатрешни работи Антони Мациревич објави листа со 64 поранешни агенти на ДБ меѓу највисоките државни функционери. Најпознатото име: Лех Валенса! Уште следната ноќ полскиот Сејм со активна поддршка од претседателот Валенса и изгласа недоверба на владата на Јан Олшевски. Партијата на Олшевски и Мациревич во тоа време се викаше „Заеднички центар“. Основачи на оваа партија беа браќата Лех и Јарослав Качињски кои во тој период, откако беа исфрлени од кабинетот на претседател веќе беа на „воена нога“ со Валенса. До денес, Јарослав Качињски (во меѓувреме претседател на владејачката партија Право и правда) и Антони Мациревич (денес министер за одбрана) го сметаат уривањето на владата на Олшевски за „пуч на поранешните агенти“.

Lech Walesa Streikführer 1980
Лех Валенса во Гдањск во 1980 година.Фотографија: picture-alliance/dpa/Lehtikuva Oy

Валенса и неговите поддржувачи и тогаш тврдеа дека листата е манипулирана од страна на ДБ. Во 2000-та година Лустрацискиот суд, ги потврди тврдењата на Валенса, и со тоа ги отфрли сомнежите дека тој бил доушник на службата. Во 2011 година и Судот донесе иста пресуда по приватна тужба на Валенса.

Животното осигурување на Кишчак?

Објавата на Институтот за национално паметење, дека се откриени нови документи за улогата на Валенса, одново ја отвори дискусијата во Полска за ова поглавје од историјата. Наводно се пронајдени договорот за соработка, извештати кои „Болек“ своерачно напишани и ги испраќал на службата, како и сметкопотврди од 1970 до 1976 година за примени пари, тврди директорот на Институтот Лукаш Камински. Материјалот кој содржи стотици страници дополнително ќе се анализира, рече тој.
Документите беа пронајдени во домот на починатиот генерал Чеслав Кишчак. Тој беше еден од најблиските соработници на тогашниот шеф на Комунистичката партија, генералот Војчек Јарузелски. Во периодот од 1981 до 1990 година тој беше министер за внатрешни работи и со тоа и господар на архивата на тајната служба. Спротивно на законот, Кушчак си ја префрлил архивата во својот дом. Според медиумските извештаи, неговата вдовица му ги понудила на Институтот документите за продажба, по што бил извршен претрес во станот. Зошто Кушчак ги чувал овие документи останува нејасно. Можно е да сакал на овој начин да си обезбеди средство за притисок и осигурување.

Kaminski Lukasz
Лукаш Камински директор на Институтот за национално паметењеФотографија: Aureliusz M. Pędziwol

Отворени прашања

Иако Валенса секогаш ја негираше соработката со ДБ, некои прашања околу неговите односи со службата и натаму остануваат отворени. Па така, во едно интервју во 2011 година, тој потврди дека потпишал согласност за соработка со службата. „Сите потпишуваа, па потпишав и јас“, изјави тој тогаш. Но, притоа бил сигурен дека на тој начин „не преоѓа на другата страна“. „Одлучив дека на тој начин ќе бидам во можност да постигнам повеќе и да обезбедам подобра заштита. Кога би се нашол во слична ситуација повторно би го сторил истото, затоа што луѓето од ДБ можеа да бидат прелажани само на овој начин“. Прашањето, дали земал пари и дали пишувал извештаи, тој го остави неодговорено. Соработниците на Валенса упатуваат на тоа дека е многу тешко и проблематично да се објаснат комплицираните односи во една диктаторска полициска држава од денешен аспект.
Противниците на Валенса му префрлаат дека во периодот додека бил претседател имал пристап до неговите документи во ДБ. Подоцна беше утврдено дека документите не биле целосни. До денес не е јасно, дали документите не биле целосни уште при преземањето, како што тврди Валенса, или непријатниот материјал бил отстранет од него лично, како што тврдат противниците.
По вчерашното откритие, Валенса на својо мини-блог напиша дека „тој не манипулирал со документи“ и дека е подготвен тоа „да го докаже и на суд“.