1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ленче Здравкин: Треба да го цениме тоа што го имаме!

24 август 2018

„Од бегалците научив дека треба да го цениме она што го имаме. Да не се караме, да не шириме омраза. Сфатив дека една мала чаша вода вреди живот“, вели Ленче Здравкин, добитничка на наградата „Мајка Тереза“

https://p.dw.com/p/33fot
Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin
Ленче Здравкин згрижила и прегрнала многу деца бегалциФотографија: L. Zdravkin

Хуманитарката од Велес, Ленче Здравкин, (заедно со ликовниот уметник Омер Калеши) е добитник на државната награда „Мајка Тереза“ за 2018 година. Таа се доделува за значајни остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност, за унапредување на меѓусебното разбирање и за развој на соработката меѓу народите и припадниците на различните заедници, култури и вери. Наградата ќе биде врачена во Собранието на 26. август, датумот кога е родена нобеловката Мајка Тереза. Оваа вест објавена неодамна, не е доволна да опише какви благородни личности стојат зад високото признание. Дури и кога јавноста доста добро е упатена во нивните дела, секогаш постојат аспекти кои одново го поттикнуваат воодушевувањето од фактот колку хумано срце може да има една личност. Таква инспирација без сомнение буди велешанката Ленче Здравкин (1967). Таа и нејзинот дом покрај пругата, станаа синоним за најхуманото и најблагородното нешто со кое може да се гордее Македонија.

Повеќе: „Ангелот од Велес“

Сама месев леб

Како во изминатите пет години, така и синоќа во нејзиниот дом добија почивка, храна и облека двајца бегалци од Авганистан. Неколку дена претходно - тројца: татко со две дечиња, кои десет дена не склопиле око. Првиот одмор им бил во помошен објект во семејната куќа на Ленче, кој е адаптиран за потреби на бегалците. 

„Децата не можевме да ги разбудиме ни по 17 часа спиење. Замислете колкав умор носеа во себе“, раскажува Ленче и ги покажува фотографиите од двете деца.   

„Иако од 2016 година балканската рута официјално е затворена, практично не е. Секој ден се движат бегалци“, потенцира нашата хуманитарка, и се враќа на почетоците на приказната.

Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin
Почнав да им подавам вода, чај, сендвичи, домашна зимница, сѐ што имавме дома делевме со нив, раскажува Ленче ЗдравкинФотографија: L. Zdravkin

Нејзиниот благороден ангажман започнал од март 2013 година, кога од прозорецот на семејниот дом покрај железничката пруга во Велес, ги видела првите групи бегалци - истоштени, гладни, со искинати обувки, со рани на стапалата...

„Ги гледав од дневната соба. Не знам дали тие мене ми беа судбина, или јас ним. Почнав да им подавам вода, чај, сендвичи, домашна зимница, сѐ што имавме дома делевме со нив. Но, во 2014 година групите почнаа драматично да се зголемуваат. Од некогашните 10, 30, 50, се случуваше дури и по 400 луѓе да поминуваат покрај нашата куќа. Тогаш веќе не стигнува купените векни леб и флашираната вода. Почнав дома да полнам шишиња со вода и да печам леб во домашен шпорет. Еден се пече, друг замесувам, за трет се подготвувам. Цел ден така, за да има за сите. Растеа групите, растеа потребите, но и трошоците. Од вреќа брашно, преминавме на купување брашно на големо од магацин. И не само тоа. Потребни беа и завои за преврска, и лекови, и облека. Не можев да се справам со сите обврски, престанав да одам на работа“, раскажува Ленче.

Олеснителна околност ѝ било тоа што работела во велешката телевизија „Здравкин“, во сопственост на нејзиниот сопруг.

Тоа е период во кој, поради законската регулатива, Ленче помошта ја дава тајно, со помош од тесен круг на роднини и пријатели.

„Некои ме разбираа, некои не. Но, како да постапиш кога ќе видиш татко со три дечиња кои едвај се движат по пругата? Или баба со внучиња? Во тој миг не ти е ништо важно, освен да им помогнеш, барем со парче леб и чаша вода. Јас дома за кус период ги испразнив сите домашни ормани. Сѐ им дадав на луѓето на кои им беше потребна облека во тие моменти. Нивната трагедија ја разбраа и луѓе од други градови, па почнаа да ми помагаат. Ми испраќаа облека, патики, џемпери, чорапи, конзервирана храна, и тоа ми беше драгоцена помош“, се потсетува таа.

Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin
Од 2015 година, во помошта за бегалците се вклучува и УНХЦР и други организации, што олеснува многу работи за Ленче ЗдравкинФотографија: L. Zdravkin

Без име и презиме

Законската регулатива за оваа сфера се менува по април 2015 година, кога на пругата во близина на Велес во една ноќ беа прегазени 14 бегалци. Сите се погребани во заедничка гробница во месноста Раштани кај Велес. Ленче со свои, и со средства на УНХЦР и од џамијата во Велес, заеднички учествувале во подигањето на надгробната плоча, на која нема имиња и презимиња.

„Неодамна ме исконтактираа три семејства на загинатите, кои денес се во Германија. Сакаа да дојдат на гробот, и да направат соодветни процедури околу утврдување на ДНК. Но, не добија визи за Македонија. Ќе се обидат повторно. Да стигнеа, ќе сакав да бидат со мене кога ќе го добијам признанието“, вели Ленче.

Од 2015 година, во помошта се вклучува УНХЦР и од мал тим станува машинерија. Ленче веќе не била сама во хуманиот ангажман.

„Тогаш мислам дека се препородив. Од УНХЦР ми подадоа рака. Во дворот истоварија два тона вода и храна, и веќе беше полесно. И не морав веќе да месам леб. Црвениот Крст ги плаќаше нарачките на леб и неговата достава до мојот дом. Добив јод, алкохол, гази, спрејови за воспаление на мускулите, лекови... Ако имаше потежок случај имав можност да побарам нивен тим да дојде за помош во рок од 24 часа. Во помош се вклучи и Банката за храна, многу организации, и сѐ стана полесно“, објаснува Ленче.

Не ги заборава ни двајцата велешки пензионери, кои штом ја добиеле пензијата, донирале по еден пакет вода.

„Двајцата се родени во Егејскиот дел на Македонија. Ми велеа: 'Ние најдобро ја разбираме оваа бегалска приказна. Не можеме повеќе да помогнеме, но ова од срце го даваме'. За мене и нивниот гест беше многу значаен“, истакнува таа.

Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin
Стигнуваат боси, со искинати обувки, гладни... Фотографија: L. Zdravkin

Нивните рани кажуваа сѐ!

Веќе има странски понуди да ги раскаже своите приказни како темел за сценарио, кое би израснало во филмска приказна за овие настани. Приказните ѝ се во сеќавањата - и за најмалиот бегалец, и за највозрасната - жена на 102 години од Сирија. Но, досега ништо нема забележно на хартија. Не ѝ останува време. Но, она што сигурно нема да го најдете кај Ленче, тоа се податоци и статистики за бегалците.

„Јас не се среќавав со бројки, туку со луѓе, со човечки приказни. Секој од нив беше посебна приказна. Дел од нив ми ги покажуваа нивните Фејсбук- профили. Голем дел од нив живееле во убави и раскошни куќи, имале висок стандард и удобен живот. Во една вечер, на пример, од осум бегалци кои стигнаа од Сирија, седум беа доктори на науки. Овде стигнуваа боси, со искинати обувки, гладни... Возрасните никогаш не бараа нешто за себе. Важно им беше да има храна и вода за децата. И не можам да ви објаснам колку голема благодарност искажуваа за секоја подадена помош“, ги споделува таа впечатоците.

Повеќе: Бегалците сакаат да ја „протрчаат“ Македонија

Телефонот ѝ е преполн со пораки од бегалците. Дел од оние кои не знаат англиски, ѝ испраќаат песни во кои ѝ посакуваат убав ден.

„Имав јазични бариери со дел од нив. Но, дури и да не знаеја англиски, не беше тешко да ги разберам. Доволно беше да им го погледнам раните на рацете или нозете. Тие кажуваа сѐ“, вели Ленче. 

Оние кои ги згрижила и им помогнала, редовно ја информираат до каде стигнале. Ѝ испраќаат фотографии од новата дестинација, каде се во друштво со новата „Ленче“ што им помогнала на тој пат. 

Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin
„Сфатив дека една мала чаша вода вреди живот. Луѓе умираат за неа“, вели Ленче ЗдравкинФотографија: L. Zdravkin

 Сите тие судбини ѝ предизвикуваат чувство дека живее во два различни света.

„Ќе видам бебе кое стигнало овде изгладнето, без соодветна облека, без пелени, истоштено и со здравствени проблеми од таа голгота. Истовремено, на улица кај нас гледам мајки во колички украсени со разни играчки ги возат своите бебиња, нахранети, облечени, спокојни, без никакви проблеми. На моменти имам чувство дека живеам во два различни света, и се прашувам - кој е вистинскиот?“, реторички прашува таа. 

Токму заради тоа, денес е побогата со искуства кои ѝ отвориле поинакви видувања на животот. 

„Од бегалците научив голема лекција: дека треба максимално да го цениме она што го имаме. Да не се караме по социјалните мрежи, да не шириме омраза. Мене не ми е потребно да имам десет кошули или десет пара обувки. Сфатив дека една мала чаша вода вреди живот. Луѓе умираат за неа“, порачува Ленче.

Во целата раскошна скромност што ја краси нејзината благородната личност, дури и наградата што на 26-ти  август ќе ѝ биде официјално доделена, не ја смета за своја: „Јас како јас, не сум ништо. Тоа е награда за Македонија. Бидејќи се кренаа луѓе од сите градови. Со карго-превоз, по автобуси, возови, од секаде ми испраќаа храна и облека. Наградена е цела Македонија!“