1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекциите од Светските војни останаа ненаучени

Б. Георгиевски/афп4 август 2014

Светските лидери ја одбележаа 100. годишнина од почетокот на Првата светска војна предупредувајќи дека останале бројни ненаучени лекции, имајќи ги предвид бројните актуелни кризи, особено онаа во Украина.

https://p.dw.com/p/1CoYU
Фотографија: Reuters

„Мирот мора да биде заедничка цел“, порача белгискиот крал Филип пред бројните политички лидери и претставници на кралски семејства на одбележувањето во Лиеж. „Првата светска војна не потсетува на нашата одговорност... да ги приближуваме луѓето“.

Државници од цела Европа- од Британија, Ирска, Германија, Австрија, Бугарија и Малта- присуствуваа на комеморацијата во Меморијалот на сојузниците во тврдината која се надвиснува над Лиеж.

Францускиот претседател Франсоа Оланд направи паралела меѓу германската инвазија врз неутрална Белгија во август 1914 со актуелните политички случувања.

„Како да останеме неутрални денес кога луѓето недалеку од Европа се борат за своите права?“, праша Оланд со јасна алузија на кризата во Украина.

„Како да останеме неутрални кога се уриваат цивилни авиони... кога има конфликт во Ирак, Сирија, Либан, Газа?“

Германскиот претседател Јоахим Гаук рече дека Берлин ја започнал војната само врз основа на „воената логика“ по што станало јасно дека „договорите се безвредни и дека цивилизациските стандарди се сметаат за ништовни и неважечки“.

Gedenkfeier Erster Weltkrieg Lüttich Gauck Hollande Royals
Фотографија: Reuters

Британскиот принц Вилијам потсети на германската егзекуција на британската медицинска сестра Едит Кавел, која во пресрет на нејзината смрт порачала: „не смеам да чувствувам омраза или горчина кон никого“.

„Беше потребна уште една страшна војна за да се сфати вистината на нејзините зборови, но дури и денес се уште ја учиме таа лекција“, рече Вилијам.

По Лиеж, комеморацијата по повод годишнината ќе продолжи во францускиот град Монс. Таму централната манифестација ќе се одржи на гробиштата Ст. Симфориен каде во заедничка гробница се погребани 229 британски и 284 германски војници, како знак на помирување уште за времетраењето на војната.