1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекување преку интернет

21 октомври 2004

Недостиг на слободно време, компетентно но ограничено добиени информации од лекар, се само дел од причините поради кои се повеќе луѓе бараат медицински совет во интерент.

https://p.dw.com/p/AefV

Бројот на интернет страните кои нудат информации и совети за здравје и медицина постојано расте. Во меѓувреме на тема здравје можат да се најдат илјадници веб-страни. За заинтересираните најчесто е тешко да проценат кој од нив се квалитетни, а кои не сериозни.

Нет-доктор, германски медицински форум или Лајфлајн се само неколку од медицинските портали во интернет. Понудата на информации на оваа тема е огромна. Улрих Пашен, од универзитетската клиника Хамбург-Епендорф, објаснува кој стои зад овие информативни страници:

“Тоа се прво големи стручни здруженија, чии портали најчесто се бесплатни и достапни за секого. Потоа доаѓаат големи фирми, кои најчесто на овој начин ги нудат своите производи и соодветните упатства за нив. Освен тоа има понуди во интернет кои во голем стил го нудат тоа што секој доктор го прави во својата ординација, имено медицинско советување. “

На многу страници постојат лексикони сортирани по азбучен ред. Ако некој има конкретно прашање за некој медицински проблем тоа може да го објави во еден од многуте бесплатни форуми. Секој корисник со слично искуство или пак лекар може да даде одговор на неговото прашање, а информациите се достапни за секого. Оние кои сакаат индивидуално советување можат да се обратат на комерцијалните интернет страни како нет-доктор, каде ќе добијат детални информации од стручњаци преку имејл. Има многу позитивни работи во ваквите понуди, вели Силвија Зенгер од лекарскиот центар за квалитет во медицината:

“Предноста е се разбира огромна, бидејќи информациите се секогаш достапни.На организациите можете да им се обратите тогаш кога Вие имате време и желба. Значи не сте врзани со работно време. Исто така важна е и можноста за анонимност. “

Во основа кај информациите од интернет треба да се биде внимателен. Особено кога се објавуваат сензационални чудотворни средства против болести. Како корисникот може да препознае сериозен понудувач објаснува Силвија Зенгер:

“За квалитетот на медицинските информации е многу важно дали е наведено за кого се направени, кој е авторот, од каде потекнуваат информациите и најважно е овие информации да се актуелни и важечки и пред се да ги објаснуваат сите терапии со своите предности и негативности. “

Сериозните понудувачи во интернет отворено ги објавуваат нивните стручни квалификации и начинот на кој се финансираат. Често може да помогне и споредба на информации од различни медицински портали за исто прашање. Покрај тоа во Германија постојат и неколку официјални цертификати со кои се проценува квалитетот на медицинските интернет страни.

Во САД индивидуалните дијагнози и совети за терапии преку интернет се одамна вообичаени. Во Германија тоа е се уште забрането. Информациите на германските експерти во интернет се само необврзувачки мислења. Посетата на еден интернет портал не треба да ја замени посетата кај вистински лекар.