1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Критиката на Макрон на исламот го бранува арапскиот свет

Керстен Книп
28 октомври 2020

Многу протести во муслиманските земји против изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за исламот се веројатно спонтани. Сепак, тие и политички се инструментализираат.

https://p.dw.com/p/3kWl3
Gaza Stadt | Protest gegen Emmanuel Macron; Präsident Frankreich
Фотографија: Adel Hana/AP Photo/picture-alliance

Саудиска Арабија се колебаше неколку дена, и потоа го изнесе својот став: „Кралството Саудиска Арабија отфрла какви било обиди за поврзување на исламот со тероризам и ги осудува навредливите карикатури на пророкот“, соопшти Министерството за надворешни работи во Ријад за спорот меѓу Франција и неколку муслимански земји околу односот кон исламот.

Спорот беше предизвикан од забелешките на францускиот претседател. По исламистички мотивирано убиство на професорот Самуел Пати, кој за време на училишниот час за слободата на изразувањето на учениците им ги покажал и дискутирал за карикатурите на Мухамед, Емануел Макрон изјави дека исламот е во „криза“. Тој претходно предупреди од зголемување на „исламистичките тенденции“ во Франција.

Од исламска страна, ова доведе до лути реакции и повици за бојкот на француските производи, при што најнапред Турција настапи како гласноговорник. Претседателот Реџеп Таип Ердоган предизвика големо внимание со своите вербални напади против Емануел Макрон.

Политичко балансирање

Наспроти тоа, реакцијата на Саудиска Арабија беше споредбено умерена, а Макрон не беше директно споменат. Оваа воздржаност ја одразува тешката ситуација во која се наоѓа Саудиска Арабија. Од една страна, земјата не сака Турција или Иран да го оспорат нејзиниот стремеж за водечка сила во исламскиот свет - имено и членови на владата во Техеран остро ги осудија зборовите на Макрон. Од друга страна, Саудиска Арабија не сака да го напушти патот по кој веќе некое време се приближува политички кон Западот.

Повеќе:

-Растат анти-француските чувства во муслиманските земји

-Тешката борба на Франција против исламизмот

-Франција во шок: Што може да се стори против паралелните општества?

Frankreich | Paris | Macron bei der Gedenkzeremonie für den Lehrer Samuel Paty 21.10.2020
Францускиот претседател Макрон пред ковчегот со телото на убиениот наставник Самуел ПатиФотографија: Francois Mori/Reuters

Саудиска Арабија е најблискиот сојузник на САД во регионот и дури размислува за нормализирање на односите со Израел. Премногу остра критика кон Макрон би можела долгорочно да ги вознемири западните партнери, очигледно е грижата на Ријад.

Сепак, Саудијците мораа да реагираат со оглед на растечкиот бран на бес во арапските медиуми и на социјалните мрежи, особено што веќе имаше критички гласови за молкот од Ријад: Беше „болно“, објави неодамна панарапскиот весник „Раи ал-Јум“, што толку многу водачи на исламскиот свет се спротивставија на „кампањата за омраза“ на Макрон, додека од саудиското кралство засега не се слушаат критики.

Спонтана реакција или инструментализација?

Во другите арапски држави, како Јордан, Мароко, Кувајт и Либија, бранот анти-француски протести одамна пристигна и продолжува да се зголемува со јавни осуди и повици за бојкот. Но, дали овие протести се спонтани или се политички контролирани и инструментализирани?

И едното и другото е точно - вели политикологот Хаки Тас од германскиот Институт за глобални и месни истражувања од Хамбург (ГИГА). Политичарите од обете страни ја вжештија ситуацијата со конфронтирачка, бескомпромисна реторика, смета тој. И претходно имало слични конфликти, при кои десетици илјади муслимани излегуваа на улиците: „Значи, во оваа реакција мора да има супстанција што не се базира само на политичка инструментализација“.

Jemen | Boykott französischer Produkte
Бојкот на француските производи во ЈеменФотографија: Hani Mohammed/AP Photo/picture-alliance

Покрај тоа, антизападните ставови се многу распространети во муслиманските земји од политички и историски причини и затоа секогаш можат лесно да се манипулираат. „Секој настан може да ја разгори искрата“, вели експертот.

Улогата на Муслиманско братство

Забележливо е дека протестите во неколку арапски земји, како Алжир и Јордан, првично беа барем делумно предводени од Муслиманско братство или движења и партии поврзани со нив. На овој начин, Муслиманско братство и Ердоган успешно застанаа на чело на популистичката и масовно ефикасната агенда и со тоа, како во случајот со Саудиска Арабија, ги доведоа и владите под притисок да дејствуваат.

Муслиманското братство и неговите ограноци гледаат пример во Турција под водство на Ердоган  и имаат широка општествена база во големи делови на арапскиот свет. Движењето застапува социјално-револуционерен ислам, кој многу монархии во Персискиот залив, а исто така и авторитарниот египетски претседател Абдел Фатах ал-Сиси, го сметаат за закана за сопственото владеење и согласно тоа водат борба против него. Сегашната криза му дава на Муслиманското братство добра можност да се профилира во арапската јавност како бранител на исламот.

Irak Protest gegen Mohammed-Karikaturen
Протести во Ирак против објавувањето на карикатурите за пророкот МухамедФотографија: Teba Sadiq/Reuters

Ривалски блокови

Гледано од поширока перспектива, Муслиманското братство истовремено стои на еден политички фронт на кој едни наспроти други стојат неколку моќни држави во регионот како ривалски блокови: од една страна Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Египет - и од друга страна денешна Турција како пример за многу Муслимански браќа и нивниот сојузник Катар.

Овој фронт предизвикува тензии веќе некое време, смета експертот Хаки Тас:„Турските медиуми ги обвинуваат Саудиска Арабија и ОАЕ дека изневериле милиони муслимани. И обратно, и двете држави го обвинуваат Ердоган дека ја политизирал религијата и ја искористил за свои цели“.

Така, веќе со недели во Саудиска Арабија се спроведува државно поддржана кампања за бојкот - не против француските, туку против турските производи. Таа е насочена против влијанието и активностите на Анкара во арапскиот свет. Ова исто така треба да објасни зошто Саудиска Арабија во моментов се обидува да биде воздржана. Ријад, од една страна, не може да ја минимизира критиката на Макрон кон исламот, но од друга страна, во борбата за регионална надмоќ, Саудиска Арабија не може ниту да следи агенда што силно ја кројат нејзините ривали Турција, Иран и Муслиманското братство.