060910 IT-Kriminalität
7 септември 2010Сојузната криминалистичка служба и Сојузното здружение за информатичко стопанство, телекомуникации и нови медиуми „Битком“ вчера (понеделник, 06.09.2010) ги претставија резултатите од студијата изработена по нивен налог од страна на институтот за истражување на јавното мислење „Форса“.
На удар е особено онлајн-бенкинг
Денес речиси секој втор Германец користи онлајн-бенкинг, односно паричните трансакции ги врши од дома, од својот компјутер. Со тоа, се чини, секојдневно расте и опасноста тајно трети лица да дојдат до чувствителни податоци кои се внесуваат притоа, како на пример бројот на сметката и тајниот код. Здружението „Битком“ и Сојузната криминалистичка служба за годинава проценуваат дека ќе има до 5 илјади случаи на измама, што би значело пораст од 70 проценти во однос на лани. Просечните финансиски штети притоа ќе изнесуваат околу 3 ипол илјади евра или 17 милиони севкупно.
Но, тоа не значи дека треба да се откажеме од вршење зделки со помош на модерната техника, нагласува Дитер Кемпф, член на раководството на „Битком“. Важна е навремена и сеопфатна заштита од напади преку интернет, вели Кемпф.
„Стравот да се стане жртва, во многу области е поголем отколку ризикот. Но, две третини од германските корисници на интернет веќе имаат реални искуства со криминалот во интернет. Во најголемиот број случаи што ни ги пријавија корисниците станува збор за класични напади со вируси“.
Опасност демне и преку социјалните мрежи
Се очекува социјалните мрежи како „Фејсбук“ во иднина уште посилно да се најдат во фокусот на криминални активности во интернет, а може да се претпостави и дека за онлајн-измами засилено ќе бидат користени и се’ поомилените смартфони со нивните многубројни апликации, нагласи Јерг Цирке, претседател на Сојузната криминалистичка служба.
„Сторителите со право сметаат на тоа дека ќе бидат отворени приврзоците на мејловите, оти тие главно доаѓаат од некој познат испраќач“.
Борбата против компјутерскиот криминал често пати е тешка и тоа од различни причини. Слично како со допингот во спортот, кривичните иследници заостануваат за чекор зад сторителите, оти тие во меѓувреме постојано развиваат нови техники.
Расте стравот од криминалот на интернет
Дитер Кемпф од здружението „Битком“ е се’ позагрижен и поради влијанијата од криминалитетот во интернет врз стопанството. Повеќе од секој втор испитаник смета дека неговите лични податоци во интернет не се сигурни.
„Стравот од криминалот во интернет јасно го кочи развојот на онлајн-услужните дејности. Три четвртини од корисниците поради тој страв се откажуваат од одредени активности“, истакна Кемпф и го илустрира ова со податокот дека речиси 40 проценти од корисниците на интернет важни документи испраќаат по класична пошта, иако електронската пошта би била поевтина и побрза алтернатива.
Автор: Марсел Фирстенау/ Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска