1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза во НАТО: Францијо, мора да разговараме!

Бернд Ригерт
21 ноември 2019

Кога не знаеш како, формирај комисија. Тоа е опуштениот одговор на НАТО на острите критики од Макрон и Елисејската палата. Американците сфатија повеќе, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3TREr
NATO Soldaten in Polen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kulczynski

Во седумдесет години постоење НАТО постојано запаѓал во политичка криза на идентитет. Алијансата постојано работела на тоа да пронаоѓа излез од несогласувањата околу својата улога и задачи, солидарноста и финансирањето или – како што се случи по Студената војна – се редефинираше себеси. Заклучокот на крајот секогаш гласи дека одбранбениот сојуз треба да опстои во интерес на своите членки.

Така погледнато, алијансата е „успешен модел“ – за ова германскиот министер за надворешни работи е сосема во право. И таа е „успешен модел“ што треба да се сочува, бидејќи без трансатлантското партнерство не може да се замисли ниту безбедноста во Европа ниту безбедноста во Северна Америка на долг рок. Пред 50 години односите во сојузот беа оптоварени со спорот помеѓу Франција и САД околу поделбата на моќта во НАТО. Пред 25 години се поставуваше прашањето дали сојузот по распадот на Варшавскиот пакт е воопшто неопходен. Пред 15 години војната во Ирак, иницирана од американскиот претседател Џорџ В. Буш, ја подели алијансата. Листата може да се продолжи.

Одлика на меѓусебните односи сега е длабока недоверба меѓу САД под водство на Доналд Трамп и повеќето Европејци. Токму Трамп ја сметаше алијансата за излишна, бидејќи ги чинела прескапо. Во меѓувреме се чини дека сфатил оти заложбата за меѓусебна одбрана е корисна за САД, бидејќи ги врзува Европејците на Вашингтон. Критиката на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО доживеал „мозочна смрт” е израз на една длабока фрустрација. Макрон насетува дека потенцијалот на Европејците ни одблизу не е искористен и дека американскиот претседател непотребно ги шиканира.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Дијалог како излез од ситуацијата?

Дипломатите во седиштето на НАТО изгледа не очекувале толку драстична критика, но Американците очигледно ја сфатиле поентата: „Некогаш е потребна кавга, а сега мора да се зборува“. Така амбасадорката на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачисон, ја сумираше нивната реакција на нападот од Макрон. Дијалогот за подобрата политичка координација во НАТО може да започне. По којзнае кој пат – со оглед на тоа дека релациите меѓу трансатлантските партнери во многу наврати биле предмет на дебати и реформи.

Во таа смисла, Емануел Макрон со неговата иницијатива постапи исправно. Деструктивен провокатор како Доналд Трамп мора да се провоцира за да се предизвика саканата реакција. Нејасно е колку одржлив ќе биде предлогот на Макрон. Утре или задутре Трамп би можел без најава да си го смени ставот. Еден пример за тоа е дека прво сакаше НАТО-членката Турција економски да ја уништи по нејзината бесправна офанзива во северна Сирија. По само неколку дена Трамп и претседателот на Турција, Ердоган, повторно си беа најдобри пријатели кои сега во северна Сирија соработуваат токму со Русија.

Со неговата анализа дека Европејците мора повеќе да се ангажираат за сопствената безбедност, бидејќи на САД под водство на Трамп можело да се смета само во ограничена мера, францускиот претседател барем делумно е во право. Тоа го признаваат и други дипломати на НАТО. Но, што произлегува од таквата констатација? Европски воен сојуз? Вооружување на европските нации? Тоа би бил долг пат. Европејците уште долго ќе мора да се потпираат на надмоќната воена сила САД. Нуклеарната заштита која ја нуди САД веројатно никогаш нема да може да се замени со друга опција.

Единствено од помош е да се консолидираат и да се надеваат дека нема Доналд Трамп да биде тој што ќе стави крај на НАТО. Можноста не е по секоја цена исклучена. При следниот напад врз структурите на НАТО и во основа врз САД, франускиот претседател треба да се обиде навремено да си најде сојузници. Во најмала рака треба да биде вклучена понекогаш навистина воздржаната, па и летаргична германска сојузна влада. Тоа би му дало поголема тежина на барањето и би помогнало да се избегне иритирање на европските членки на НАТО.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија