1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата му користи на Ердоган

Чејс Винтер
15 март 2017

Турскиот претседател свесно провоцира конфликт со Европа. Тоа треба да му помогне во зацврстување на власта. Европејците не треба да паднат во замката.

https://p.dw.com/p/2ZBes
Niederlande Demonstrationen für Erdogan in Rotterdam
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Реџеп Таип Ердоган е мајстор за политика. Тој не пропушта ниту една шанса ниту една криза, за да ја искористи за својата агенда. Во краен случај, тој самиот провоцира кризи. Сите вонредни кризни случаи, вклучувајќи го масивниот корупциски скандал, протестите во паркот Гези, наново разгорениот курдски конфликт или неуспешниот обид за пуч, му помогнаа во натамошно зацврстување на неговата власт.

Форсирајќи ги сега конфронтациите со Европејците, тој цели на националистичките и верски чувства на Турците во земјата и во странство во пресрет на референдумот за уставни промени, што ќе се одржи на 16. април. Бомбастично агресивната реторика против Холандија и сличната шема во спорот со Германија, треба да ги прикажат Турците во улога на жртви на непријателска Европа. 

Турција и во минатите години постојано ги префрлаше своите интерни проблеми. За таа цел трпеа низа не-турски институции, групи и држави, обвинети за заговор против Турција. Ефективно средство кое соодветствува на турската психа - „Турчинот нема друг пријател освен Турчин“, вели една поговорка.

Тесна трка

За Ердоган, референдумот нема однапред гарантиран исход. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека дури и самите поддржувачи на владата не се автоматски и за конституционална реформа. Анкетите спроведени од владиниот табор сметаат дека на референдумот ќе се изгласа претседателски систем, опозиционите тендираат кон негативно изјаснување. На крајот, врз резултатот може да влијае националистичкото расположение во земјата, а тука конфликтот со Европа му оди во прилог на Ердоган.

Ултранационалистичката, десноекстремистичка партија МХП ѝ помогна на Ердогановата партија АКП во јануари да ги протурка уставните промени во парламентот. Но, внатрепартиски, гласањето во МХП беше спорно и ја подели самата партија. Некои пратеници, проминентни критичари на режимот, беа исклучени од партијата. Затоа, голем прашалник е каква одлука ќе избере базата на МХП.

Со оглед на бројните интерни и екстерни закани, аргументира владата, претседателскиот систем во иднина ќе ја направи Турција „посилна, пообединета и понезависна“. Да биде иронијата поголема, токму амбициите на Ердоган за поголема власт се причината што земјата во последно време стана понестабилна и послаба.

Türkei Niederlande Flagge Erdogan
Фотографија: picture alliance/AP Images/E.Gurel

Одење по жица

Секој противник на референдумот станува етикетиран како „терорист“ или „поддржувач на пучот“. Тоа оди толку далеку, што за поддршка на Курдите и на противничкиот табор се обвинуваат дури и држави.

Европа е загрижена поради правецот во кој се движи Турција. Ако успее референдумот, тоа може да значи уништување на остатокот од демократијата во земјата, засилување на нејзиното поларизирање и зацврстување на автократското владеење. 

Без оглед на проблемите што им ги предизвикува турската политика со одржувањето митинзи во нивните земји, Европејците треба да одбегнуваат вербални конфронтации со Ердоган во неделите пред референдумот. Холандија реагираше коректно, забранувајќи им на турските министри настап во сопствената земја неколку дена пред холандските парламентарни избори.

Но, принципиелната блокада и на најмалата манифестација или говори на турски министри во дипломатските претставништва, може да предизвика поголема штета отколку корист. Зашто, на тој начин Ердоган собира пропагандни поени кај националистите. Тоа може да значи и подготовка за личен настап на Ердоган во Европа. Во таков случај, тој би можел да се презентира во улога на силен државник, до крајност во одбрана на својата нација.