1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кремљ: Членството на Црна Гора во НАТО ќе разгори тензии

ЕМФ/ртр/дпа20 мај 2016

Русија денеска ја осуди поканата на НАТО за членство на Црна Гора, нагласувајќи дека тоа ќе го зголеми ризикот од разгорување на геополитички тензии во Европа.

https://p.dw.com/p/1IrFV
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Metzel

„Наш генерален став е дека натамошната експанзија на НАТО е негативен процес“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков (на насловната фотографија). „Тој процес не придонесува ништо од аспект на европската безбедност“, нагласи Песков на прес-конференција, додавајќи: „Напротив, тој процес носи ризик од натамошно зголемување на тензиите на континентот.“ Црна Гора, која има само околу 600.000 жители, во основа не претставува воена опасност, но проширувањето на НАТО кон исток ја загрозува безбедноста на Русија, потенцираше шефот на Комитетот за одбрана во Советот на Федерацијата, Виктор Озеров.

Проширувањето на НАТО на исток подолго време е една од главните причини за тензии меѓу Русија и Западот. Но, Алијансата не сака да потклекнува пред Москва и да слуша кој може да биде примен во НАТО, а кој не. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери во Брисел нагласи дека НАТО нема да дозволи влијанија однадвор. „Црна Гора работеше екстремно напорно за да стигне таму каде што е сега“, изјави тој.

Вчера од сите држави членки на НАТО беше потпишан Протоколот за приклучување на Црна Гора кон Алијансата. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг зборуваше за „историски чекор“. Проширувањето на Алијансата е важно за стабилноста на Западен Балкан, а истовремено покажува и отвореност на НАТО за нови партнери, рече Столтенберг.

Brüssel NATO Hauptquartier - Montenegro neues Mitglied
Кери, Столтенберг и Ѓукановиќ на вчерашната церемонија на потпишување на Протоколот за приклучување на Црна Гора во НАТОФотографија: Reuters/F. Lenoir

Потпишувањето на Протоколот за приклучување на Црна Гора ѝ овозможи веднаш да учествува на средбите на Алијансата во улога на набљудувач. Земјата официјално ќе биде примена откако ќе биде ратификуван Протоколот за приклучување од страна на сите членки на НАТО, што најверојатно ќе се случи наредната година.