Кремљ сака „промена на режимот“ во Украина
25 јули 2022Спротивно на неговите претходни изјави, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија сака да ја собори украинската влада.
„Секако му помагаме на украинскиот народ да се ослободи од режимот кој е непријателски настроен кон народот и историјата,“ изјави Лавров за време на посетата на Каиро. Рускиот и украинскиот народ во иднина ќе живеат заедно, рече тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото вечерно обраќање, индиректно реагираше на изјавата на Лавров.
„Само оние кои не ја познаваат вистинската историја и нејзиното значење може да решат да нѐ нападнат,“ рече Зеленски. Украинците се угнетувани со векови. Тие никогаш нема да се откажат од независноста и нема да бидат заплашени, уверува тој.
Зеленски: одржување на независноста од Русија
„Зачувување на единството сега и заеднички да работиме за победа е најважната национална задача која мора заедно да ја совладаме,“ рече Зеленски. Ако Украинците успеат во ова, ќе успеат во тоа што не успеаја многу претходни генерации – да ја одржат независноста од Русија, земјата да се трансформира во една од најмодерните во светот и истовремено да оди по својот пат во насока на Европа, што според Зеленски ќе заврши со полноправно членство во ЕУ.
Зеленски најави дека земјата ќе го прослави својот национален празник на 28 јули. Според него, важна недела е пред Украина во екот на ужасната војна. Украина и понатаму ќе продолжи да прави сѐ што е можно за да му нанесе што поголема штета на нејзиниот непријател. Според него, дури и Русите очекуваат Украина да победи.
Руското раководство во изминативе денови отворено ја заостри својата позиција во однос на војната во Украина. Лавров во средата се закани со заземање на нови области надвор од регионот на Донбас. Со оглед на испораките на оружје од Западот и нивниот поголем дострел, неопходно е украинските трупи да се потиснат од областите Доњецк и Луганск кон истокот на Украина, кои Москва ги призна како независни.
Лавров сам си противречи на изјавите од април
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок ги оцени новите руски закани за заземање нови територии во Украина како пропаганда. „Русија секојпат користи друг аргумент. Овојпат велат дека е поради воената поддршка,“ рече политичарката од Зелените во интервју за Дојче Веле кое беше објавено минатиот четврток. Бербок посочи дека Русија и претходно напаѓаше цели надвор од сега окупираните територии, како што е Киев. „Се работи за уште една нова пропаганда од руска страна,“ рече Бербок.
Целта на Кремљ е Украина да ги отстапи областите Доњецк и Луганск, како и анектираниот полуостров Крим во 2014 да го признае како руски. Со неговата изјава дека сакаат да го сменат политичкото раководство во Киев, Лавров си противречи на сопствените зборови од април кога во интервју за телевизијата „Индија тудеј" изјави дека „немаме намера да го менуваме режимот во Украина“. Украинците сами треба да решат под кое раководство сакаат да живеат, уверуваше тогаш Лавров.