1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кремљ провоцира конфронтација Исток - Запад

Инго Мантојфел/ Превод: Жана Ацеска31 октомври 2014

Со објавената намера да ги признае изборите организирани од сепаратистите во Доњецк и Луганск, Кремљ ја зацврстува поделбата на Украина и предизвикува опасност од нова Студена војна, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1Dexo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Русија веројатно ќе биде единствената позначајна земја, која ќе ги признае за 2. ноември планираните избори на сепаратистите во Доњецк и Луганск. Но, Москва ќе направи повеќе отколку само доделување легитимитет на новата политичка творба.

Во прв ред, може да се очекува Русија да го преземе снабдувањето на овие територијални делови оттргнати од Киев и да им помогне во презимувањето на луѓето потресени од војната и насилството. Од хуманитарен аспект, тоа е исправно, при што не треба да се заборави - руската политика е решавачката причина што воопшто дојде до воени активности.

Нов „замрзнат конфликт“

Со изборите во самонаречените Народни Републики во Доњецк и Луганск, сепаратистите сакаат да ја обезбедат својата воено извојувана власт. Треба да биде легитимирано отцепувањето од Киев и засилена сопствената преговарачка позиција наспрема украинската влада, но и наспрема ЕУ и САД. Резултатот, управуван од Москва, ќе биде дефинитивно настанување на нов „замрзнат конфликт“ во источна Украина, каков што во постсоветскиот простор веќе има повеќе: до денес егзистираат во изминатиот четврт век настанатите сепаратистички творби во Транснистрија, Абхазија, Јужна Осетија и Нагорно Карабах.

За руската политика ваквите „замрзнати конфликти“ се познат терен и многу добредојдени. Зашто, преку овие заменички структури во бесконечните дипломатски преговори вешто се бранат руските интереси.

Уште повеќе: нерешените територијални конфликти во целина ги дестабилизираат државите погодени од отцепувањето. Москва може преку политика на морков и стап да врши влијание врз тамошните општествени расположенија и да делува врз внатрешната политика. Молдавија и Грузија со години имаат вакви искуства.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Немоќ во Киев

Украинското раководство во моментов не може со ништо да се спротивстави на оваа агресивна руска политика: Киев пролетоска без отпор го препушти Крим. Украинскиот обид со употреба на воена сила да го спречи отцепувањето на Доњецк и Луганск, пропадна по тешките воени порази летоска. Во договорот за примирје, потпишан во Минск, украинскиот претседател Петро Порошенко мораше фактички да ја признае настанатата статус-кво ситуација во источна Украина.

На тоа не го принуди само воената слабост. Уште поважно е што Украина се наоѓа пред големи политички, економски и финансиски предизвици. Украина само со помош на странска, претежно европска кредитна помош ќе биде во состојба да ги собере износите од повеќе милијарди на кои се обврза при привременото спогодување во врска со спорот за гасот со Русија. Крим и источна Украина се само два од многуте проблеми пред кои се наоѓа новото украинско раководство.

Одбрана од опасност наместо партнерство

Исто како и Украина, и членките на ЕУ и САД нема да ги признаат изборите во самопрогласените народни републики во Доњецк и Луганск. Но, и тие мораат фактички да ја прифатат новонастанатата ситуација на теренот. Сепак, наспроти евентуалните надежи на Кремљ, Западот нема да прескокне преку проблемот, како по војната во Грузија во 2008 година.

Украинската криза и руската политика оваа година значат вовед во нова епоха на европската безбедносна политика. Наместо партнерство со Русија, повторно во фокусот се враќа одбраната од опасност. Тоа за последица има целно воено засилување на одбранбените капацитети на европските НАТО-членки. Руските воени авиони, кои ненајавени летаат над Северното и Балтичкото Море, само го засилуваат впечатокот од таква нужност. Можно е да претстои нова трка во вооружување.

Наместо доверба, владее само недоверба. Наместо широка соработка меѓу Европа и Русија, во иднина ќе постојат санкции и ограничена кооперација. Контактите ќе бидат редуцирани, сеедно дали во трговијата, во науката, во областа на вселенските летови или во надворешнополитичките прашања. Тоа ќе го бараат тврдолинијашите на двете страни.

Крајно, мора да се работи на тоа да не се дозволи настанувањето на нова Студена војна. Но, постои опасноста руската политика на поделби во источна Украина, како во случајот со Германија при почетокот на (првата) Студена војна, да предизвика нова конфронтација на релација Исток-Запад. А секој ден ќе биде потешко таа да биде запрена.