1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кремљ: На преговорите се разговара за неутралност на Украина

ЕМФ
16 март 2022

На преговорите помеѓу Москва и Киев, според наводи на Кремљ, се разговара за неутралност на Украина по урнек на Шведска или Австрија.

https://p.dw.com/p/48YWg
Russland | Kreml Sprecher Dmitri Peskow bei einer Pressekonferenz in Moskau
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека „опција за која се дискутира во моментов“ е неутралност на УкраинаФотографија: Sergey Gunee/Sputnik/REUTERS

Моделот на неутралност би можел да се смета за „компромис“, оцени денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој вели дека „опција за која се дискутира во моментов“ е неутралност на Украина по урнекот на Шведска или Австрија.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно оцени дека и покрај тешкотиите на разговорите со Украина постои можност за компромис. „Преговорите не се едноставни поради очигледни причини. Но, сепак, постои извесна надеж за компромис“, рече денеска (16.03.2022) Лавров за рускиот портал РБК.

Како што се вели од руска страна, сега сериозно се дискутира за неутрален статус на Украина, а околу некои формулации за договорот е речиси постигната согласност. Но, се додава и дека треба да се постигне согласност за безбедносни гаранции и демилитаризација на Украина, како и за правата на луѓето во Украина кои зборуваат руски и безбедноста на луѓето на истокот на земјата.

Според оценката на рускиот преговарач Владимир Медински, разговорите со Украина одат тешко и бавно. „Се разбира дека би сакале сѐ да се одвива многу побрзо, тоа е сериозна желба на руската страна. Сакаме мир што е можно побрзо“, изјави Медински за руската агенција Интерфакс. Тој додава дека Украина би морала да биде „мирна, слободна, независна и неутрална“ и да не биде членка на „воени блокови, да не биде членка на НАТО“.

Ukraine-Konflikt - Wolodymyr Selenskyj
Зеленски е претпазлив оптимист во врска со преговорите со РусијаФотографија: dpa/picture alliance

И од Украина доаѓаат претпазливи позитивни изјави за текот на разговорите со Русија. Претседателот Володимир Зеленски оцени дека преговорите во меѓувреме се водат со „пореални“ позиции, но додека Украина биде задоволна, ќе помине време. „Сите сакаме мир и победа најбрзо што е можно, но потребни се напор и трпение. Треба борба и работа“, рече Зеленски во видео порака. Според него, руската инвазија врз Украина ќе заврши со „срам и долгогодишна изолација“ за Русија.