Кој и зошто го урива Заев?
11 август 2020Меѓупартското пазарење по изборите за состав на коалициона влада и избор на премиер, според првите сигнали, оди во правец да се елиминира Зоран Заев да не биде претседател на владата и да се обезвредни кревката, но значајна победа на СДСМ - БЕСА. Ова го напишав за „Дојче веле“ на македонски јазик неколку дена по парламентарните избори. Денес по неполн месец, само на три дена пред истекот на рокот за формирање на коалиција која ќе има мнозинство во парламентот, партиското пазарење за уривање на Заев од позицијата мандатар на идната влада се уште се одвива со уцени и силни притисоци и од евентуалните идни партнери за состав на владата и од опозицијата.
Ако е тоа сосема разбирливо за опозицијата, несфатливо е за победниците и довчерашни партнери и за политичките партии кои имаат исти програмски определби за иднината на Македонија, а одбиваат да бидат на одговорни позиции за остварување на тие процеси.
Зошто е толку опасен Зоран Заев за ДУИ и за Али Ахмети, но и за албанските опозициски партии, ако е познат неговиот учинок и за меѓуетничките односи во земјата и за односите со соседите и за евроатланските интеграции? Стратегиските определби на албанските политички партии и нивните гласачи кои се идентични со определбите на СДСМ и нејзините коалициони партнери се повеќе се разоткриваат како лицемерие и споредна работа во споредба со максималистичките инсистирања на ДУИ и натаму упорно по изборите за Албанец премиер со 15 места во Собранието. Тоа е директен атак против Зоран Заев, демек може коалиција со СДСМ, ама со премиер Насер Зибери.
Скриени мотиви
Пред јавноста се уште како примарна и најзначајна определба се нагласува заедничкиот именител на партиските програми за кој нема никакви спорни точки и пречки.
Тоа се: борбата со пандемијата како главен приоритет за здравствената заштита на граѓаните, економската стабилизација на земјата, владеење на правото и пресметка со организираниот криминал и корупцијата во високите ешалони на власта и моќта, целосна поддршка на Преспанскиот Договор со Грција, Договорот за добрососедство со Бугарија, Охридскиот договор, преговорите со ЕУ и значајните реформи кои произлегуваат од бриселските поглавја кои водат во европското семејство со рамноправно членство.
Се разбира, тука значајно место зазема веќе добиеното членство во НАТО врз основа на веќе постигнати резулати во изминатите три години и натамошно забрзување на демократските процеси кои водат кон реализација на најзначајната придобивка на Македонија како едно општество, односно една држава за сите без оглед на националната, верската, јазичната и политичката припадност.
Да, тоа се цврстите програмски и политички заложби пред јавноста за кои нема дилеми дека наидуваат на мнозинска поддршка. Каде е тогаш скриената пречка која им оневозможува на политичките партии и лидери кои ги поддржуваат јавно овие стратегиски државни интереси брзо да се договорат со победникот за формирање на стабилна влада која во наредните четири години ќе работи на нивно остварување и ќе ја докаже оправданоста на сите остапки и жртви што се направени со потпишувањето на Договорот со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија и на законот за проширување на употребата на албанскиот јазик, три клучни и тешки компромиси кои не беа можни без голема храброст, со најголема одговорност на премиерот Зоран Заев, владата и парламентот во минатиот состав кои се најсилниот темел за успешна работа на идната влада.
Зошто тогаш се се повидливи и поупорни обидите да се елиминира Зоран Заев како победник на изборите од позицијата иден премиер? Дали е во прашање само тврдиот став за Албанец премиер, или има и некои други скриени мотиви непознати за јавноста, дали се работи за подземна војна за спречување токму на најзначајните државни интереси почнувајќи од владеење на правото, испитување на потекло на имотот на политичарите, предметите на Специјалното обвинителство кои опфаќаат стотина партиски и државни функционери и моќници кои треба да седнат на обвинителна клупа?
Загрижувачки се постојаните попречувања на судските постапки по предметите на СЈО префрлени во редовното обвинителство кои не доаѓаат само од криминалното подземје и носителите на организираниот криминал, туку и од политичкиот врв на државата, од медиумите и од политичките партии.
Или пак во прашање е само суета, инает и поголеми отстапки во поделба на власта кои водат кон нови избори со голема неизвесност за тие кои имаат сега најголема изгледност да формираат стабилна влада и парламентарно мнозинство.
Победниците можат да бидат најголеми губитници
На што се темели ваквата опасност за политичките партии и лидери кои сега треба да го направат најзначајниот чекор за остварување на историските цели. Зошто победниците на изборите за кусо време можат да бидат и најголеми губитници. Прво, она што на многумина им изгледаше мудра и победничка стратегија на ДУИ пред изборите со паролата зошто да не биде Алабнец премиер, која предизвика вознес кај многумина Албанци, сега стана сериозна кочница за сите други стратегиски определби и државни интереси со далекусежни последици. Не е првпат во историјата на независна Македонија да се настапува со изборна доктрина која оди по тенка жица над зовриен националистички казан. Едните бараа поголеми права и слободи без поголема одговорност за кршење на законите, а другите се закануваа дека ќе им ги сечат канџите на орлите.
Други колумни од авторот:
Извинувањето на Мицкоски до народот
Нови платформи за раздор и делби
Што ќе обновува Мицкоски, а што ќе урива Заев?
Но, овојпат изненадувањето стаса со однапред напишана одлука за Албанец премиер игнорирајќи ги изборните резултати. Опасна доктрина за која не е подготвена јавноста и која веќе предизвикува сериозни резерви и сомнежи не само кај македонските националисти, туку и кај голем број граѓани Македонци и од сите други националности кои даваа силна поддршка на политиките за соживот и рамноправност на сите граѓани и етнички заедници.
Македонското општество се уште не подготвено на ваков начин една политичка партија која нема ни една четвртина од потребното мнозинство во парламентот, да поставува ултимативен услов за премиерската функција со единствениот квалитатив националната припадност. Во истата клопка влегува и албанската опозиција, поточно Алијанса и Алтернативата на Зијадин Села и на Африм Гаши кои брзо уште во предизборната кампања ја препознаа манипулацијата на Ахмети, но сега по изборите за негова делегитимизација, како што велат, ја одбраа тактиката да не се замерат со Албанците кои поверуваа на овој трик.
За да го изнесат на чистина ДУИ и Ахмети најавуваат дека ќе гласаат за коалицијата СДСМ – ДУИ ако Насер Зибери со нивните гласови биде премиер. А, што ако ДУИ го повлече својот предлог во преговорите. Дали тоа значи дека на тој начин ќе ги отстрани Алијанса и Алтернатива од владата и покрај прифаќање на нивните програмски опрделби. Тешко е да се верува дека такво нешто ќе се случи, да се испушти четиригодишен мандат. Но, инатот нема цена.
Ваквото надмудрување на друга страна, кај Македонците, веќе предизвикува мобилизација. Таквиот чин само ќе ја забрза хомогенизацијата на македонските гласачи да се спротивстават на албанските максималистички барања, макар биле и предизборни тактики, но, сепак, загрижувачки бидејќи се изнесени на начин кој е непознат во ниту една европска држава со најразвиена демократија, а да не зборуваме за Балканот и поширокиот регион на југоисточна и централна Европа.
Пандорината кутија ја отвори Ахмети
Ова преурането инсистирање на ДУИ со уцена поради тесните изборни резултати меѓу најголемите политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ веќе ја крева тензијата кај Македонците на наредните избори кои ќе уследат многу бргу ако не се формира стабилна влада да ја побараат заштитата кај патриотската ВМРО ДПМНЕ, политичката партија која освои 44 места во парламентот, само две места помалку од СДСМ и БЕСА најмногу поради отвореното спротивставување на политиките за доброседство со Грција и со Бугарија, на остапките кои се направени со потпишување на Преспанскиот и Договорот со Бугарија, на скептичноста кон Охридскиот договор и на пропагандите за време на референдумот, за изгубениот национален идентитет, за промена на уставното име, на загрозата на македонскиот јазик и за двојазичноста во Македонија со пошироката употреба на албанскиот јазик.
Не е далеку од здравиот разум дека доколку не се формира стабилна влада со мнозинство во парламентот кое гарантира четиригодишен мандат, дека на следните избори до крајот на годината, или најдоцна наредната година жестоката предизборна тема ќе бидат заострувањата на меѓуетничките односи, тревоги за опасноста од албанските уцени и примамливата „осветничка“ доктрина, не само за 61 пратеничко место, туку за двотретинско мнозинство во Собранието.
Тогаш нема да помогнат ни 25 места на ДУИ, или на било која албанска етничка политичка партија. Привлечноста на оваа идеја веќе добива се поголем замав во јавноста. Предупредувањата дека тоа би предизвикало поголема нестабилност во земјата и хегемонистички и националистички настап кај Македонците нема да даде никаков резултат бидејќи Пандорината кутија ја отвори ДУИ и Али Ахмети со цврстиот став за Албанец премиер по секоја цена и елиминација на Зоран Заев.
Опстојувањето и натаму на експериментот со Албанец премиер во неподготвено општество ќе се врати како бумеранг многу бргу така што ќе ги блокира сите стратегиски цели на Македонија. Албанец, Србин, Турчин, Влав, Бошњак или Ром за премиер е сосема друг демократски процес кој може да биде остварен во едни други околности на зреење на демократијата во Македонија.
Единствен излез од ваквата ситуација која неминовно води кон распад на државата, кон меѓуетнички конфликти и продлабочување на економската и здравствена криза, застој на демократските процеси е прифаќање на поширока коалиција меѓу победниците на изборите СДСМ - БЕСА и ДУИ, заедно со Алијанса и Алтернатива, ДПА и формирање на стабилна влада и мнозинство во Парламентот со заедничка влада и премиер Зоран Заев.
Уривањето на таквата коалиција која за четири години може да постигне историски резулати, ќе означи брзи предвремени парламентарни избори со силен меѓуетнички набој што може ја донесе Македонија во драматична состојба, од пример на стабилност до фактор за дестабилизација на регионот. Во тој случај делбите стануваат реалност.
А, можеби и тоа е скриената агенда во остварување на нечии цели и интереси.
Преостануваат уште три дена до разрешување на постизборниот рашомон. Да се надеваме дека разумот, одговорноста и државните интереси ќе превладеат.