Корона: Училишна настава со пречки
Во многу земји повторно расте бројот на новозаразени со коронавирус. Тоа во светски рамки ги става и училиштата пред големи предизвици. Како различни земји се справуваат со проблемот?
Тајланд: Настава зад пластична преграда
Околу 250 ученици од училиштето „Ват Клонг Тој“ во Банкок мораат за време на часовите да седат зад пластични прегради. Покрај тоа мора да носат и заштитна маска. Пред секоја училница се наоѓа мијалник и сапун, апарати за мерење температура се поставени на училишниот влез. Строгите мерки покажуваат резултати: од средината на јули во училиштето нема нови инфекции.
Германија: Почеток на учебната година со заштитни маски
Учениците во Основното училиште „Петри“ во Дортмунд се пример за начинот на кој со пандемијата се справува најбројната германска сојузна покраина-Северна Рајна Вестфалија. Во сите училишта важи обврска за носење маска. За разлика од останатите 15 покраини, тука маска мора да се носи и за време на часовите. Какви ќе бидат последиците, не може да се процени, учебната година започна на 12. август.
Палестина: Училиштата конечно отворени
И во ова училиште во Хеброн во Западниот Брег, околу 30 километри јужно од Ерусалим, повторно почна настава. Исто така со обврска за маски, а во некои случаи и гумени ракавици. Радоста на наставничката поради почетокот на учењето е забележлива, без оглед на маската. Училиштата во Западниот Брег беа затворени од март. Хеброн се сметаше за епицентар на заразата со коронавирус.
Индија: Настава преку разглас
Посебна понуда во ова училиште во селото Дандвал во западната индиска држава Махараштра: на учениците кои немаат пристап кон интернет, им се нуди еден вид дополнителна настава за да го надокнадат пропуштеното. Учениците часовите ги одржуваат на отворено, наставниците им се обраќаат преку разглас, со претходни снимки. Оваа индиска држава беше посебно силно погодена од заразата со коронавирус.
Конго: Без измерена температура, нема училиште
Надлежните во престижниот кварт Лингвала во главниот град на државата, Киншаса, сериозно ги сфаќаат мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирус. На секој ученик кој ќе стапне во училишниот двор на училиштето „Отец Ким“, прво му се мери телесната температура. Постои обврска за носење маска.
САД: Рекорден број регистрирани со коронавирус
И во САД мерењето телесна температура спаѓа во секојдневниот ритуал на учениците како една од мерките за сузбивање на коронавирусот. Земјата е тешко погодена од корона-кризата, има најголем број починати како последица на Ковид-19.
Бразил: Прегратка за намалување на маките
Маура Силва е наставничка во училиште во западниот дел од Рио де Жанеиро, кон кое гравитираат најголемите сламови на милионската метропола. За барем малку да ја намали болката на своите штитеници, таа развила еден вид „престилка за прегрнување“. Овде е во домашна посета на еден свој ученик и му помага да навлече пластични ракавици пред да може да го прегрне.