Корона изборен модел
13 мај 2020Во мојата претходната колумна предложив постепено отворање на економијата, намалување на ограничувањата, односно постепена нормализација. Со исклучок на последниве денови, бројките на новозаразени тоа постепено отворање и го овозможија, па се донесоа мерки кои се во правец на постепена нормализација на животот. Можеби доколку не се направеше определен политички компромис, одлуката за траењето на полицискиот час за првомајските празници ќе беше поинаква, односно повеќе рестриктивна, па веројатно деновиве бројот на новозаболени и хоспитализирани пациенти ќе беше помал. Но, тоа е зад нас, како што е зад нас и литијата во Струга која несомнено ќе има негативен ефект во борбата против коронавирусот и во желбата за што е можно побрзо отворање на економијата. Колку повеќе не ги почитуваме мерките и препораките од здравствените власти толку подолго оваа агонија ќе трае и од здравствен и од економски аспект. Секое потценување на вирусот, секое наседнување на некакви си конспирации, заговори или лажни вести директно влијае на времето кое ќе ни биде потребно да ја победиме оваа пандемија. Многу е едноставно, секоја наша непослушност, бунтовност или немарност прави подолго време да ни бидат ограничени човековите слободи и права, економијата да трпи и државата да осиромашува. „Лажичката" за Велигден, литијата во Струга, отворањето на џамиите само му помагаат на вирусот, на нашиот невидлив непријател, да остане подолго и да направи поголеми штети, да заболат повеќе луѓе, да бидат хоспитализирани повеќе пациенти и за жал да починат повеќе наши сограѓани. Ќе се сложите дека тоа не е дел од нашата традиција и дека тоа не е ниту солидарност ниту пак хуманост. Секоја наша неодговорност, некој наш сограѓанин може да ја плати со неговиот живот. Воедно секоја наша неодговорност директно влијае и на брзината со која ќе ја отвораме економијата, а што подоцна се отвори економијата толку загубите ќе бидат поголеми, а државата и граѓаните посиромашни. Затоа апелирам рациото да надвладее над емоциите и да не дозволиме самите на себе да си направиме уште поголема штета.
Избори веднаш
Исто така во мојата претходна колумна, предложив веднаш понормализацијата на состојбитеда се организираат избори. Ова е важно од причина што во овој момент имаме техничка влада и немаме парламент. Нашата држава е парламентарна демократија и немањето на парламент подолго време од тоа што е пропишано во Уставот значи дека граѓаните не можат да ја остваруваат власта како што е тоа пропишано со Уставот. Власта граѓаните ја остваруваат преку демократски избрани претставници, па доколку граѓаните немаат можност на демократски избори да ги изберат своите претставници преку кои ќе ја остваруваат власта, тогаш демократијата е делумно суспендирана. Вирусот Ковид-19 е нов, научниците се уште немаат одговор на многу прашања, па никој со сигурност не може да тврди дали и кога ќе има втор бран, но никој и не може да тврди дека ќе нема. Доколку избори не се одржат веднаш кога за тоа ќе има минимални услови, односно кога тоа ќе го дозволи Комисијата за заразни болести, ризикуваме да дојдеме во состојба, избори да не може воопшто да се одржат подолг временски период. Ова го темелам и на фактот што паниката е сериозно присутна кај граѓаните, па и во случај подолго време да нема ниту еден заболен, доколку потоа се појави и еден новозаболен, стравот и паниката повторно ќе се вратат и повторно ќе имаме прилично рестриктивни мерки и брзо затворање на економијата. Во такви услови ќе биде многу тешко да се организираат избори, а ќе мора да се носат многу тешки одлуки.
Претходни колумни од авторот:
Време е за постепена нормализација
Избори: Не очекува ли „црна“ изборна кампања?
Гледам дека и двете партии се сигурни во победата. Тоа е добро. Тоа значи дека ниту една партија нема причина да бега од избори. Најмалку опозицијата. Ако е така, тогаш изборите треба да се организираат веднаш штом здравствената состојба во земјата ќе го овозможи тоа, нормално, притоа водејќи сметка за состојбата во која се наоѓа светот.
Изборните правила и пракси треба да се прилагодат на новата состојба во светот. Нема потреба од митинзи и собирање на поголеми групи и ставање на партиските членови во здравствен ризик. На митинзите доаѓаат исклучиво партиските членови кои и онака ќе гласаат за својата партија па затоа во овие услови комотно може да се одлучи воопшто да не се организираат митинзи. Знаеме дека и едната и другата партија може да извадат голем број луѓе на улица и тоа ништо не менува. Имаме доволно телевизии, имаме одлична пенетрација на интернет и огромен број на граѓани на социјалните мрежи. Секоја политичка порака може да дојде до секој еден граѓанин и без митинзи, без одење од врата до врата, без масовни партиски собири, конвенции и настани за промоција на програма. Се ова може да се организира поинаку и без да се доведе во опасност здравјето на било кој.
Продолжен изборен ден
Треба подобро и поинаку да се организира и денот на гласањето. Предлагам да се размисли да се продолжи времетраењето на изборниот ден за дополнителни 3 часови, односно наместо да заврши во 19 часот, да заврши во 22 часот. Летен период е и ова не би требало да биде проблем. Исто така може да се предвиди постарите лица (над 67 години) да гласаат до 11 часот и од 21-22 часот (последниот час од гласањето обично е со помала излезност). Сите останати да можат да гласаат во интервалот од 11-22 часот. Здравствените власти треба да развијат и објават задолжителен протокол кој ќе содржи мерки кои треба да се преземат со цел намалување на ризиците по здравјето на граѓаните на денот на гласањето. Веројатно е дека ќе мора да се предвиди задолжителна дезинфекција на рацете на секој кој ќе влезе во просторијата за гласање, задолжително носење на маска и задолжително држење на пропишана физичка дистанца. Заради утврдување на идентитетот веројатно е дека маската ќе мора привремено да се отстрани/спушти. Бидејќи најчесто гласањето се одвива во училишта или градинки, чекањето треба да се организира во дворовите. Исто така добро е да се размисли и за зголемување на бројот на избирачките места, па гласањето да се организира на истите локации, но во повеќе простории/училници, со цел на секое избирачко место да има помал број на запишани избирачи. Согласно постојниот изборен законик бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место не може да биде поголем од 1.000 избирачи, па може да се размисли овој број да се редуцира на 700 или помалку избирачи. Ако излезноста се движи во просек околу 60% (што е прилично оптимистички имајќи во предвид дека излезноста на претседателските избори беше околу 46%) тоа значи дека во една просторија во просек ќе гласаат околу 420 лица, односно во просек 28 лица во еден час.
Исто така, треба да се размисли при гласањето на болни и изнемоштени, кое се одржува претходниот ден, да се овозможи да гласаат и сите останати лица кои се во здравствен ризик (хронично болни) доколку изразат желба за тоа. Ова ќе овозможи хронично болните да гласаат во својот дом на ист начин како што тоа го прават болните и изнемоштени. Листата на овие лица може да се достави од страна на Министерството за здравство до ДИК, со цел ДИК да може да провери дали тие што се пријавиле влегуваат во оваа листа на хронично болни. За да не бидам погрешно сфатен или намерно погрешно интерпретиран, сакам да повторам дека ова треба да биде дополнителна можност и олеснување, а не обврска, па доколку некој кој е хронично болен и спаѓа во ризична група, сака да гласа во редовниот термин или воопшто не сака да гласа, нема обврска да се пријави и може да си гласа во редовниот термин како и сите останати или може и воопшто да не гласа.
Нужно ли е гласање на дијаспората?
Не сум сигурен дали е добро и паметно овој изборен циклус да се организира гласање во дијаспората и за ова партиите ќе мора да разговараат и да се договорат или пак да смислат поефикасен и поефтин начин на организирање на изборите во дијаспората. Ова бидејќи, трошоците и ризиците се огромни, а излезноста на дијаспората е многу ниска. Дали е прифатливо во услови на коронавирус да праќаме стотина наши граѓани во странство, за во Букурешт на пример да гласаат 17 наши граѓани или во Отава да гласаат 24 наши граѓани, или пак да принудуваме државни службеници да одат во Венеција каде беше прилично критична состојбата со коронавирусот? Гласањето на дијаспората се покажа како прилично скапа мерка, која можеби во мирнодопски услови и не е толкав проблем, но во услови на светска војна против овој невидлив човеков непријател ќе се сложите, не е баш целисходно и лесно изводливо.
За жал дојде и такво време да мораме да организираме „корона избори“. Да, ова ќе бидат „Ковид-19 избори“ и така треба да се организираат, зошто, веројатно на сите ни е веќе јасно дека ова е и Ковид-19 живот. Треба да се прилагодиме и издржиме. Животот не смее да запре, економијата не смее да ја уништиме, а најмалку што треба да направиме е целосно да ја суспендираме демократијата.
На крај морам да изразам една критика и до двајцата лидери на двете партии, што овој изборен циклус го интерпретираат како избори на живот или смрт. Нема потреба од меѓусебно заканување и дополнително закрвување на народот. Дајте предложете нешто добро. Плукањето и негативната кампања ниту некого донеле на власт, ниту пак некого задржале на власт. Граѓаните бараат здравје, среќа и пари. Ако сакаат да гледаат реално шоу, гледаат реално шоу, а не вести. Затоа доста со закани и правење на пакост на другиот. Тој што губи на избори оди во затвор е идиотска премиса и пракса која мора да запре. Дајте да пораснеме веќе. Не заборавајте дека сме членка на НАТО, па ве молам однесувајте се и делувајте на тоа ниво.