1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Растат надежите дека пикот на коронавирусот е блиску

БГ /АП
7 април 2020

Бројот на жртвите од Ковид-19 во Њујорк се искачи на 3,200, надминувајќи го бројот на убиени во терористичките напади од 11 септември 2001. Бројот на заразени расте низ светот, но надежите се дека пикот е блиску.

https://p.dw.com/p/3abp0
Coronavirus New York City USA
Фотографија: Reuters/J. Moon

Драматичните бројки од Њујорк доаѓаат во момент кога кризата со коронавирусот се намалува или, во најмала рака, се стабилизира во САД и во Европа, иако властите ги предупредуваат граѓаните да не се опуштаат.
Во Њујорк денеска бројот на жртви достигна 3,202 лица откако во последните 24 часа беа регистрирани нови 731 жртви. Во терористичкиот напад на 11 септември 2001 година загинаа 2,753 граѓани. Севкупно во САД од Ковид-19 досега настрадаа 12 илјади луѓе, а заразени се 380 илјади.

Сепак, гувернерот на државата Њујорк Ендрју Куомо смета дека е охрабрувачки тоа што бројот на новопримените пациенти во болниците и бројот на оние кои мораат да бидат ставени на респиратор опаѓа, што укажува дека мерките за социјално дистанцирање даваат резултат. Освен во градот Њујорк, состојбата е најтешка во Детроит, Њу Орлеанс и Њу Џерси.

Bildergalerie der Reise Lonely Places
Њујорк, Тајмс сквер 31.03.2020Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/T. Stolyarova

Вухан излезе од карантин

Во Велика Британија, каде заболениот премиер Борис Џонсон и натаму е на интензивна нега, бројот на жртвите достигна 6,200 луѓе.

По 76 дена, Кина конечно го прекина карантинот во Вухан, 11-милионскиот град каде започна пандемијата. Жителите на Вухан сега смеат да го напуштаат градот, но притоа мора да користат апликација за мобилен телефон која покажува дека се здрави и дека немале контакт со заразено лице. 

- Податоци за коронавирусот во светот на Џонс Хопкинс универзитетот


Кина денеска соопшти дека нема ниту еден новозаразен со коронавирус, иако некои експерти за јавно здравје се сомневаат во тој податок.

Во Јапонија премиерот Шинзо Абе прогласи едномесечна вонредна состојба во Токио и во шест други провинции поради растот на бројот на заразени.

Во некои критични точки во Европа, како и во Њујорк, надлежните гледаат сигнали на спласнување на епидемијата поради намалениот број на смртни случаи и хоспитализации.

Пикот е блиску?

Во Шпанија беа пријавени нови 743 жртви, а бројот на заразени се искачи за 5,400 луѓе, но надлежните сметаат дека наглиот раст е резултат на доцнењето на податоците од викендот. Тие се уверени дека кривата на заразата оди надолу.

Во Италија, најтешко погодената земја во светот со над 16,500 жртви, властите апелираа до граѓаните да не се опуштаат во пресрет на велигденските празнувања, иако бројот на новозаразените веќе повеќе денови опаѓа.

Италија: Борба за најнужното

Во Франција, бројот на жртвите ја надмина границата од 10 илјади, но и таму надлежните сметаат дека пикот е блиску.
„Се наоѓаме во фаза на раст на епидемијата. Се уште не сме го достигнале пикот“, изјави Жером Саломон, националниот директор за здравство. Но, според него вирусот успорува. За да се засили социјалното дистанцирање, Париз забрани и џогирање.

Ширум светот 1,4 милиони луѓе се заразени, а бројот на жртви достигна 79 илјади. Вистинските бројки веројатно се далеку повисоки поради ограниченото тестирање, различните правила на броење и намерното пониско пријавување на случаи од некои влади. Околу 300 илјади луѓе досега се излечиле од вирусот.