Контроверзно предизборно шоу на Ердоган во Босна
19 мај 2018Ова ќе биде единствениот предизборен настап на Ердоган во Европа: на Генералното собрание на Унијата на европско-турски демократи (УЕТД) во босанскиот главен град Сараево, во недела, се очекуваат околу 20.000 Турци. Претседателот на здружението, Зафер Сарикаја го опишува УЕТД како граѓанска организација чии членови живеат во повеќе од 17 земји, меѓу кои и Германија, Велика Британија и Холандија. Поради нејзината блискост со партијата АКП на Ердоган, организацијата се смета за продолжена рака на турската владејачка партија во Европа.
Организиран автобуски превоз до Сараево
Зафер Сарикаја очекува вистински „напад“ на Турците на 20 мај. „Во Европа живеат околу 5,5 милиони Турци. Ако ја имате предвид оваа бројка, можете да си замислите колку ќе биде полна салата. Дури мислам ќе биде претесна за сите и голем дел ќе мора да останат надвор, бидејќи внатре нема да има место."
„Европските Турци“ како што Сарикаја ги опишува Турците што живеат во Европа, ќе дојдат во Босна организирани од своите локални клубови. Автобускиот превоз е веќе договорен. Колку луѓе и од кои земји ќе дојдат, засега не се знае. На прашањето на Дојче Веле - дали говорот на Ердоган пред „европските Турци“ е дел од предизборната кампања, тој одговара: „Не би рекол дека е така."
Повеќе: Конвој од Македонија на митингот на Ердоган во Сараево
Турските гласачи во Германија се клучни
На Ердоган му се особено важни Турците коишто живеат во Германија - околу 1,4 милиони имаат право да гласаат. Тоа е значителна бројка - особено затоа што на претстојните претседателски избори секој глас може да направи огромна разлика: 50 отсто од гласовите плус еден еден единствен дополнителен глас би можело да му обезбеди на Ердоган уште еден мандат.
Турците од Германија беа од особено значење за турскиот претседател уште при гласањето за референдумот во април 2017 година. 63% од Турците со право на глас во земјата се изјаснија за планираните реформи. Гокај Софуоглу, претседател на Здружението на Турците во Германија, вели дека оттаму се разбирливи обидите за придобивање на нивните гласови.
Забрана за настап на турски политичари во Германија пред изборите
Кратко пред референдумот во април 2017. кулминираа тензиите меѓу Турција и другите европски земји, на чело со Германија. Јавни настапите на турски политичари беа забранети од локалните власти. Тоа ги налути турските политичари и нивните приврзаници во Германија. Дебатата се заврши со тоа што германската влада изрече генерална забрана за предизборни настапи на странски политичари во земјата до три месеци пред изборниот датум.
Претседателот на УЕТД, Сарикаја ја критикува таквата одлука, бидејќи, според него, таа е насочена само кон турските политичари. Софуоглу пак, не го дели неговото мислење. Тој потенцира дека пратеници на АКП учествувале на политички настани во Германија, но дека забраната, според него, е насочена кон поголеми манифестации со водечки политичари.
Негодување поради средбата со Озил
И покрај забраната за изборни настапи во Германија, на Реџеп Таип Ердоган му успеа да привлече внимание. За тоа неодамна му беше доволна една единствена фотографија со фудбалерите на германската репрезентација Месут Озил и Илкај Гиндоган. Средбата на овие тројца во Лондон, за време на државна посета на Ердоган, ја загреа атмосферата во Германија и меѓу самите политичари.
Но, како ѝ се допаѓа фотографијата на наводната целна група? Во турско-германската заедница во Германија мислењата се поделени. Сарикаја не може да ја разбере причината за вознемирувањето. „Ердоган е демократски легитимиран претседател, а фотографијата во медиумите е едногласно претставена како нешто негативно", критикува тој.
Повеќе: Германски репрезентативци во изборна кампања за Ердоган?
Софуоглу смирено коментира. „Ќе беше подобро ако фудбалери кои до некаде се пример за јавноста, не се сретнеа со Ердоган во толку краток период пред претстојните избори." Но и медиумите, според него, не требало да претеруваат. Софуоглу е сигурен дека секаква критика од страна на германските медиуми е всушност плус на контото на Ердоган.