Комунални избори во сите бои
8 јуни 2021Жестоката предизборна кампања во Македонија не престанува цели 15 години. Овој пресинг што ги избриша законските изборни правила и термини колку треба да траат кампањите го наметна Никола Груевски во битките за власт. Изборните пропаганди почнувајќи од 2006 година се претворија во постојана војна која непрекинато трае. Најголеми жртви се граѓаните кои живеат под перманентен стрес претворени во зависници од партиските тревоги за спасување на државата кои ечат од сите страни и удираат врз сите сетила.
Не е важно дали се во прашање локални, таканаречени комунални, парламентарни, или претседателски избори, или пак референдуми. Секое изјаснување и гласање е битка на живот и смрт во која прво гине вистината, за да расте омразата, без која нема партиска мобилизација. Тоа е тажниот резултат од деградираната и карикирана парламентарна демократија во Македонија.
Орлите ги тргнаа канџите
Сега се во полн ек партиските труби за локални избори кои ќе се одржат по цели пет месеци. Трите најголеми политички партии како индијанците ги намачкаа своие „образи“ со борбени бои. Орлите на ДУИ ги тргнаа канџите и се престорија во галаби со маслиново гранче во клунот нудејќи мир, демократија, граѓанско општество и прогрес. Веќе не се „црни". Го прифатија со раширени раце трендот на светската мимикрија да се добие бојата на околината. Бидејќи не се листопадни лесно се префарбаа во зимзелени. Нивните противници не можејќи да го сокријат изненадувањето се фатија за бојата дека била изветвена како на Шукаре басмата, која ја добива вистинската шарена боја по повеќе перења.
Во изненадувањето по повод 19 годишнината на партијата, лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа нешто многу позначајно од новата боја на партијата и зелената иднина на Македонија на што малку кој обрна внимание: „по Рамковниот договор договор дојде време Демократската унија за интеграција да се фокусира целосно на квалитетот на живот на граѓаните, условите за секојдневно живеење, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и чиста животна средина", рече на партискиот перформанс Ахмети во градскиот парк во центарот на Скопје. Значи, во јавниот дел на настапот Ахмети ја претстави ДУИ како политичка партија која ја прифаќа не само еколошката заштита на човековата околина , туку и зелената иделогија која не е само политика, туку и наука, економија, демократија, култура на живеење, правата на жените, владеење на правото, борба против коруцијата и организираниот криминал, сексуалните слободи и уште многу други сериозни обврски кои произлегуваат од припадноста на зелените.
Што прифати Ахмети, а не се виде
Но, она што беше помалку видливо е што Ахмети практично прифати дека се остварени сите напори и заложби за изедначувања на правата на Албанците со Македонците и дека е реализиран во практика Охридскиот договор. Тоа е едно големо признание не само за неговата политичка партија, туку и на Македонија.
Други колумни од авторот:
-Милијардите на Тупурковски, Груевски и на Заев
-Опасни предлози за поништување на договорите со соседите
-Како зборот компромис стана чудовишен
Политичката борба на ДУИ, ако е за верување, се пренесува на друг терен- тоа е зелената идеологија. Колку од ова е предизборна партиска маневра, а колку вистина ќе се види многу бргу. Ако се има предвид досегашната активност на ДУИ и на Ахмети тешко е да се поверува дека е можна една таква брза преобразба, но како потег и како јавно ветување навистина претставува изненадување и не случајно еве веќе неколку дена со големо внимание се третира како централен настан во државата без оглед дали е дочекан со жестоки критики и исмевање, или со целосна поддршка и одушевување на уште еден партиски лидер кој ќе прави од Македонија Швајцарија на Балканите.
Мене повеќе ми се допаѓа делот дека се остварени идеалите на Албанците во изедначување на правата и целосната реализација на Охридскиот договор. Тоа е единствениот документ потпишан од албанските и македонските политички лидери со меѓународна гаранција кој прерасна во уставна категорија и кој ја гарантира неделивоста, поточно го гарантира територијалниот интегритет, кажано со други зборови, целовитоста на Македонија. Тоа значи дека денес тој Договор кој е исполнет во целост заедно со членството во НАТО е најголемата гаранција за неделивоста на државата и ги отфрла сите идеи за федерализација, кантонизација, Република Илирида, идеите за самоопределување со кои се вознемирува јавноста од време на време и кои се уште се живи и тлеат под пепелта. Ова признание на Ахмети дека се остварени сите цели на Албанците за рамноправност е смртен удар на тие националистички и шовинистички заложби.
Патриотска фарба на ВМРО- ДПМНЕ
ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски и за овие комунални избори ја избраа старата патриотска фарба и тргнаа во поход да ги блокираат сообраќајниците во големите градови и се разбира парламентот. На тој начин ќе ја спасуваат државата, идентитетот, македонскиот јазик и историјата од Бугарија и од домашните предавници. Од ВМРО-ДПМНЕ откриваат дека има тајни преговори кои се водат зад грбот на народот и дека на повидок е бугаризација на Македонија.
Истото се случуваше и пред Преспанскиот договор со Грција, но тој веќе пред новата бугарска опасност не е повеќе актуелен, односно се уште ништо страшно не се случи по неговото потпишување иако поминаа четири години. Ниту некој ја промени својата национална припадност, ниту го изгуби идентитетот, националноста, државјанството и јазикот. Тоа е ВМРО ДПМНЕ. Прво не спасуваше од Југославија и од србизација. Потоа од Грција, а сега од Бугарија. Постојано од нешто не спасува, а ништо не прави.
Република Северна Македонија остана и натаму единствената држава во светот што го носи тоа име. Додавката северна со ништо не се разликува од додавките федерална, народна, социјалистичка, освен што е географска, а другите се идеолошки.
Отстранување на опасноста од бугаризација и спасување на идентитетот и јазикот кои не се предмет на преговори е стратегијата на ВМРО ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски за добивање на локалните избори и веднаш потоа на вонредните парламентарни избори. Не знам зошто толку многу брзаат кога и Мицкоски и целиот партиски врв знаат дека никогаш нема да сменат ниту една запирка од потпишаните и ратификувани договори. Подобро е овие тешки и мачни работи кои никогаш не можеа да ги решат да ги заврши некој друг, па да дојдат на готово правдајќи се дека договорите кои ги потпишале „предавниците“ не можат да се променат. Така и ќе биде ако во ВМРО ДПМНЕ конечно се освестат дека не учествувале со ништо во реализација на евроатланските интеграции на Македонија, освен што формално ги ставале како приоритети во своите партиски програми, а во практика ги блокирале тие стратегиски државни интерси кога биле на власт. Тој тврд квази патриотски став кој создава лажна слика немајќи чувство за промените може да го прегази и маргинализира ВМРО ДПМНЕ како анахрона револуцинерна политичка партија од почетокот на минатиот век.
СДСМ и Зоран Заев за локалните избори најдобро ќе биде да ја отстранат од кампањата европската иднина, датумот за почетокот на преговорите со ЕУ и членството во НАТО. Тоа се разбира, не значи да престанат ваквите активности, но сепак не се примерни за комунални избори. И сината и црвената боја треба да са заменат со „црно бели“ инфраструктурни објекти, патишта, гасификација, водоводи, канализации, пречистителни станици, брзи пруги, графикони со инвестициони вложувања и се она што значи подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Проблемот е во тоа да се биде реален, а не да се соопштува неостварлив список на желби и со десетици милијарди долари. Притоа најголемо внимание за локалните избори треба да биде изборот на предложени кандидати кои досега постигнале резултати, се докажале со својата работа и чесност. Тука строгата партиска припадност не треба секогаш да биде пресудна.
Селекцијата на кандидатите за градоначалници и за состав на градските совети е најголемиот проблем на СДСМ. Секогаш на рингишпилот има помалку седишта отколку кандидати. Партските мангупи први јаваат уште пред да почне натпреварот, а кога ќе почнат да се вртат, од височината добиваат вртоглавица и брзо паѓаат.