1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ќе чини заострениот „локдаун“во Германија?

Андреас Бекер
17 декември 2020

Во Германија почна заострениот „локдаун“, кој погаѓа многу фирми во земјата. И покрај државната помош, трговијата предупредува од „драматични последици“.

https://p.dw.com/p/3mnxF
Deutschland Coronavirus Lockdown
Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Борба против короната, без притоа да и' се нанесат штети на економијата како пролетоска - тоа беше идејата зад делумниот „локдаун“ во ноември. Од тие рестрикции страдаа пред се' културните установи и гастрономијата.

Од вчера (16.12.2020) меѓутоа земјата е повторно онаму каде што беше во март: „локдаунот“ е повторно заострен, да работат смеат само уште продавниците за животни намирници за секојдневна употреба. Остатокот од трговијата мора да стави клуч на врата.

„Тоа што многу трговци сега, среде божиќниот бизнис, кој е најсилен период за нив во годината, мора да затворат, е тежок удар за браншата и центрите на градовите“, вели Штефан Гент, раководител на Сојузот на германска трговија (ХДЕ).

Повеќе: Германските купувачи не се нервираат поради затворањето на продавниците

Коронавирус: Почнаа острите рестриктивни мерки во Германија

Економското опoравување од корона ќе трае долго

„Загрозени се до 250.000 работни места“

Работата и онака веќе и претходно одеше забавено. Во ноември минусот во обртот во центрите на градовите беше во просек 30%, во декември досега има минус од 20%. Со оглед на „локдаунот“, од денеска се смета со минус од 60% во декември.

Во комбинација со исто така тешките месеци претходно, новиот „локдаун“ може да значи пропаст за многу трговци. Според ХДЕ, во моментов за својата егзистенција стравуваат 55% од продавниците во центрите на градовите, додека само кај трговците со облека тој процент е 65.

Themenbilder - Lockdown in Sachsen: Bautzen
Трговците на мало во центрите на градовите се особено загрозениФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Речиси 200.000 трговски фирми се погодени од „локдаунот“, 99% од нив се мали и средни претпријатија. Во трговијата на мало во центрите на градовите работат околу 600.000 луѓе. „Загрозени се 250.000 работни места“, вели Гент. Затоа, ХДЕ бара во декември еднаков третман на трговците на мало со гастрономите, кои од државата би требало да добијат надокнада до три четвртини од својот обрт.

Економистите и истражувачите на конјунктурните текови се поделени во мислењата околу новиот „локдаун“. Претседателот на Институтот за светска економија (ифВ) во Кил, Габриел Фелбермајер, смета дека политиката нема генерален концепт. Она што е потребно, според него, е конечно подобра заштита на загрозените категории граѓани, како во старечките домови. „Затворање на шопинг-зоните воопшто не им е од помош на овие лица“, изјави Фелбермајер за весникот „Велт“.

Поддршка, пак, за новите рестриктивни мерки доаѓа од Сојузот на производители на машини и постројки (ВДМА). Таму се спроведуваат хигиенски концепти во производството, се проширува работењето од дома и има продолжени сезонски паузи во работењето, се' со цел - поуспешна борба против короната, но браншата е среќна што не се донесени уште построги мерки.

„Генерално затворање на индустриските постројки би бил погрешен пат и би донесол значајни штети за целата економија, како и ризици за сигурното снабдување“, вели претседателот на ВДМА, Карл Хојсген.

И претседателот на минхенскиот Ифо-институт, Клеменс Фуст, го поздравува новиот „локдаун“. „Од економски апсект е важно божиќниот распуст да се искористи за строг локдаун“, вели Фуст за „Велт“. „Во ова време економската активност и онака е намалена и распуст е, така што загубите се во граници.“

Според Фуст, ако сега не се донесела одлука за строг „локдаун“, тогаш „најдоцна од средината на јануари ќе беше потребен построг и подолг карантин, кој би чинел значително повеќе“.

Symbolbild - Konsum zur Weihnachtszeit
„Локдаун“ среде божиќен бизнис ќе значи крај за дел од трговските фирмиФотографија: picture-alliance/dpa/D. Bockwoldt

Повеќе пари од државата

Колкави ќе бидат трошоците од сегашните рестрикции, се' уште не може точно да се предвиди. Сојузот на трговците проценува дека во декември ќе има минус од 12 милијарди евра.

Кон тоа треба да се додадат и трошоците за државна помош. Според состојбата на 8.12.2020, сојузот одобрил 16 милијарди евра за директна помош, а тука треба да се додадат и капиталните инјекции, кредитите и гаранциите.

Сојузниот министер за финансии Олаф Шолц најави „многу опсежна помош“ за јануари, при што државата ќе преземе до 90% од фиксните трошоци на затворените компшании. Горната граница од досегашните 200.000 е подигната на 500.000 евра.

Шолц смета со дополнително трошоци од 11,2 милијарди евра месечно. Парите се веќе предвидени во буџетот.

Пораст на скратената работа

И очекуваното зголемување на бројот на лица со скратена рбаота ќе биде скапо. Секоја недела „локдаун“ ќе чини веројатно 3,5 милијарди евра, вели Енцо Вебер од Институтот за истражување на пазарот на работна сила и на професиите (ИАБ). „Бројот на работници со скратена работа ќе се зголеми повторно за неколку стотици илјади“, потенцира тој.

Weihnachtseinkäufe
„Зимата ќе биде тешка“, порачува економистот Фолкер ВиландФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk

Досегашниот врв на бројот на работници со скратена работа изнесуваше околу 6 милиони. Последните бројки покажаа дека во земјата останале уште 2,2 милиони работници со скратена работа. Стапката на невработеност во ноември изнесуваше 5,9%.

Неспорно е дека новите мерки за сузбивање на пандемијата ќе ги замрачат и изгледите за пораст на конјунктурата. Во третиот квартал од годинава, германската економија забележа пораст од 8,2% во споредба со претходниот квартал, но тој пораст се' уште беше 4,2% послаб во споредба со истиот квартал минатата година. „Зимата ќе биде тешка“, порачува економистот Фолкер Виланд, кој е дел од т.н. економски мудреци кои ја советуваат сојузната влада.