Кога навистина треба да примате антибиотици
28 декември 2019Што се антибиотици?
Антибиотици се лекови кои усмртуваат бактерии и други микроорганизми (бактерицидни антибиотици), или пак придонесуваат тие да не може натаму да се размножуваат (бактериостатски антибиотици). Тие се состојки кои настануваат во метаболитичните процеси на различни бактерии и габи, како на пример пеницилинот. Некои габи самите ги создаваат за да се заштитат од бактерии.
Други антибиотици биле развиени во лаборатории или хемиски променети за да им се подобри дејството. Има антибиотици со мал спектар, кои делуваат само против еден специфичен причинител на болести, и антибиотици со широк спектар, кои делуваат против мноштво бактерии.
Како делуваат антибиотиците?
Со тоа што антибиотиците ги убиваат бактериите или го попречуваат нивното растење, тие му помагаат на имунолошкиот систем на организмот. Притоа ја напаѓаат клеточната мембрана или метаболизмот на микроорганизмите. Пеницилините, на пример, ја попречуваат синтезата на мембраната на бактериите. Со порозна мембрана предизвикувачите не се способни да преживеат и се распаѓаат. Други лекови спречуваат едноклеточни организми да синтетизираат протеини кои им се нужно потребни за преживување. Некои други супстанци, пак, блокираат транспортни механизми во самата клеточна мембрана и на тој начин се нарушува природниот баланс. Трети, пак, го попречуваат размножувањето на микроорганизмите. По некое време преостанатите едноклеточни организми изумираат, а нови не може да настанат. Сето ова функционира само кај бактерии, кај вируси антибиотиците немаат никакво дејство.
Повеќе: Антибиотиците не се бонбони
Кога треба да се користат антибиотици?
Кивање, кашлање, болки во грлото и температура - симптомите на болестите на почеток се многу слични, па нејасно е дали се работи за бактериска или вирусна инфекција. Повеќето настинки и грипот се предизвикани од вируси и примањето антибиотици нема смисла. Наспроти тоа, во случаи кога бактерии заради намален имунолошки систем на организмот навлегуваат во телото и се размножуваат, има смисла да се даваат антибиотици. Бактериите може да предизвикаат воспаленија и трајно да оштетат некои органи. Воспаленија на бели дробови, на крајници, на мочен меур или на мозокот најчесто се предизвикани од бактерии и примањето на антибиотици е делотворно. За да се спречи резистентност на бактериите, антибиотици треба да се користат само кога тоа е нужно неопходно. Третманот никогаш не треба да прекинат предвремено, бидејќи во тој случај преживеаните бактерии имаат можност да развијат резистентност на антибиотикот.
Зошто многу антибиотици веќе не дејствуваат?
Кој има бактериска инфекција, најчесто веднаш добива антибиотик. Заради масовното користење многу од нив веќе не делуваат, бидејќи бактериите многу брзо се навикнуваат на антибиотиците и развиваат свој одбранбен систем против нив. На пример, бактерите синтетизираат нови протеини кои го расекуваат молекулот на антибиотикот и го неутрализираат дејството. Или пак ја менуваат мембраната на начин што антибиотикот веќе не може да навлезе во внатрешноста на клетката. Честопати тие ја менуваат и структурата на која се врзува антибиотикот со тоа што синтетизираат протеин кој има иста функција во клетката, но е резистентно на антибактериската супстанца. Кога бактерија ќе најде таков начин да се справи со антибиотикот, сменетата ДНК ја предава на сите наследници. Бактериите можат дури и само од контакт една со друга да разменуваат делови од ДНК. Така резистентноста се шири сѐ повеќе. Бактериите честопати се имуни на повеќе антибиотици истовремено. Според податоци на Светската здравствена организација, во светот секоја година околу 700 илјади лица умираат како последица на резистентноста на бактериите на антибиотици.
Повеќе: ЕУ: Од отпорни бактерии умираат 33.000 луѓе годишно
Што се резервни антибиотици?
Кога има резистентност на антибиотици, или особено силна инфекција, постојат и т.н. резервни антибиотици кои лекарите ги препишуваат само во критични случаи. Заради ретката употреба бактериите уште немале можност да развијат одбранбени механизми против таквите супстанци. Тие во никој случај не се подобри од стандардните антибиотици. Често се дури и значително помалку делотворни, потешко се поднесуваат или имаат поголеми несакани дејствија. Затоа им се даваат на луѓе само во критични слуачи. Според СЗО, Колистин е еден од најважните резервни антибиотици. Тоа е многу стар антибиотик кој со децении речиси и да не се користи заради силните несакани дејствија. Како резервен антибиотик, според СЗО, треба да се користи што е можно помалку, за да не го изгуби своето дејство. Но, резервните антибиотици фактички многу често се користат во масовното одгледување животни. Многу доктори се критички настроени кон употребата на таквите лекови кај животните.
Повеќе: Фармаконцерните не се заинтересирани за нови антибиотици!
Зошто не се развиваат нови антибиотици?
Постојано да се развиваат нови лекови кои не им се познати на бактериите е единствената можност долгорочно да се спротивставиме на резистентноста и да ја добиеме битката со бактериите. Сепак, фармацевтските компании сѐ помалку инвестираат во истражувањето за нови антибиотици. Развојот на нов антибиотик чини повеќе стотици милиони евра. Ако дојде до успешно пуштање во употреба, има трошоци за производство, дистрибуција и маркетинг.
Но, антибиотиците се примаат само неколку дена и ако новите средства се користат само во итни слуачи, тогаш компаниите тешко и да заработат пари. Па така, дури и за големите компании поисплатливи се други полиња за истражување, како на пример производство на лекови за рак или средства за хронични болести.
Меѓу другото и заради овие причини, како што сметаат многу меѓународни експерти, политиката треба повеќе да го поттикнува развојот на нови лекови, без разлика дали во фармацевтски компании или државно финансирани установи за научни истражувања.