Ковид-19: Зачестено поствирално заболување кај децата
10 февруари 2021Пандемијата на Ковид-19 веќе во првиот бран го донесе и „Синдромот на мултисистемско воспаление“. Директорот на Детското кардиолошко одделение и Педијатриска интензивна медицина на Универзитетската клиника во Минхен, Николаус Хас, уште тогаш за ДВ изјави дека овој синдром не е непознат.
„Во рамки на различни инфекциски болести кај пацинтите со одредена предиспозиција може да дојде до таква клиничка слика, по која целото тело реагира со тешко воспаление.“
Децата со африканско и азиско потекло се позагрозени
Првите извештаи од Велика Британија покажуваат дека 75 отсто од децата кои се погодени од овој синдром му припаѓаат на некое етничко малцинство - или со темна кожа или со потекло од Азија. Според овие податоци, овие деца претходно не секогаш покажувале симптоми на респираторниот систем кои се карактеристични за инфекцијата со коронавирусот.
Од 78 пациенти на интензивна нега, 47 насто биле со африканско-карипско потекло, а 28 отсто со азиско. Тоа е пет до шестпати повеќе отколку кај остатокот од британското население.
Повеќе:
-Што се случува со организмот по заболување со Ковид-19
-Долготрајни страдања на пациентите со Ковид-19
-Децата - „скриени“ преносители на коронавирус
Научниците претпоставуваат дека генетиката игра одредена улога, но и покажуваат загриженост поради тоа што припадниците на овие малцинства поради професијата која ја извршуваат или поради социјалните услови во кои живеат, не можат да го избегнат неповолното влијание на околината врз нивниот организам. Најголем дел од заболените немале други болести.
Медицинските стручњаци и научници бараат дополнителни испитувања за да се открие зошто овие деца се поизложени на ризикот да заболат од овој синдром.
Поранешни студии за поствиралниот сидром
Минатата година тим лекари од Тексас анализираа 662 случаи од 39 различни студии, во сите случаи се работело за деца кои заболеле од Синдромот на систематско воспаление. Со анализа се опфатени заболувањата ширум светот меѓу 1 јануари и 25 јули 2020 година.
Резултатите покажале оти 71 отсто од децата морале да бидат згрижени во станиците на итензивна нега, 60 насто од пациентите добиле тешко пореметување на циркулацијата на крвта, а кај речиси 90 отсто од пациентите на ехокардиограм забележано е попречување во работата на срцето. Речиси сите деца имале температура, голем број од нив и болки во стомакот, дијареја и повраќање.
Кавасаки синдром
Лекарите прво помислиле дека се работи за Кавасаки синдромот, кој има слични симптоми. Тоа е многу ретка болест кај децата главно пред да наполнат 5 години. Во целиот свет има речиси 6.000 случаи годишно.
Јапонецот Томисаку Кавасаки уште во 1967 година го опишал сидромот кој подоцна е наречен по него. Причините за ова заболување повеќе од половина век сѐ уште се неразјаснети. И овој синдром носи силни воспаленија, како и телесна температура над 38,5 степени. Сепак, постојат разлики меѓу овие синдроми.
Кај Кавасаки синдромот не се погодени толку многу органи. Најчесто тоа е срцето. Пациентите имаат висока температура, а вредностите на црниот дроб се зголемуваат. Поствиралниот синдром ги зафаќа најчесто бубрезите, белите дробови и црниот дроб. Крвната слика, исто така, покажува воспаление и бројот на леукоцити се зголемува. Кавасаки синдромот може да се излечи ако навреме се започне со терапија и можат да се избегнат оштетувања на срцевите крвни садови.
Меѓутоа, двата синдрома мораат темелно да се истражат за да се одговори на прашањето дали причина е Ковид-19.