1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Почнува скринингот во основните училишта

ДТЗ
17 февруари 2022

Препораките за лекување на ковид се јавно достапни, но не се обврзувачки. Александар Петличковски смета дека големата смртност е резултат на запоставеното здравје.

https://p.dw.com/p/47B4f
Erster Schultag in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поради зголемениот број на заразени деца, од утре започнува скрининг на учениците во основните училишта. Брис ќе се зема во училиштата, по случаен избор со согласност на родителите на учениците. 

„Обезбедени се тимови и здравствени работници кои ќе почнат со скрининг за Ковид-19, во основните училишта“, информираше на прес-конференција  портпаролот на Комисијата за заштита од заразни болести, Злате Mехмедовиќ. 

Според него, во моментот, во основните училишта има повеќе деца со Ковид-19, за разлика од средните училишта, каде ситуацијата е помирна. Во вторникот Комисијата соопшти дека се зголемува бројот на заразени деца со Ковид-19на возраст од 6 до 14 години во Северна Македонија. Трендот трае веќе неколку недели. Последниот период имало 120 нови случаи на заразени ученици на територијата на целата земја. 

Препораки за лекување 

По бројните критики во јавноста дека Северна Македонија нема донесено протоколи за лекување на заразените со Ковид-19, од денеска на сајтот на Министерството за здравство се објавени препораки за поусогласен пристап кон лекувањето на пациентите со ковид. Препораките не се обврзувачки. Тие и досега се користеа за лекување на заразените пациенти, но во меѓувреме се менувале неколкупати согласно ситуацијата. 

Според претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, препораките се со цел да послужат од едно место да се црпат релевантни информации за болеста и начинот на нејзино лекување во различни фази.

На прашањето дали немањето протоколи за лекување на пациентите е причина за големата смртност во земјата, Петличковски одговори дека сите здравствени работници, најдобро според нивните сознанија, се обидуваат да се справат со Ковид-19.

„Бројките се високи, но голем дел од смртните случаи се последица на нашето запоставено здравје. На пример, во други земји има помала смртност, но тие имаат подобра здравствена култура“, вели Петличковски, посочувајќи дека и во Словенија во просек на дневно ниво има по 20-тина починати.