Ковид-19: Кога и лекарите не веруваат во вакцините
28 јануари 2022Во отворено писмо до германската јавност, иницијативата „Доктори станете“ предупредува дека вакцината против коронавирус не штити од тешки форми на болеста, но носи ризици. Во писмото буквално се вели: „Во најдобар случај, заштитниот ефект на вакцината може да преовладува само кај постарите лица и кај оние со фактори на ризик“. Сепак, нејзините апсолутни и конкретни придобивки се „маргинални“ за мнозинството од населението, се наведува меѓудругото во писмото потпишано од 380 медицински лица со различни специјалности, како и иницијативата „Лекарите за индивидуалното право на одлука за вакцинација".
Заблуди и „алтернативни факти"
Авторите на писмото тврдат дека краткото време и малиот број заболувања досега не овозможуваат дефинитивно да се каже дали вакцината спречува тешки форми на Ковид-19 и смртни случаи. Сепак, овој став го игнорира и фактот дека вакцинацијата во Германија се практикува повеќе од една година, како и податоците на Институтот Роберт Кох, според кој веројатноста вакцинираните да се заштитени од тешки форми на Ковид-19 и хоспитализација е 90%. Против симптоматските форми на болеста, повторно, според истите податоци, вакцинираните се заштитени до околу 75%.
Според досегашните истражувања, вакцините штитат и од варијантата Омикрон, иако во помала мера. Затоа, експертите како Кристијан Дростен препорачуваат тројна вакцинација. Бустер-дозата ја намалува веројатноста за инфекција со Омикрон за 54%, вели Дростен. И податоците од Германското интердисциплинарно здружение за интензивна и итна медицина (DIVI) покажуваат дека поголемиот дел од пациентите со коронавирус на одделенијата за интензивна нега не се вакцинирани.
Во прилог на својата теза, авторите на писмото наведуваат податоци од една студија и тврдат дека веројатноста вакцинираните лица да бидат заштитени од тешки болести и хоспитализација е 58%. Но, не објаснуваат од каде го добиле дотичниот процент, а тоа е чудно, особено што во студијата што ја цитираат се тврди нешто сосема друго - се зборува за 74% заштита. Дополнително, студијата го сумира следново: „вакцината на Бајонтек/Фајзер делува ефикасно во голем број случаи на Ковид“.
Во отвореното писмо се тврди и дека децата и младите кои биле вакцинирани, се соочуваа со поголема „веројатност" да добијат миокардитис. Сепак, ова тврдење не е поддржано со никакви податоци.
И покрај прилично сомнителните аргументи изнесени во отвореното писмо, тоа се шири не само на социјалните мрежи, туку и преку политичарите. Тино Крупала, политичар од десничарската популистичка Алтернатива за Германија, ја наведува иницијативата како аргумент против можното воведување задолжителна вакцинација и го повторува предупредувањето дека децата и младите не треба да се вакцинираат.
Кои лекари го потпишале писмото?
Списокот на потписници вклучува луѓе кои се сомневаат во смислата на вакцините или го минимизираат коронавирусот. На пример, доктор од Хамбург, кој беше меѓу водечките иницијатори на движењето „Доктори за образование“. Повеќето негови членови издаваа медицински белешки за штетноста од носењето заштитни маски, без притоа претходно да ги прегледаат засегнатите пациенти. Меѓу потписниците е и докторот Сухарит Бакди – против кого обвинителството води истрага, меѓудругото и за антисемитски изјави.
Ролф Крон, кој исто така го потпишал писмото, се опишува себеси како „лекар и хомеопат“. За него е познато дека одржува свој канал на мрежата Телеграм. И слично како и Бакди, Крон беше меѓу говорниците на демонстрациите на противниците на вакцините. Обвинителството спроведе истрага и против Крон. Тој е осомничен дека издал 117 лажни лекарски уверенија за ослободување од обврската за носење маски.
Клаус Рајнхард, претседател на Германската лекарска комора, до кого исто така беше испратено отвореното писмо, вели дека таквите објави имаат единствена цел: да ги поколебаат лекарите и да ја саботираат кампањата за вакцинација во Германија. Според него, ваквите постапки се здодевни и вознемирувачки, но не можат да го променат фактот дека лекарите во земјата се активно вклучени во вакцинацијата.
На барање на јавниот сервис АРД, еден од потписниците на отвореното писмо вели дека категорично ги отфрла обвинувањата за погрешни, нецелосни и недокажани наводи употребени во писмото. Освен тоа, вели тој, иницијативата не е здружение на „лекари критички настроени кон вакцинацијата“, туку станува збор за проценка на вакцините врз основа на досегашните податоци, со цел да им се помогне на пациентите да донесат „информирана одлука“ за тоа дали вакцината е соодветна за секој поединечно.