Ковид: Најопасни се оние надвор од „радарот“
1 септември 2021Здравствените власти се надеваат дека актуелниот бран на Ковид-19 стивнува, но почетокот на учебната година и сивата бројка на млади со полесни симптоми, во текот на септември може да доведе до секундарен пик во четвртиот бран, стравуваат експертите.
Иако во последните неколку дена се рефлектира мал пад во бројката на заболени, лекарите се внимателни во оценка на состојбите. Во Ковид центарот во Тетово, кој во изминатите денови беше под голем притисок со прием на болни од Ковид-19, сега тој притисок е „за нијанса“ намален.
„Имаме хоспитализирани 112 пациенти, од кои 7 биле примени вчера. Меѓу нив најголемиот дел се невакцинирани лица, 6 имаат примено прва доза вакцина, а 6 и втора доза. Сите пациенти се на кислородна поддршка. Во текот на вчерашниот ден починаа четири лица на возраст од 62, 75, 80 и 83 години. За 24 часа на преглед беа примени 227 лица. Состојбата не е добра, но за нијанса е подобра во однос на претходните денови. Не се чувствува толку голем притисок за хоспитализација", вели д-р Гзим Нуредини, шефот на Ковид-центарот.
Меѓу хоспитализираните нема помлади лица. Исклучок е 25 годишно момче со Даунов синдром, на кое му се повлекува пневмонијата, заздравува и наскоро ќе биде пуштено дома.
„Нема помлади меѓу хоспитализираните, и нема лица без коморбидитети. Најчесто станува збор за лица кои имаат проблеми со кардио-васкуларниот систем, кои имаат стент, бај-пас, висок крвен притисок, дијабет, претрпеле мозочни удари или во меѓувреме биле на хемотерапија“, објаснува д-р Нуредини.
Големиот број на заболени го смета за последица на присуството на свадби на затворено, на собирањата во затворени климатизирани објекти во периодот кога темпертурите беа високи, на недржењето дистанца и неносењето маски.
„Неносењето на маски се одрази и на наши сограѓани од дијаспората кои летово дојдоа во Тетово. Гледаа дека не се носат маски, и тие се опуштија. Па сега овие наши и други граѓани од Балканот ги полнат ковид – центрите во европските земји каде што живеат“, вели Нуредини.
Во моментов според стравувањата, најголеми трансмитери на вирусот може да бидат помлади лица без коморбидитети, кои болеста ја прележуваат без посериозни симптоми - со кашлица, гребење на грлото и течење на носот.
„Штом некој кашла и му е одземен гласот, веднаш треба да се тестира. Во една прилика реков - речиси нема куќа кај што нема позитивни", вели д-р Нуредини.
Страв од секундарен пик
Проблемот за кој зборува д-р Нуредини, го посочуваат и други лекари. Често пати млади лица телефонски се јавувале кај матичните лекари за совет околу вакви симтоми, но избегнувале преглед или тестирање.
„Кашлаат, се жалат на гребење на грлото или изгубен глас, мислат дека е тоа некоја блага настинка, користат пастили за смирување на иритација на грлото, не доаѓаат на преглед, не се тестираат, шетаат, се движат меѓу луѓе. А тоа е скриена „бомба“, ако се имаат предвид проценките дека едно лице заразено со делта сојот кој сега е доминантен кај нас, може инфекцијата да ја пренесе и на седум - осум лица“, објаснуваат лекари.
Овој аспект е особено битен, ако се има предвид дека од денеска со физичко присуство почнува учебната година во основните и средни улчлишта. Заради епидемиолошката состојба исклучок се само средните училишта во Тетово и Гостивар каде наставата ќе започне онлајн во траење од 14 дена, односно 7 дена во Кичево и Струга.
„Не сум сигурен што не чека, но веројатно по недела-две учениците повторно ќе продолжат со онлајн настава, ако оди ситуацијата вака, изјави микробиологот д-р Никола Пановски за ТВ „Канал 5“.
Според него, во средните училишта каде што има по 34 деца во клас, треба да има поделби на смени и смета дека веројатно тоа ќе се случи.
Од денеска нови правила
Иако здравствени власти се уверени дека состојбата се смирува, фактот дека голем број од инфицираните остануваат надвор од „радарот“, според експертите може да доведе до зголемување на бројката на заболени кај највунерабилната популација, односно до секундарен врв на четвртиот бран кон средината на септември.
Најоптоварени со пациенти сега се болниците во Тетово и Гостивар, а се побрзо се полнат болниите во Кичево, Струга и Охрид. Вчерашниот биланс од последните 24 часа изнесуваше 870 нови случаи на Ковид-19 од направени 5.844 тестирања. Починаа 37 пациенти, а најмладиот имал 22 години. Бројот на активни случаи изнесува 14.249.
Владата вчера ги потврди и дополни мерките што од денеска ќе важат на граничните премини за влез и излез на домашни и странски државјани: ќе се бара сертификат за извршена вакцинација со две дози на вакцина, потврда за прележан ковид во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа. Задолжителен е домашен карантин во траење од седум дена доколку лицата при влез во земјава немаат негативен ПЦР тест, потврда за вакцинација или потврда за прележан ковид-19. Времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Исклучоци од оваа мерка се наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.