1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцини и апели

СН/агенции | МИА
29 април 2021

По ублажувањето на рестриктивните мерки, тежиштето на борбата против Ковид-19 на македонските здравствени власти сега се префрла на вакцинацијата и на апелите за индивидуална одговорност.

https://p.dw.com/p/3siLV
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

И покрај поместувањето на полицискиот час и фактот дека ублажувањето на ковид-рестрикциите вчера ги наполни летните тераси на угостителските објекти, македонскиот министер за здравство Венко Филипче не очекува зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19 и влошување на епидемиолошката ситуацијата.

Според него, не е проблем излегувањето на граѓаните надвор особено сега кога времето е веќе топло и тоа го дозволува, но мерките мора да се почитуваат.

„Граѓаните мора да знаат дека имаат индивидуална одговорност и дека мора да ги почитуваат мерките“, истакна министерот.   

Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повеќе:

-Од утре полициски час од 21 часот и отворени летни тераси

-Велигден и Бајрам без полициски час

-Дел од пратениците незадоволни – им ветиле „Фајзер“, а добиле „Спутник“

Освен на ваквите апели, фокусот на справувањето со епидемијата сега се префрла на имунизацијата. Филипче најави дека утре треба да пристигнат кинеските вакцини а секој понеделник во мај ќе пристигнуваат меѓу 5.000 и 7.000 вакцини на Бионтек/Фајзер, односно вкупно 26 илјади. Згора на тоа Србија и донирала дополнителни 13.000 вакцини Спутник V на Северна Македонија, со што досега вкупно се донирани 48 000 вакцини.

Што се однесува до претстојните празници, Велигден и Бајрам, кога полицискиот час нема да важи, министерот Филипче соопшто дека верските лидери преземале обврска да обезбедат редарска служба за спроведување на протоколите и секој настан да го организираат надвор, пред црквите и џамиите.

Инаку во земјата паѓаат бројките на новодијагностицирани, а според министерот, тоа се чувствува и во болниците каде притисокот се намалува и нема многу приеми и префрлања од една во друга здравствена институција како што беше случај во почетокот на април.