1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонците против нови избори - на потег е Мадрид

Мариел Милер
27 октомври 2017

Каталонскиот премиер одлучи против предвремени регионални избори и со тоа против приближување кон Мадрид. Таму денеска се очекува шпанскиот Сенат да ја запечати судбината на сепаратистичката влада во Каталонија.

https://p.dw.com/p/2mav6
Spanien Katalonien Carles Puigdemont im Parlament in Barcelona
Фотографија: Reuters/A. Gea

Тој размислувал за можноста за нови избори, но потоа одлучил против тоа, рече Карлес Пуџдемон во телевизискиот говор во Барселона. Не можел да биде сигурен дека заканувачките мерки најавени од шпанската централна влада така би можеле да се избегнат. Каталонскиот регионален парламент сега треба да одлучи за натамошните постапки, рече Пуџдемон. А парламентот не одлучи, но дискутираше жестоко. Првично беше планирано пратениците да се состанат за да одлучуваат за одговорот на Барселона на воведување принудните мерки од  страна на централната влада во Мадрид. Но, по говорот на Пуџдемон, агендата се смени.

Монолозите на Пуџдемон

Пуџдемон цел ден ја играше својата омилена игра: мачка и глушец. Со медиумите, со студентите кои протестираа пред претседателската палата, со опозицијата. Тој се плаши да влезе во расправа, обвини лидерката на опозицијата Инес Аримадас во парламентот. „Да држите монолози, тоа можете да го правите добро, токму како и денеска. Но, вие не сакате да го водите дијалогот што секогаш го барате“. Опозицијата го покани веќе 15 пати на разговори за „каталонскиот проблем“. „И знаете ли колку пати  ја прифативте понудата? Ниту еднаш!“ Аримадас зборува неконвенционално, напаѓа остро, без завиени реченици. Сосема поинаку од Пуџдемон. Тој е познат по неговиот комплициран начин на изразување. За време на обраќањата на опозицијата, тој седеше мирно, гледаше и слушаше, а понекогаш се смееше кога го критикуваа. А тоа не престануваше.

Spanien Katalonien Ines Arrimadas Partei Ciudadanos
Инес АримадасФотографија: picture-alliance/Zuma/J. Boixareu

Повлечи-потегни

Аримадас имено ни оддалеку немаше завршено. „Ниту  'Процесот' не е толку кафкијански колку она што Вие го правите тука", му се обрати на Пуџдемон. „Дали е ова нормално, што се случи денеска, овој срам? Го губиме секој кредибилитет на меѓународно ниво. Не смеете да им го правите тоа на Каталонците“.

Што се случи? Пуџдемон го закажа својот говор за пладне, па го одложи за еден час, а потоа беше целосно откажан за на крајот, неколку часа подоцна, навистина да го одржи.

Ваквото повлечи-потегни ги открива длабоките пукнатини во неговата влада: ПДеКат (Каталонска европска демократска партија), на која ѝ припаѓа, е поделена на два табора. Умерениот дел го притискал Пуџдемон сѐ до првичниот термин за говорот да распише предвремени регионални. Тврдокорните во партијата пак барале независност по секоја цена.

Кога потоа каталонските медиуми јавија дека Пуџдемон дури и одредил датум за изборите, 20 декември, и кога веднаш потоа беа обзнанети оставките на двајца пратеници и партиски колеги на Пуџдемон, збрката беше перфектна. Еден од нив, градоначалник на место во северна Каталонија, својот чекор го образложи со тоа дека не може да прифати нови избори без прогласување на независност. Алберт Батаља преку Твитер порача: „Почит кон одлуката, но јас воопшто не ја споделувам“.

Конечно, под влијание на повеќе фактори, Пуџдемон повторно го промени ставот. Тврдиот, бескомпромисен дел од неговата коалиција на крајот победи. Резултатот: нема предвремени избори. Барем засега.

Spanien Katalonien Carles Puigdemont im Parlament in Barcelona
Фотографија: Reuters/A. Gea

„Вратата сѐ уште не е затворена“

Хавиер Гарсија Албиол, претседател на каталонскиот огранок на владејачката Нардона партија (ПП) на шпанскиот премиер Маријано Рахој, обично не е воздржан говорник кога станува збор за критиката на поддржувачите на независноста. Сепак, на почетокот изгледа малку беспомошен. Неговата партија не е во состојба да согледа како треба да се одвиваат нештата во наредните часови. Сите овие  промени на термините и него би го збуниле како и сите други. „Јас сум апсолутно убеден во тоа дека никој, дури и кај нив не знае како натаму“, вели Албиол. А очигледно нештата ќе продолжат да се одвиваат без претстава и без план.

Но на Пуџдемон, според Албиол, му останува уште една последна шанса. Тој му порача: „Ве молам, дојдете утре во шпанскиот Сенат и говорете и аргументирајте пред сите оние кои Ве поддржуваат и оние кои не ги делат Вашите ставови."  Албиол се нуди лично да го придружува Пуџдемон во Мадрид.

Денеска, шпанската влада има намера од Сенатот, меѓу другото, да добие одобрение за распишување на новите избори во Каталонија. Ова, како и развластувањето на владата Пуџдемон, шпанскиот премиер Рахој  минатата сабота го најави како одговор на заканата за отцепување на Каталонија. Со тоа Рахој за почеток го применува членот 155 од Уставот со кој може на „бунтовните региони“ да им биде укината автономијата.