1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија прогласи независност, Мадрид- принудна управа

БГ
27 октомври 2017

Каталонскиот парламент денеска се изјасни во прилог на независност на провинција, а само неколку минути подоцна горниот дом на шпанскиот парламент изгласа укинување на автономијата на Каталонија

https://p.dw.com/p/2mdBj
Spanien Barcelona - Katalanische Regierung und Abgeordnete singen Nationalhymne von Katalonien
Фотографија: Reuters/A. Gea

Состојбата во Шпанија е пред нова ескалација откако денеска, најпрво каталонскиот парламент се изјасни во прилог на независност на провинцијата, а набрзо потоа горниот дом на шпанскиот парламент и одобри на централната влада на премиерот Маријано Рахој да управува со Каталонија директно од Мадрид.
Во текот на денов, Рахој ќе одржи владина седница на која треба да се усвојат мерките со кои ќе ја преземе власта во Каталонија. Се очекува тоа да вклучува отпуштање на каталонската влада и преземање на контролата врз каталонската полиција.
Претходно, со 70 гласови „За“, 10 „против“ и две непополнети ливчиња, каталонскиот парламент најави формирање на независна држава.
„Формираме Каталонска република како независна и суверена држава на демократско и социјално право“, се наведува во резолуцијата на парламентот која беше поднесена од владејачката коалиција Обединети за Да и нејзиниот левичарски партнер. Откако беше усвоена резолуцијата, во парламентот одекна аплауз и беше испеана каталонската химна. Три партии: социјалистите, Народната партија на Рахој и центристите го бојкотираа гласањето. 

Spanien Senat in Madrid | Mariano Rajoy, Premierminister
Одлуката во шпанскиот сенат беше прогласена со аплаузФотографија: Reuters/S. Vera

Сериозна ескалација

Според аналитичарите, ова е најсериозната ескалација на политичка криза во Шпанија од неуспешниот воен удар во 1981 година.

Рахој реагираше преку Твитер: „Повикувам на мир за сите Шпанци. Владеењето на правото ќе ја врати легалноста во Каталонија“. Каталонските лидери претходно беа предупредени дека декларацијата за независност може да им заработи обвинување за „востание“, за кое можат да добијат до 30 години затвор.

Претходно, Рахој побара од Сенатот да го одобри активирањето на членот 155 од Уставот, кој му дозволува на Мадрид да преземе остри мерки против Каталонија.

Конфликт со долга историја

„Нема алтернатива. Единственото нешто што може и треба да се стори, е да се спроведе законот точно на начин кој ќе овозможи спроведување на законот“, рече премиерот.
Сецесионистите во Каталонија одржаа референдум на 1. октомври годинава, кој беше проследен со жестоко насилство од страна на шпанската полиција. Мнозинството граѓани на референдумот се изјаснија за независност, но унионистите го бојкотираа.
Каталонските националисти најавија дека ќе преземат ненасилни акти на граѓанска непослушност против било каква наредба од Мадрид, што веројатно ќе го отежне спроведувањето на директивите од централната власт.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи