Карантинот спречил 3 милиони смртни случаи од коронавирусот
8 јуни 2020Истражувањето на Кралскиот колеџ во Лондон, чии научници ја советуваат британската влада за коронавирусот, открива дека ограничувањата како што се наредбите да се остане дома успеале да ја стават под контрола епидемијата на Ковид-19. Користејќи ги податоците на Европскиот центар за контрола на болести за бројот на смртни случаи во 11 европски држави заклучно со 4 мај, тие го споредиле бројот на пријавени смртни случаи со бројката која била предвидена од моделите во случај да нема ограничувања. Тие проценуваат дека на тој начин биле спречени 3,1 милиони смртни случаи.
Научниците исто така пресметале дека ограничувањата го намалиле и репродукцискиот број- стапката на пренесување на вирусот од човек на човек- за 82 проценти и го свеле под 1,0.
„Нашите резултати покажуваат дека големите не-фармацевтски интервенции, а особено ограничувањата, имаа голем ефект врз ширењето на болеста“, велат авторите на студијата.
Научниците проценуваат дека кумулативно во тој период биле заразени меѓу 12 и 15 милиони луѓе во тие 11 земји, или меѓу 3,2 и 4 отсто од нивната популација. Бројките флуктуираат меѓу различните земји: Во Германија околу 0,85 од вкупното население било заразено од вирусот, додека во Белгија биле заразени 8 проценти, а во Шпанија 5,5 отсто.
Авторите велат дека е тешко да се процени каков бил ефектот на забраната за јавни собири и затворањето на училиштата, но откриле дека карантинските мерки во целина имале очигледен и значителен ефект и ја намалиле трансмисијата за 81 процент.
Земјите кои биле дел од студијата се Германија, Франција, Италија, Британија, Шпанија, Белгија, Австрија, Данска, Норвешка, Шведска и Швајцарија.