1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да прошверцувате мигрант од Бугарија!?

А. Монтанари/Џ. Пјацезе/бг25 август 2016

За илјадници мигранти кои успеваат да ја минат турско-бугарската граница единствена алтернатива е да го продолжат патот кон запад. А единствен начин да го сторат тоа е да им се препуштат на шверцерите

https://p.dw.com/p/1JpGV
Фотографија: DW/E.Barbiroglio

„Еднаш за еден ден заработив 2.400 евра. Цените вообичаено се меѓу 600 и 900 евра“, вели Асиф, кој седи во градина до џамијата во Софија, каде семејствата се подготвуваат за пат спакувани во ранци и во пластични кеси. Асиф има 25 години и потекнува од Авганистан. Минатата година почнал да шверцува луѓе меѓу Бугарија и Србија.
Трговијата со луѓе во Бугарија се случува постојано, но во летните месеци „бизнис“ станува многу профитабилен. Убавото време го олеснува минувањето преку шумите кон Србија.
„Тука работам по пет месеци. Потоа морам да се вратам во Италија, бидејќи не смеам да бидат отсутен предолго затоа што моето барање за азил се процесуира таму“, ни раскажува на совршен италијански.

Негостољубива земја

За работата бил регрутиран во Милано. Неговите газди барале некој кој зборува Дари, затоа што мнозинството бегалци во Бугарија се Авганистанци. Во оваа земја тие често се соочуваат со ксенофобични напади на десничарски групи. Бугарија важи за една од најнегостољубивите земји во Европа. Но, од друга страна, рутата преку Бугарија е најефтината до Германија или Франција, каде бегалците се надеваат дека ќе најдат работа и ќе му помогнат на остатокот од семејството да им се придружи.

Schlepper in Bulgarien
Асиф (десно) и неговите „колеги“Фотографија: DW/E.Barbiroglio

И Асиф ги оставил своите најблиски во Авганистан. Неговиот татко и брат тргуваат со луксузна стока. Како 14-годишник Асиф бил испратен на школување во Британија, но набргу бил избркан од училиштето и почнал илегално да патува низ Европа. На крајот завршил во Италија.
Асиф погледнува наоколу, неговите колеги гледаат од другата страна на паркот. Комуникацијата се одвива со погледи и едвај забележливо климање со глава. Од време на време, некој од нив доаѓа и го прашува што да прави. Паркот е всушност канцеларија на отворено: тука шверцерите ги собираат луѓето кои во текот на ноќта ќе заминат за Србија. Кога ќе падне ноќта, со такси се упатуваат до камионите, а бугарски возачи ги возат до границата со Србија. Оттаму продолжуваат со ЏиПиЕс сигнал.
Бугарските власти и граничната полиција точно знаат што се случува. Билал, колега на Асиф, редовно оди до кампот за бегалци кај Воена Рампа, на 20 минути од Софија. Го паркира својот црн Мерцедес пред портата, а мигрантите доаѓаат да ја договорат следната тура. Полицајците се прават дека ништо не гледаат.

Добар бизнис

Асиф и неговите колеги се само една од многуте групи кои оперираат во Софија. „Ние имаме свои клиенти, тие имаат свои. Не се тепаме околу луѓето. Мигрантите го имаат мојот број уште од Турција“, вели тој.
„Кога ќе стигнат тука, ме повикуваат и го договараме транспортот. Кога ќе стигнат до крајната одредница, семејствата во Авганистан им плаќа на моите пријатели (организацијата)“. Не сака да зборува за своите газди, но открива дека во моментов се во Авганистан и во Турција. .
„Доколку си под десет години, плаќаш половина цена“, објаснува Асиф. „Како во забавен парк!“
„Има некои кои плаќаат многу, па патуваат сами во еден автомобил, но вообичаено групите се состојат од 20 до 30 луѓе. Зависи колку можат да платат: колку повеќе плаќаат- помала е групата. Знаете, и јас имам трошоци“, вели Асиф.
Во ланскиот извештат Амнести интернешнл откри дека „луѓето во потрага по меѓународна заштита кои се обиделе да влезат во Бугарија биле одбивани на границата“. Поради тоа, единствената алтернатива за мигрантите е да ги полагаат своите надежи во шверцерите.

Asylbewerber in Bulgarien
Бугарските власти и граничната полиција точно знаат што се случува.Фотографија: DW/E.Barbiroglio