1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква економија ни треба

29 јуни 2019

Случајот со Драган Тевдовски е уште еден во низата во која универзитетските професори се наоѓаат зачудени од безмилосноста на политиката. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3LJfS
Dragan Tevdovski
Фотографија: Vlada.gov.mk

Во Демирхисарско тоа го викаат „курата среќа“. Тоа отприлика значи дека стигнало некое одредено задоволство, дури и среќа, но кога тоа веќе и не е сосема важно. Така отприлика би можела да изгледа ситуацијата за Драган Тевдовски, кој веројатно се чувствува изневерен, па дури и понижен, откако му било соопштено дека веќе нема да биде министер за финансии. Таа „курата среќа“ за Тевдовски може да биде поврзана со сатисфакцијата што неговиот македонски обид да се примени на некој начин данскиот економски и социјален систем, токму кога овде се подготвуваше неговата смена, во „земјата на раѓањето“ доживеа силна потврда. Дента кога Тевдовски беше разрешен од Собранието (не поднесе оставка, беше сменет на предлог од премиерот) во Копенхаген лидерката на Социјалдемократската партија на Данска, Мете Фредериксен, објави дека постигнала коалициски договор за формирање на новата малцинска влада, со поддршка на уште три левичарски партии. Фредериксен излезе на изборите со изборна платформа за поголеми даноци за бизнисот и богатите за да може да се зацврсти прочуената социјална држава која ја подјадуваа неколкуте влади на либералите во последниве петнаесетина години и да им се посвети огромно внимание на климатските промени. Данците се согласија со програмата на социјалдемократите да растат даноците за да можат да живеат подобро во иднината. Лидерот на либералите, Ларс Локе Расмусен, во четвртокот ѝ ја предаде премиерската функција на Фредериксен.

Тоа може да биде одредено задоволство за Тевдовски, професорот на Економски факултет, кој заврши постдокторски студии во Данска. И кому во многу наврати дури и му се потсмеваа дека данските искуствата сакал да ги применува во Македонија. Уште поголемо задоволство за него може да биде фактот дека новиот министер за финансии на Данска, Николај Вамен, е негов колега од Унверзитетот во Архус. А за нијанса уште поголемо задоволство може да му донесе фактот дека Данска е третата нордиска земја оваа година по Шведска и Финска кои добија левичарски влади токму на нивните пледоајеа за поголеми даноци за богатите за да се зачува драгоцениот социјален систем. Се разбира, југот никогаш не може да биде како северот, па макар и ние формално да бидеме северни.

Случајот со Драган Тевдовски е уште еден во низата во која универзитетските професори се наоѓаат зачудени од безмилосноста на политиката. Иако Тевдовски не е нов во политиката (повеќе години тој беше во врвот на СДСМ и ја креираше економската програма на партијата), но како и секој учен човек од универзитетските аули тој може да се чувствува како предаден. Па затоа во својот статус на Фејсбук напиша: „Чест ми е што ја водев најдобрата институција во земјава. Се гордеам што имав одличен тим со кој не се плашев да влезам во ниту една битка... И затоа со главата горе и целосно посветен се враќам на Економскиот факултет“. На овие зборови не им недостига патетика, но така доаѓа инстинктивната реакција кога се чувствуваш изневерен.

Dänemark:  Mette Frederiksen
Мете Фредериксен излезе на изборите со изборна платформа за поголеми даноци за бизнисот и богатите Фотографија: picture-alliance/AP/R. Schutze

Идеолошко двојство

Неговото разрешување и преземањето на работата на министерот за финансии од премиерот Зоран Заев од формална дистанца го отвори уште еднаш прашањето, како и сиве овие години – каква економија ѝ треба на Македонија. И кој треба да раководи со финансиите на земјава. Има една митологија која со децении се провлекува во макдонската политика – дека клучниот економски ресор во владата треба секогаш да му биде доделен на некој што имал големи врски со финансиите. Во основа, тоа е заблуда на овдешнава политика уште од самиот почеток на независноста. Владите се резултат на изборните победи на политичките партии, а министрите се поставуваат од редовите на тие партии не поради нивните економски квалификации, туку како да ги менаџираат и насочуваат парите што се собираат од давачките за да се постигнат одредени политички, економски и идеолошки цели. Затоа, во најголем број земји, министрите за финансии се личности од најголема доверба на премиерите, а не способните и докажани економисти.

Еве само неколку примери. Првиот е најсвежиот што го споменавме погоре, Николај Вамен, новиот дански министер за финансии. Овој магистер по политички науки од Универзитетот во Архус во претходната влада на социјалдемократите од 2011 до 2015 година прво беше министер за европски работи, а потоа министер за одбрана. Евентуалното поставување на Радмила Шекеринска на раководното место во Финансии овде би наишло на огромен ужас, па дури и клетви. Филип Хамонд, министерот за финансии во британската влада (второ место по важност во кабинетот) претходно беше министер за одбрана, па за надворешни работи. Па немаше ништо чудно кога Тереза Меј го именува за чувар на народните пари. Или случајот на Германецот Волфганг Шојбле, безмилосниот гонич за време на политиката на штедењето. Прво беше четири години министер за внатрешни работи, а потоа осум години министер за финансии. Сега е претседател на парламентот.

Се разбира, екстремно е тешко да се споредуваат македонската политика и онаа во европските земји. Но некои поуки може да се извлечат. Политичките партии се борат за власт и бараат од граѓаните гласови да ја спроведат нивната политичка програма. И нема ништо поприродно таа партиска програма да ја спроведуваат партиски луѓе. Затоа експериментите на овдешните социјалдемократи со луѓе од крупниот капитал на врвни места во владата, делува неприродно, анахроно и ужасно несоодветно. Кога Владо Бучковски го постави во својот кабинет како вицепремиер металургискиот тајкун Минчо Јорданов, тоа изгледаше како ексцес, но поставувањето на Кочо Анѓушев на истото место во сегашната влада на Заев веќе покажува дека тој вирус уште тлее.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Анатеми за „левичарење“

Во основата на ова се наоѓа клучното прашање – каква економија ни треба. Онаа што ќе ја промовира наводниот економски гуру Анѓушев како претставник на големиот капитал, или економијата која ќе ја спрoведува партијата која излегува на избори со програма. Многумина велат дека Кочо Анѓушев е своевидна петта колона на големиот капитал во владата, кој има инструкции колку што може да ги штити интересите на најбогатите. Можеби има некоја вистина во тоа. Сетете се на овие две години – Драган Тевдовски, некогаш почесто некогаш поретко, постојано беше обвинуван дека тој и неговите советници ги поминале границите на левичарењето. Всушност, самиот поим левичарска економска политика, беше оцрнувано како своевидно богохулење на улогата на пазарот. Дури тоа беше претставено како срамна политичка ориентација.

Медиумите тука повеќе несвесно и често опортунистички одиграа своја улога. За секоја мерка на владата – зголемување на минималната плата, прогресивниот данок, поголеми социјални издатоци – први што беа прашувани беа претставниците на „бизнисот“. Штитејќи го својот интерес тие претставници на „бизнисот“ (мал, голем или среден, сеедно) тие секоја мерка ја пречекуваа со задршка, ниедна не беше адекватна на нивните очекувања. Нема ништо нелогично капиталот да ги брани своите интереси, но има многу работи нелогични ако партијата која на власт дошла со една програма, за која граѓаните ѝ дале поддршка, да биде екстра чувствителна на овие интереси, а најпосле поради таквите недоумици уфрлени однадвор да ја поднесе сметката на избори. Анѓушев, како и претходно Јорданов, ќе замине во своите компании по евентуалниот пораз на СДСМ на изборите идната година и ќе тврди – направив сѐ што можев. Но што е тоа што го направил сето она што го можел – остварувањето на партиската програма со која СДСМ дојде на власт или прилагодувањето на таа програма на разните интереси на капиталот.

Други колумни од авторот:

Балканско предавство

Кој ќе плати за вестите

Ова не се зборови против Кочо Анѓушев, неговата способност не е во прашање – туку во ова лежи клучот за постоењето на партиите. Дали една влада може да си дозволи идеолошко двојство во самиот нејзин врв. Не во концепциските разлики, туку во идеологијата. Граѓаните на подолг рок ја ценат доследноста на ставовите. Доколку тие ставови лавираат, поддршката ќе биде амбивалентна, со поголеми амплитуди. Од следната недела ќе треба полека да гледаме што мисли да прави премиерот Заев откако ќе почне привремено да го раководи Министерството за фаинансии. Ќе преземе ли премиерот мерки Владата да се држи кон својата програма и да ја спроведува економската платформа на партијата или ќе се приклони кон опкружувањето каде што природно припаѓа – капиталот. Тоа ќе биде важно искуство за СДСМ – или ќе поврати дел од загубената доверба или ќе почне забрзано уште повеќе да ја губи. Раководењето со финансиите на една држава во ниеден случај не е исто со раководењето на една компанија. Како што не е исто она што го предава еден професор по економија на факултет со стотиците различни интереси кога се распределуваат парите во буџетот, а при тоа треба да се создаде рамка за развој.

Mazedonien Koco Angusev und Dragan Tevdovski
Каква економија е потребна? Онаа што ќе ја промовира наводниот економски гуру Анѓушев како претставник на големиот капитал, или економијата која ќе ја спрoведува партијата која излегува на избори со програма? Фотографија: Government of Republic of Macedonia

По неолиберализмот

Македонија во голема мерка е надвор од светските текови во економијата. Не зборуваме за тоа колку одредени професори знаат за светската економска мисла (има многу што тоа го следат на дневна основа), туку за тоа како дел од она што се заговара од познатите економисти да се најде начин некако да се примени во државата. И да се убедат политичарите кои одлучуваат за тоа. Драган Тевдовски би можел на своите студенти да им прочита делови на еден неодамнешен сензационален текст на нобеловецот Џозеф Штиглиц кој предизвика огромни реакции. Македонија во овој момент е во првата фаза на неолиберализмот, се разбира, примитивен, онолку колку што е и самото општество. А професорот на Универзитетот Колумбија, Штиглиц, во текстот насловен „По неолиберализмот“, објаснува каде сега треба да се движат општествата. Некои делови од овој текст Тевдовски може да му ги испрати на Заев, или да прераскаже на некоја од седниците на Извршниот одбор на партијата, за да може да се размислува и во таа насока.

Што пишува Штиглиц? „По 40 години неолиберализам во САД и други напредни економии, ние сега знаеме што не функционира. Неолибералниот експеримент - пониски даноци за богатите, дерегулација на пазарот на трудот и производите, финансизацијата и глобализацијата - е спектакуларен неуспех. Растот е понизок отколку што беше четврт век по Втората светска војна. По децении на стагнација или паѓање на приходите под тоа, неолиберализмот мора да биде прогласен за мртов и погребан“, пишува Штиглиц. Тој вели дека сега постојат три главни политички алтернативи за развојот: национализмот на крајната десница, централно-левичарскиот реформизам и прогресивната левица. Централната левица сакаше да го прикаже неолиберализмот со човечко лице и ги донесе политиките на Бил Клинтон и Тони Блер, што беа само лесна ревизија на финансизацијата и глобализацијата. Крајната десница се наежува при споменувањето на глобализацијата, обвинувајќи ги мигрантите и странците за сите сегашни проблеми, пишува Штиглиц.

„Спротивно на тоа, третиот камп се залага за она што го нарекувам ‘прогресивен капитализам’, кој пропишува радикално поинаква економска агенда, врз основа на четири приоритети. Првиот е да се врати рамнотежата помеѓу пазарите, државата и граѓанското општество. Бавниот економски раст, зголемената нееднаквост, финансиската нестабилност и деградацијата на животната средина се проблеми што се раѓаат од пазарот и затоа не може и нема да бидат надминати од самиот пазар. Владите имаат обврска да ги ограничат и да ги обликуваат пазарите преку еколошки, здравствени, професионални и други видови регулирање. Исто така, задачата на владата е да го направи она што пазарот не може или нема да го стори, како активно да инвестира во основни истражувања, технологија, образование и здравје на своите составни делови“, објаснува влијателниот нобеловец.

Има уште многу во неговите објаснувања. Можеби Тевдовски успеваше да насети дел од оваа нова економска мисла, можеби се обидел да го претстави тоа во владата. Можеби на владата тоа ѝ изгледало премногу комплицирано. Можеби поради идеолошкото двојство во економските ресори за ваквите идеи и воопшто не било расправано. И уште кој знае колку други можеби. Но факт е дека на левицата од социјалдемократски тип ѝ треба реинвентирање. Македонските социјалдемократи долги години се обидуваа примерите за дејствувањето да ги бараат кај класичните западноевропски побратими. Не во Скандинавија, на пример, ниту на Иберискиот Полуостров, во Шпанија и Португалија, каде социјалистите разбраа што се случува во општествата и успешно владеат. Во Германија таа агенда на „прогресивниот капитализам“ како што ја нарекува Штиглиц, извонредно успешно ја разработуваат Зелените. Тие се доследни и знаат што сакаат, затоа сега на анкетите се и пред партијата на Ангела Меркел.

Ќе биде интересно да се види дали подновената македонска влада ќе покаже дека знае што сака, дека можеби не ги чита економските дебати, но чувствува што треба да направи. Или ќе дозволи големиот капитал внимателно и да не се забележи да ги насочува нејзините чекори.        

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар