Казахстан има нов премиер
11 јануари 2022Алихан Смаилов беше казахстански министер за финансии во периодот од 2018 до 2020 година. Во 2019 година, во кабинетот на Аскар Мамин, беше и прв вицепремиер. Премиерската функција Смаилов ја извршува веќе од пред една недела, кога беше отпуштена старата влада.
Во поранешната советска република богата со нафта и гас, која се граничи со Русија, во изминатите денови дојде до немири и насилство, особено во главниот град Алмати. Старата влада поднесе оставка поради протестите.
Речиси 10.000 уапсени
Во безбредијата загинаа и беа повредени голем број луѓе. Точниот број засега е сѐ уште непознат. Медиумите, повикувајќи се на Министерството за здравство, информираа за најмалку 164 загинати. Но, Министерството за информации подоцна го повлече ваквото соопштение.
Во редовите на безбедносните сили, како што изјави претседателот Касим-Жомарт Токаев, има 16 загинати и повеќе од 1600 повредени. Бројот на цивилни жртви „во моментов се проверува“, рече тој.
Во меѓувреме се менува информацијата за бројот на уапсени во немирите. Според Министерството за внатрешни работи, во текот на безредијата се уапсени околу 9900 лица.
Токаев, со оглед на немирите, побарал помош од воениот сојуз кој го предводи Русија - „Организација на Договорот за колективна безбедност“. Војниците на овој сојуз, кои пристигнаа неодамна, би требало веќе неделава да го напуштат Казахстан, вели претседателот. За два дена треба да почне постепеното повлекување, рече Токаев во говор во парламентот. Главната мисија на тие трупи, според него, е „завршена“.
„Во Казахстан е воспоставен целосен поредок“, нагласи Токаев, додавајќи дека потрагата по „терористите“ продолжува. Според него, меѓу напаѓачите имало милитантни исламисти од други централноазиски земји и Авганистан, како и од Блискиот Исток.
Кина и Русија сакаат за спречат револуција
Кина го дели мислењето на казахстанскиот претседател дека причина за немирите биле терористички активности, информираат кинеските државни медиуми по телефонскиот разговор на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Кина и Русија би требало „да се спротивстават на мешање на екстерни сили во внатрешните работи на централноазиските земји“ и да спречат хаос предизвикан од „шарени револуции“ и „трите зли сили“. Кина „трите зли сили“ ги дефинира како верски екстремизам, територијален сепаратизам и насилен тероризам.